Македонија
Заев: Во Словенија имаме силен сојузник за членство во ЕУ и НАТО
Словенија потврди дека е силен сојузник за евро-атлатските аспирации на Македонија, изјави претседателот на Владата, Зоран Заев, кој попладнево се сретна со словенечкиот премиер, Миро Церар, кој е во официјална посета на земјава.
Заев во изјавата за медиумите им се заблагодари на премиерот Церар и на граѓаните на Република Словенија, во име на македонските граѓани и Владата на Македонија, за силната поддршка во евро-атлантските интеграции на нашата земја.
„Во овој важен период за Република Македонија, Република Словенија стои до нас и тоа е силен влог во натамошните билатерални односи и во развојот на економската соработка. Заеднички целиме кон напредок во регионот и пристап базиран на индивидуални заслуги за членство во ЕУ. По денешната посета и заедничка средба верувам дека позитивни резултати, и за Македонија, и за Словенија, и за регионот, се можни и се извесни, изјави премиерот Заев.
Тој додаде дека Словенија е добар пример како се напредува на економски и евро-атлантски план и рече дека во Словенија имаме силен сојузник за нашите аспирации за членство во ЕУ и НАТО“.
„Потребна ни е поддршка во пресрет на новонајавениот засилен дијалог на Република Македонија со Европската Унија, во рамки на спроведувањето на Стратегијата за проширување на ЕУ и посебно во услови кога бугарското и претстојното австриско претседателство на ЕУ се фокусираат на регионот. Ние како Влада веруваме дека ќе добиеме чиста препорака од Европската комисија, со што на мајскиот Самит ЕУ – Западен Балкан во Софија и јунскиот Совет на ЕУ, се отвораат услови за Македонија да добие датум за почеток на разговорите за пристапување кон ЕУ. Тоа ќе значи нова светла страница во иднината на државата и за нашите граѓани“, рече во изјавата за медиумите премиерот.
Тој дополни дека во изминатите 10 месеци Македонија покажа дека цврсто стои позади демократските вредности и политиките на добрососедство, земјата се посвети на зајакнување на владеењето на правото, на слободни медиуми и на инклузивното управување, на надминување на билатералните спорови, што како што рече, е базата со којашто Македонија дава дополнителни аргументи, на Словенија, како и на земјите од демократскиот свет, посилно да ѝ помогнат на Република Македонија во остварувањето на стратешките цели, членство во ЕУ и НАТО.
Двајцата премиери и владините делегации разговараа и за геополитичките состојби и споделија визија за стабилност, економски развој и евро-атлантски перспективи на целиот Западен Балкан.
Словенечкиот премиер и владината делегација од Словенија беа пречекани со највисоки почести при денешната возвратна посета на Република Македонија. Тие се тука и утре, кога заедно со големата економска и бизнис-делегација, заедно со колегите од Македонија ќе учествуваат на бизнис-конференција во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

