Македонија
Средба на Заев со амбасадорката на ОБСЕ: Да се искористи позитивниот момент за напредок на Македонија
Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Нина Суомалаинен, амбасадорката на ОБСЕ во заминување, поради завршувањето на нејзиниот мандат во земјата. На средбата се разговараше за реформските усогласувања во разните области во согласност со извештаите на ОБСЕ, за актуелната политичка ситуација во нашата држава и за интеграциските перспективи на земјава. Заеднички е заклучокот дека реформите и добрососедските политики со пријателски и конструктивен дух се голем придонес во напредокот на државата и дека овој позитивен момент треба да се искористи за понатамошни исчекори.
Заев информира дека реформите во изборното законодавство се прават во согласност со забелешките во извештаите на ОБСЕ. Исто така, премиерот информира дека реформите во медиумите се во насока на отворање простор за истражувачкото новинарство, за јасен критицизам и за слобода на говор. А се работи и на реформи на професионализација на јавната администрација и на градење капацитети на институциите во согласност со потребите на граѓаните. Поздравени се реформските политики на Владата, со акцент на потребната заштита на безбедноста на новинарите, како и реформите во полицијата.
„Работиме на заокружување на реформскиот процес, кој е важен за ЕУ и НАТО, но и за квалитетот на живот на граѓаните, низ инклузивни политики. Работиме и на развој на добрососедските односи и на затворање на билатералните прашања што стојат на патот на евро-атлантскиот пат на Македонија. Градиме општество со еднакви права и шанси за сите. На меѓународен план сме позиционирани на страната на мирот, против тероризмот и насилниот екстремизам. Очекувам позитивен период за Република Македонија, датум за почеток на преговорите со ЕУ и покана за членство во НАТО“, рече Заев.
Амбасадорката на ОБСЕ, Нина Суомалаинен, додаде дека организацијата останува поддржувач на демократските процеси во нашата држава и отворена е за сите експертски потреби на земјата и граѓаните. Заев се заблагодари за пријателската и принципиелна поддршка што ја има Република Македонија од страна на Мисијата на ОБСЕ, но посебно за личниот ангажман, вложените напори и енергија, на амбасадорката Суомалаинен за време на нејзиниот мандат, посебно за време на политичката криза, а во насока на демократска разврска и напредок на нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

