Економија
Заев ги повика компаниите да конкурираат на тендери од 270 милиони евра за изградба на патна инфраструктура
Во организација на Стопанска комора на Македонија денеска се одржа македонско-словенечки бизнис форум на кој почесни гости беа премиерите на Република Македонија и Република Словенија, Зоран Заев и Миро Церар. Пред присутните деловни луѓе од двете земји се обратија и претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, и генералната директорка на Стопанска комора на Словенија, Соња Шмуц. Во своите обраќања премиерите на двете земји изразија силни уверувања дека економската соработка и традиционалното долгогодишно пријателство помеѓу двете земји ќе се унапредува.
Премиерот Зоран Заев во своето обраќање пред деловните луѓе од двете земји истакна дека пријателството меѓу Македонија и Словенија освен политичко е и деловно и граѓанско. „Доаѓа време кога треба да го фатиме зенитот на тоа пријателство и да ги искористиме традиционалните врски на соработка кои може да донесат бенефит и за двете земји“, порача Заев.
Тој ги повика стопанствениците да ја унапредуваат меѓусебната соработката и да бидат дел од развојот на економските и политичките односи меѓу двете земји. Тој сподели лични искуства на соработка со словенечки фирми во периодот кога бил дел од приватниот сектор и оцени дека инвестиционата и економската соработката меѓу компании од двете земји е долгогодишна и традиционална. „Верувам дека трговската размена меѓу двете земји може да биде многу поголема. Расте секоја година од 10 до 15 проценти, се подобрува и нашиот извоз кон Словенија, но верувам дека постојат многу сериозни потенцијали. Ќе ја искористам пригодата да кажам дека сум горд и на инвестицијата на Алкалоид и на инвестицијата на ИГМ во Словенија“, истакна Заев.
Премиерот Заев ги повика словенечките и македонските компании да конкурираат на тендери од преку 270 милиони евра за изградба на патна инфраструктура за оваа година и да учествуваат во инвестиции во енергетскиот сектор. Тој информираше дека се водат разговори помеѓу двете влади за развој на механизам кој ќе значи развојна компонента на Словенија во Македонија, се работи за грант од 25 милиони евра и кредити од словенечките банки за проекти од екологијата и инфраструктурата, механизам што ќе се доработи на ниво на влади, а ќе се однесува пред сè за словенечките компании и за македонските компании кои традиционално соработуваат со словенечки компании.
„Јас сум убеден дека ќе го зголемиме извозот на Република Македонија кон Словенија, но и на Словенија кон Македонија. Трговската размена може само да расте и убеден сум дека голем дел од вашите компании може да остварат сериозен профит овде, во Македонија, работејќи на сите отворени перспективи и проекти“, им порача премиерот на присутните стопанственици во рамки на македонско-словенечкиот бизнис-форум во организација на Стопанска комора на Македонија.
„Важно е пријателството помеѓу Македонија и Словенија да го градиме секојдневно преку политички и деловни односи, соработка во областа на економијата, преку културата, науката и сите други области во кои соработуваме и уште поинтензивно ќе соработуваме како две пријателски држави“, истакна словенечкиот премиер, Церар. Тој порача дека радува фактот што Република Македонија го избра патот на евро-атлантски интеграции, за што оцени дека претставува гаранција за долгорочна економска и политичка стабилност на земјата. За економска стабилност на земјите премиерот Церар рече дека е важно Владите да обезбедат политичка стабилност, посебно земјите од Западен Балкан. Во однос на понатамошно интензивирање на економската соработка, премиерот Церар рече дека постојат потенцијали во повеќе области како што се енергетиката, прехранбената индустрија, туризмот, инфраструктурата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трамп денеска воведува царини за Канада, Мексико и Кина: паѓаат индексите на њујоршката берза
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе воведе агресивни царини за главните американски трговски партнери.
Каролин Левит, прес-секретарот на Белата куќа, рече дека Доналд Трамп ќе воведе царини од 25 отсто за Мексико и Канада, како и 10 отсто за Кина, како одмазда за „нелегалниот фентанил што тие го купиле и дозволиле да се дистрибуира во нашата земја“.
Белата куќа даде неколку детали за тоа како точно ќе се проценат давачките, велејќи дека тие ќе бидат достапни за јавноста „во одреден момент во сабота“.
„Тоа се ветувања што ги даде претседателот и ветувања што ги одржа“, рече Левит.
Немаше споменати можни ослободувања од царински давачки; Белата куќа го негираше претходниот извештај на Ројтерс дека ќе има барем некои исклучувања, а не само општи мерки што ги покриваат сите производи.
Заедно, САД прават околу 1,6 трилиони долари годишно во бизнис со овие три земји. Трамп се обидува да ги користи тарифите како алатка за преговори и како метод за влијание врз промените во надворешната политика, особено за прашањата за имиграцијата и трговијата со дрога.
Волстрит: Индексот паѓа по објавувањето на тарифите
Индексот S&P 500 се откажа од добивките во петокот, бидејќи пазарот на Волстрит реагираше на веста дека агресивните царини на претседателот Доналд Трамп против главните американски трговски партнери ќе започнат во сабота.
Индексот на широкиот пазар падна за 0,5%, додека Dow Jones Industrial Average падна за 337 поени, или 0,8%, под притисок од падот на Chevron. Технолошкиот Nasdaq Composite падна за 0,4%.
На своите највисоки нивоа, синиот чип Dow беше во пораст за околу 170 поени. Реагираа акциите изложени на тие пазари, како што се Corona brewer Constellation Brands и мексиканскиот синџир на храна Chipotle, кои загубија 2% и 1%, соодветно, по веста.
„Ова е многу слично на она што го видовме во понеделникот, со DeepSeek, нели? Значи, имаше вести; „Првата реакција беше да се продаде“, рече Том Хајнлин, висок инвестициски стратег во US Bank Asset Management Group.
Инвеститорите, исто така, го свртеа своето внимание кон Apple, чии акции пораснаа откако компанијата ги надмина фискалните очекувања за првиот квартал. Додека Apple објави разочарувачки продажби на iPhone, приходите од услугите се чини дека заземале централно место. Последен пат со акциите се тргуваше за 1% пониско. Акциите на Chevron и Ekkon Mobil паднаа за 5% и 3%, соодветно, поради разочарувачките резултати во четвртиот квартал.
Економија
Николоски: Во перидот што следува ќе ставиме во функција уште најмалку 10 километри експресни патишта и 40 километри автопат
Започнавме амбициозна агенда за инфраструктурен развој со цел да ја искористиме стратешката позиција како крстосница на Балканот за да донесеме економски бенефит за државата и регионот, се обрати вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на Генералното собрание на Асоцијацијата на Балкански комори што денеска се одржа во Скопје.
На Собранието, тој ја презентираше владината програма за развој на инфраструктуртата во делот на патната и железничката мрежа. Истакна дека Владата засилено работи на изградба и модернизација на двата паневропски коридори 8 и 10 како и на кракот 10 д.
„Само во јануари ставивме во функција 42 км експресни патишта, a очекувам во перидот што следи да ставиме во функција уште најмалку 10 км експресни патишта и 40 км автопат. Исто така очекувам оваа година да отвориме фронт за работа за уште 67 километри автопат. Во месец февруари да започнеме со изградба и на автопатот Тетово – Гостивар, така да целиот западен дел на коридор 8 да се работи. Во делот на коридор 10 д, ставивме во фунција еден дел од експресниот пат Прилеп – Градско, во следните два месеци очекуваме и вториот дел да го ставиме во функција. Минатата есен започнавме со изградба на автопат Прилеп – Битола, а оваа година очекувам да најдеме решение и за обиколница за Битола” истакна вицепремиерот Николоски.
Тој додаде дека се работи и на проектирање за експресен пат Куманово до Страцин, а во делот на кородор 10 се работи на проектирање на нова патна врска од Гевгелија преку Струмица до границата со Бугарија.
„Во делот на коридор 10 работиме на изнаоѓање на финансиски средства за изградба на брза пруга по целиот коридор како дел од европскиот коридор 10 кој оди од Атина до Виена и за брзо време ќе споделиме добри информации за овој проект. Тоа би било решение за брза пруга до 200 км за час за патнички и 120 на час за карго сообраќај. Со ова ќе ги отвориме јужните пристаништа кон Централна Европа” – истакна вицепремиерот Николоски.
Во своето обракање тој потенцира дека политиките во авиосообраќајот донеле нови 9 дестинации, а во однос на брзиот транспорт на граничните премини додаде:
„Веќе постигнавме договор со Грција за сериозно зголемување на граничниот премин Богородица до 12 ленти, исто така со Србија имаме интензивна комуникација да содадеме целосна функционалност со “One Stop Shop”, oчекувам до месец април со Косово да имаме “One Stop Shop”, а во однос на граничните премини Ќафасан и Деве Баир, интенизивно работиме на нивно проширување и модернизацијa”- истакна вицепремиерот Николоски.
Економија
Димитриеска-Кочоска: Немаме ништо против минимална плата 450 евра, ако се договорат работодавците и работниците, ќе ги поддржиме
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ќе поддржи минимална плата 500 евра доколку има таков договор меѓу работодавците и синдикатите. Вели дека зголемувањето ќе влијае на малкумина вработени што земаат плата од државата.
„За минималната плата ќе разговараат работодавците и работниците. Ние ќе го следиме процесот и она што ќе го договорат меѓусебе, ние тоа ќе го прифатиме. Зошто? Затоа што во изминатиот период врз база на направените анализи констатиравме дека минималната плата како компонента што влијае на платите во државните органи опфаќа многу мал број државни службеници, приближно 14.000 мислам дека беа. Сите други не се поврзани, така им се дефинирани според систематизациите, не се поврзани со минималната плата, така што како држава ние немаме ништо против, што ќе се договорат меѓусебе двете страни, ние тоа ќе го поддржиме“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Барањето на некои комори државата да плаќа дел од придонесите за да може минималната плата да се заокружи на 500 евра, Димитриеска-Кочоска децидно вели дека тоа е обврска што ќе мора да си ја плаќаат кон државата оти не е предмет на договор. Освен тоа, според министерката, во земјата се плаќаат придонеси што се многу пониски од оние во соседството, па затоа смета дека нема потреба од измени во тој дел.
Сојузот на стопанските комори уште на првомајскиот протест лани пред изборите побара од новата Влада во првите 100 дена минималната плата да ја крене на 450 евра, но за ова барање сѐ уште се водат преговори.