Македонија
Димитров и Коѕијас ќе се сретнат во Охрид, пишуваат грчките медиуми
Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, ќе имаат нова средба на 12 април во Охрид, објави грчкиот портал reader.gr. Од македонското Министерство за надворешни работи засега нема информација за средба на Димитров и Коѕијас.
Ова ќе биде трета средба на двајцата министри за кус период. Минатиот месец Коѕијас беше во Скопје, а потоа заедно со Димитров во Виена се сретнаа со медијаторот Метју Нимиц.
„Целодневниот состанок беше продуктивен, што ме прави оптимист за иднината. Паралелно со нашиот состанок, дипломати и експерти од двете земји работеа на дел од контроверзните аспекти на договорот, особено фокусирани на идниот однос меѓу двете држави, каде што исто така е забележан напредок. Серијата состаноци ќе продолжи и во иднина, трасиравме пат за работа и можам да кажам дека, без да откривам детали, адресиравме тешки прашања“, изјави Нимиц по средбата што се одржа на 30 март.
Димитров по средбата рече дека разговарале за сите отворени прашања, за целиот пакет.
„Можам да кажам дека направивме условен прогрес, условен напредок бидејќи како одиме напред така доаѓаме и до тешките прашања и мислам дека и од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за Република Грција, што е тоа што е најважно за Република Македонија и дали можеме во компромисот кон којшто се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа, не зачудува што колку поотворено, поконкретно чекориме кон решение, така и тешкотиите излегуваат сè повеќе на виделина“, рече Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
101 санкција за непрописно вградени фолии во автомобили во јануари
Во периодот од 01.01.2026 до 31.01.2026 Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе сообраќајни контроли на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возачи кои не ги исполнуваат пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата, извести МВР.
При контролата санкционирани се 101 учесник во сообраќајот. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци, велат од Министерството и додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Нема вработувања во Град Скопје – нема да дозволам ниту еден денар од буџетот на скопјани да биде злоупотребен!
„Нема вработувања во Град Скопје – нема да дозволам ниту еден денар од буџетот на скопјани да биде злоупотребен!“, порача градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Јавно побарав од сите советници да гласаат против одлуката од минатото за вработување на 21 лице, одлука што директно би го чинела градот 1,4 милиони евра. Тоа се пари на граѓаните, средства со кои можеме да изградиме кружни текови, да обезбедиме нови автобуси и да реализираме проекти што носат реална корист за Скопје. На градскиот буџет гледам како на сопствениот.
Кога го презедовме градот во финансиски колапс, со одговорно и домаќинско работење успеавме повторно да го исправиме на нозе. И затоа, партиските апетити немаат место во Град Скопје. Се бориме за Скопје какво што го сакаме – функционално, чесно и во служба на граѓаните“, кажа Ѓорѓиевски.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

