Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Реформите што ги вети СДСМ завршија пред да почнат
Република Македонија е заробена држава. СДСМ ги девалвираше правото и правниот систем во државата. Судството не работи по силата на законот, туку под притисок на власта, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на денешното соопштение на владејачката СДСМ.
„Реформите што ги најавуваа како да беа ветувани на први април, завршија уште пред да почнат. Правосудните органи се партизираат со партиски кадри, а институциите се користат за пресметка со политички неистомисленици. Апатијата што завладеа на општествено-политички план се отслика и во економијата. Минатата година економијата по долго време за првпат не оствари раст. Државата се соочи со пад на градежништвото од 20% и застој на сите инфраструктурни проекти почнати од ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението на опозициската партија.
Оттаму велат дека СДСМ не знае да менаџира со парите на граѓаните.
„Покрај тоа што ги троши немилосрдно и без концепт за раст и развој, истата ја задолжи државата со милионски суми. Притоа не само што не направи нешто продуктивно со истите туку и ги чува без за нив да зема камата, во исто време плаќајќи камата за основниот долг, со што до сега ја оштети државата за 1.5 милиони евра. Долга е листата на неуспеси на оваа власт. Неуспесите со СДСМ на власт станаа наше секојдневие. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да поднесе барање за гласање доверба на Владата. Граѓаните заслужуваат подобро. Државата заслужува подобро“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Влен“: Почна вистинското чистење на Скопје од ѓубрето и старата политика
По месеци на давење на градот во лоша миризба, ѓубре, запуштеност и пропаганда, од коалицијата „Влен“ велат дека почнало вистинското чистење на главниот град и општината Чаир. Од партијата наведуваат дека акцијата не се однесува само на улиците, туку и на „целиот менталитет што го остави градот во хаос со години“.
„Мирисот што доаѓаше од контејнерите беше ист како мирисот што доаѓаше од канцелариите на довчерашната власт, власт што блокираше, крадеше и не се грижеше за никого освен за себе“, се наведува во соопштението.
Според „Влен“, граѓаните на Скопје на 19 октомври и 2 ноември ставија крај на оваа ера на политичко загадување.
Во партиското соопштение се додава дека е соборена неуспешната ко-влада меѓу Арсовска, Блерим Беџети и Левица, трио што оставило зад себе кал, долгови и град што се дави во хаос. Од ВЛЕН оценуваат дека оние што сакаа да им наштетат на Ссопјани, особено на Чаир, сега гледаат дека градот можеше да се исчисти и навистина се чисти, без нив.
Во завршниот дел на соопштението се наведува дека денес, Чаир со Изет Меџити на чело дише слободно.
„Улиците се чистат, но пред сè, се отстрануваат последиците од долгогодишните блокади и занемарувањето на чаирчани од страна на градската власт. Ова е чистењето што го чекаше Скопје – чистењето на совеста, одговорноста и старата политика“, порачаа од „Влен“.
Македонија
Променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Времето денес ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено во северозападните и северните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 15 степени.
До понеделник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа повремено врнежите ќе бидат поројни и пообилни со услови за појава на грмежи. Во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²). Од вторник ќе има стабилизирање на времето.
Македонија
Ѓорѓиевски објави фотографии од почетокот на акцијата за чистење, поддршка му даде и Мицкоски
Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави фотографии на социјалните мрежи на кои се гледаат десетици камиони и други возила кои ќе го чистат Скопје.
Ѓорѓиевски во неговата изборна кампања вети дека кога ќе стане градоначалник, откако ќе му биде врачен мандатот за 72 часа ќе го исчисти Скопје.
„Започна големата акција за чистење на Скопје! За 72 часа, нашата метропола ќе ја добие свежината и сјајот кој го заслужува. Секој агол, секоја улица, плоштад со заеднички сили ќе бидат чисти. Скопје ќе блесне – уредено и достоинствено, токму како што доликува!“, напиша Ѓорѓиевски.

