Македонија
(Видео) Велигденска литургија во Соборниот храм во Скопје
Православните верници го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото Воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Илјадници верници синоќа ги посетија храмовите низ целата земја. Со зборовите „Христос Воскресна-Навистина Воскресна“, православните верници си го честитаа големиот христијански празник Велигден, точно на полноќ.
Празнувањето продолжува и денеска каде верниците ќе ги посетат храмовите и ќе запалат свеќа за здравје, среќа и љубов. Црковна делегација на МПЦ-ОА на скопскиот аеродром вчера го презеде Благодатниот оган што со авион во земјава пристигна од Ерусалим преку Софија. Благодатниот оган од Софија го донесе владиката Иларион од Брегалничката епархија. Оганот во фенер од скопскиот аеродром беше пренесен во Соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје, а потоа и во другите епархии и храмови низ државата. Ова е првпат МПЦ-ОА за Велигден официјално да го добие Благодатниот оган со помош на Бугарската православна црква.

Овој празник е спој на верата и традицијата, а почнува на Велики четврток уште пред изгрејсонце кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца. Велигденското јајце е старо колку и Христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото Воскресение. Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воено ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта христова и спасението.
Утрово во Соборниот храм „Свети Климетн Охридски “се одржа велигденска литургија.
Со свечената Велигденска литургија, во сослужение со членови на Архијерејскиот Синод и со свештенството на соборниот храм, чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој во своето послание по повод Велигден истакна : „Сега, кога веќе ни е откриен вечниот живот, да не бидеме упорни во омразата и злото, туку да бидеме постојани во покајанието и простувањето, во воздржувањето и трпението. Да се трудиме да не бидеме повод за соблазна и да не биде хулено името Христово поради нашите дела и постапки. Да се молиме во мир, но и со мир да излегуваме во светот, зашто не би можеле вистински да се радуваме ако сè уште грешиме и ако не сме помирени со Бога“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За првпат во Македонија е изведена хируршка интервенција кај дете со ретка конгенитална деформација
На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за прв пат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет (Sprengel deformity), во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.
Интервенцијата претставува значаен чекор во јакнење на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби во детската возраст, преку тимска работа, пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.
„Оваа интервенција е резултат на врвна мултидисциплинарна координација – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и ургентна поддршка – со јасен фокус на сигурноста и квалитетот на самата постапка. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме значаен исчекор во третманот на ретки конгенитални деформации кај деца. Нашата цел е овој тип процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, со континуирана едукација и развој на домашните тимови,“ вели директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.
Според министерот за здравство, Азир Алиу градењето доверба во здравствениот систем се прави со ваков вид на резултати, со знаење, со тимска работа и со создавање услови најсложените интервенции да се изведуваат во државата.
„Ова е пример како меѓународната соработка, размената на експертиза и знаење директно се претвораат во подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат модерен, функционален и одржлив здравствен систем“, вели министерот Алиу.
Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Ова најчесто предизвикува видлива „испакнатина“ и ограничување на движењето на рамото. Состојбата неретко е поврзана и со други придружни наоди, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза, а понекогаш и дополнителна коскена/влакнеста врска со ’рбетот (омовертебрална лента), поради што за прецизна дијагностика и планирање се користат снимања како КТ и/или МРИ. Оперативниот третман најчесто се резервира за потешки случаи во возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и изгледот.
Македонија
„Зелен хуман град“: Министерството за животна средина со децении противзаконски толерирало загадувачи
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ денеска го обвини Министерството за животна средина дека со децении противзаконски толерирало загадување, дозволувајќи информациите за емисии и согорување да се кријат под изговор на „деловна тајна“.
Во соопштението се наведува дека Министерството, обидувајќи се да се оправда за едно, како што велат, злодело, признало друго – дека со години дозволувало загадувањето да се третира како деловна тајна, иако, според иницијативата, не постои законска основа загадувањето или штетата по животната средина и здравјето да бидат класифицирани на таков начин.
Од „Зелен хуман град“ посочуваат дека Министерството тврди оти постоеле закони и подзаконски акти што ѝ овозможувале на индустријата да ги крие податоците за согорување, но прашуваат кои се тие акти и каде се, наведувајќи дека, освен Законот за тутун, не постои друг пропис во кој загадувањето може да се смета за деловна тајна.
Според иницијативата, додека институциите ја насочувале вината кон домаќинствата како најголеми загадувачи, со најновите изјави излегло дека со децении се прикривал еколошки криминал на штета на здравјето на граѓаните и животната средина.
„Зелен хуман град“ бара Јавното обвинителство по службена должност да отвори итна истрага за институционалната улога во прикривањето на загадувањето, да утврди кој, кога и по чија наредба дозволил информациите да се кријат од јавноста и да се утврди кривична одговорност кај сите инволвирани.
Иницијативата бара и целосна јавност на сите податоци за емисии, без исклучоци, посочувајќи дека правото на здрав живот е загарантирано со Уставот.
Фото: pexels
Македонија
Рената Дескоска избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија
Професорката по уставно право и поранешна министерка за правда, Рената Дескоска, е избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија.
Како што соопшти Дескоска, за нова претседателка на Венецијанската комисија е избрана Марта Картабија, професорка по уставно право и поранешна министерка за правда на Италија. Заедно со Дескоска, за потпретседатели се избрани и Ерик Холмовик од Норвешка и Тимоти Оти од Обединетото Кралство.
Дескоска наведува дека е првата потпретседателка на Венецијанската комисија која доаѓа од Македонија, како и прва која потекнува од земја што не е членка на Европската Унија, ниту од земјите произлезени од поранешна Југославија.
Според неа, изборот претставува признание за нејзиниот досегашен ангажман и придонес во работата на Венецијанската комисија. Таа информира дека досега учествувала во изработката на 14 мислења за различни земји, кои биле презентирани на пленарни седници и едногласно усвоени, како и во повеќе мисии и конференции како претставник на Комисијата.
Дескоска посочува дека изборот за втор човек на Венецијанската комисија го доживува и како дополнителна обврска за продолжување на ангажманот во промоција на европските стандарди во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото.

