Македонија
Секоја петта бремена Ромка е малолетничка

Ромките од Шуто Оризари и годинава се соочуваат со сериозни пречки во пристапот до основни здравствени услуги за репродуктивно здравје, што се потврдува и со загрижувачките податоци за бројот на малолетнички бремености меѓу Ромките.
Теренското истражување спроведено во 2017 година покажало дека дури 20 отсто од бремените Ромки од Шуто Оризари – или секоја петта бремена Ромка, се малолетнички. Раната бременост и родителство сериозно влијаат врз конкурентноста на пазарот на трудот и придонесуваат кон прекинување на понатамошното школување, со што се создава економска зависност и сиромаштија, се наведува во Иницијативата на жени од Шуто Оризари, по повод Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април.
Ваквата состојба, како што се посочува, ја потврдува потребата од воведување едукација за младите и од услуги за заштита и унапредување на нивното репродуктивно здравје, што директно ќе придонесе кон намалување на бројот на малолетничките бремености. Едукацијата за начините на заштита од несакана бременост и од сексуално преносливи инфекции, според нив, ќе ги опреми младите со информации и знаења кои се неопходни за донесување на важните одлуки во животот.
Истото истражување покажа дека дури 82 отсто од Ромките од Шуто Оризари го платиле прегледот кај матичниот гинеколог иако според прописите од областа на здравствената заштита, оваа услуга им следува бесплатно.
„Согласно Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца, прегледите и лабораториските анализи во текот на бременоста им следуваат бесплатно на бремените жени без здравствено осигурување, жените без документи за лична идентификација, Ромките и жените од социјално ранливи категории, но според нашето истражување, ова се почитува во само 20 отсто од случаите, додаваат од Иницијативата.
Ваквата практика во ординациите на матичните гинеколози ги одвраќа жените редовно да ја следат бременоста и со тоа директно се загрозува нивното здравје и живот. Иницијативата на жени од Шуто Оризари бара институциите, пред се ФЗОМ и Министерството за здравство да им дадат врвен приоритет на здравјето и животот на бремените жени, односно да изнајдат трајно системско решение за целосно стопирање на практиката на незаконска наплата на здравствените услуги од страна на матичните гинеколози и да обезбедат целосно спроведување на мерките од превентивните програми на Министерството за здравство за унапредување на репродуктивното здравје на Ромките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова по новиот инцидент на трибините: Селективната осуда е лицемерие

По новите националистички скандирања на спортските трибини, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со јавна реакција на социјалните мрежи. Таа порача дека сцените од синоќешниот натпревар меѓу Шкендија и Карабах се реприза на неодамнешната кумановска трагедија и предупреди дека селективното реагирање на вандализмот води кон лицемерие и цинизам.
„Сеопштата осуда на навивачкиот примитивизам на сите ни влеа надеж за цврста решеност за справување со овој неспортски феномен. Но, хипокризија и цинизам е селективното реагирање на неспортскиот вандализам. Само со заедничка, доследна и бескомпромисна битка со шовинистичките изблици, без оглед чии се, ќе градиме здраво општество“, напиша таа.
Фејсбук статусот следи по уште еден спортски настан на кој, наместо фер плеј, доминираа националистички скандирања, меѓу кои и повици за „Голема Албанија“, „Чамерија“ и „Илирида“. Иако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) апелираше за спортско навивање и воздржаност од провокации, дел од навивачите на натпреварот Шкендија – Карабах упатија навреди што предизвика осуди и реакции од јавноста.
Министерството за внатрешни работи информира дека веќе е започната постапка за идентификација на учесниците во инцидентот:
„Постапуваме врз основа на обезбедена видео и фото-документација. Со јавниот обвинител координираме следни чекори со цел целосно расчистување на случајот“, информираа од СВР Скопје.
Од Основното јавно обвинителство Скопје потврдија дека постапуваат во координација со МВР.
Дополнително загрижи фактот што натпреварот беше следен од повеќе високи функционери од власта и опозицијата, меѓу кои и вицепремиерот Изет Меџити, претседателот на Собранието Африм Гаши, но и лидери на опозициски партии – Али Ахмети и Арбен Таравари.
Гаши, кој пред три дена остро ги осуди сличните скандирања во Куманово, овој пат преку Фејсбук упати честитка до навивачите, нарекувајќи ги „достоинствен пример за националните вредности“.
Хелсиншкиот комитет реагираше дека говорот на омраза не смее да се игнорира и побара од МВР и надлежните институции итно и неселективно да го применат законот.
Спортските натпревари сè почесто стануваат место каде доминира говорот на омраза, а не спортскиот дух. Обвинителството веќе води постапка за националистичките повици на натпреварот во Куманово на 2 август.
Македонија
(Видео) Спасен параглајдеристот кој висеше закачен на дрво високо над 30 метри

Во лоши услови со силен ветар и во ноќ, тимот за спасување на планина на Дирекцијата за заштита и спасување безбедно го симна од дрвото на кое беше закачен странскиот параглајдерист во близина на Крушево, соопшти директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Параглајдеристот нема сериозни повреди.
Претходно, попладнево од страна на полициската станица Крушево, ДЗС доби информација дека странски државјанин, додека летал со параглајдер удрил во дрво високо над 30 метри, од ударот се здобил со повреди и останал да виси на дрвото.
Бидејки локалните сили не можеа да го симнат повредениот параглајдерист, итно беше активиран тимот за спасување на планина на Дирекцијата за заштита и спасување,
Македонија
Свадба во струмичкиот затвор – осуденик го кажа судбоносното „да“

Во струмичкиот затвор денес се одржа невообичаен, но длабоко хуман чин – законска регистрација на брак на осудено лице кое моментално ја издржува затворската казна.
Настанот се реализира под покровителство на директорот на установата, Зоран Ристов, и заменик-директорката, Наташа Лазарова Донева, како дел од заложбите за почитување на човековите права и обезбедување правна сигурност за сите, без исклучок, соопшти Управата за извршување санкции.
Со оваа регистрација, лицето се стекна со правен идентитет – важен предуслов за пристап до здравствена, образовна и социјална заштита, но и чекор напред кон успешна ресоцијализација.
Од Управата додаваат дека ваквиот чин е резултат на добра координација меѓу затворската управа, стручните служби и релевантните институции, и покажува дека и во пенитенцијарниот систем постои волја за хуманост, инклузивност и правичност.