Македонија
Заврши ли хаосот на лажни македонски вести и портали без име и легитимитет?
Македонските портали, особено информативните што имаат тенденција да ги градат професионалните стандарди, се соочуваат со хаос на интернет-просторот, а тој хаос заедно со нив го делат и читателите. Секој се претставува себеси за информативен портал, објавува што ќе му падне в рака без да се знае кој е автор на тие информации, колку може да им се верува на информациите и, најпосле, без одговорност за објавеното. Сето тоа на крајот оди на штета на посетителите на информативните портали кои се доведени во состојба на збунетост и се жртви на лажни информации, анонимни пресметки на политичка, бизнис или лична основа. Штета се нанесува и на сериозните и одговорни информативни портали затоа што кај посетителите и јавноста се создава привид дека информирањето е без кредибилитет и дека сите се исти. Но, не се сите исти.
Во Македонија постојат барем 20-тина сериозни информативни портали кои според својата техничка, визуелна и содржинска поставеност се во рангот на најдобрите во регионот, и во најголема мера редовно ги следат европските стандарди. И тоа треба да се издвои од хаосот, јасно да се покаже и обележи, а потоа читателот да ги даде својот суд и поддршка кому сака од нив.
За таа цел се формира работна група при асоцијација ИАБ Македонија (составена од дигитални медиуми и маркетинг-агенции), која почна со создавање норми за дефинирање на професионалноста, мерливоста, легалноста и одговорноста кај македонските информативни портали. За почеток составен е и усвоен саморегулирачки етички кодекс кој дефинира структура на одговорен и професионален информативен портал и негов однос кон другите портали и кон јавноста.
– Информативен портал треба да има своја редакција, уредник и импресум, кој ќе биде објавен на самиот портал, со што информативниот портал се легитимира себеси пред јавноста.
– Порталот треба да има одговорност кон авторството, односно да објавува свои информации, а за преземните информации да има дозвола од изворот што се наведува во самиот преземен текст.
– Порталот има обврска да се воздржува и да не објавува содржини кои поттикнуваат насилства, содржат говор на омраза и атак врз достоинството и приватноста на граѓаните.
– Порталот кој ги прифаќа правилата на саморегулацијата според асоцијата ИАБ Македонија треба да има јасно означен белег на својот статус во ИАБ Македонија на самиот сајт, со посебно лого (знак) кое покажува дека информативниот портал е дел од правилата и односите кои на читателот му гарантираат веродостојност, професионалност и одговорност. Со ова, и визуелно, читателот да може да ја забележи разликата помеѓу информативните портали кои се дел од хаосот, и оние другите, кои следат и почитуваат професионални стандарди и водат грижа за својата публика и јавноста. Се претпоставува дека во периодот што следи ќе се издвојат сериозните портали од оние што крадат содржини и пласираат лажни вести.
– Мерливост. Цел на секој медиум, па така и на информативните портали, е да има своја публика која според своите обем и структура ќе го оправда постоењето и работењето на информативниот портал, а кај маректинг-агенциите ќе обезбеди статус на огласувач кој според својот углед и професионалните стандарди ќе биде соодветно место кое респективно ќе служи на функцијата на огласувачот, и ќе ја оправда довербата да биде преносител на огласните пораки согласно со европските професионални, етички и технички стандарди.
За лиценцираните информативни портали кои ги исполнуваат стандардите и ги прифаќаат условите за саморегулација обезбеден е кредибилен систем на мерливост на објавите.
Имено, системот кој има доверба од лиценцираните информативни портали и од маркетинг-агенциите ќе покажува читаност на лиценцираните информативни портали, структура на нивната публика, како и карактер на интерес кон одредени теми и области. Ова овозможува самостојните огласувачи, како и маркетинг-агенциите, во секое време да имаат кредибилна информација за тоа каде и кога е најдобро за нив да креираат и реализираат свои рекламни кампањи. За лиценцираните портали тоа обезбедува подобар пристап кон огласувачите и доверба од страна на огласувачот, маркетинг-агенцијата и од самата публика.
Со ова, по неколку години подготовки, Асоцијацијата за интерактивно огласување ИАБ Македонија го направи потребниот чекор за саморегулација кој обезбедува авторитет за информативните интернет-портали, професионалност и нивна одговорност, а од друга страна се обезбедува доверба од публиката, како и од огласувачите и маркетинг-агенциите.
Наскоро, и јавноста што користи ваков вид информирање ќе може да ги препознае професионалните од другите информативни портали, како според нивната содржина и однесување, така и според лиценцираноста на портали при асоцијацијата ИАБ Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
УЈП најави привремен прекин на електронските услуги од 16 часот
Управата за јавни приходи ја известува јавноста дека денеска, 30.12.2025 година, со почеток од 16:00 часот, ќе има привремен прекин во функционирањето на електронските услуги кои Управата (УЈП) ги нуди кон даночните обврзници.
Се очекува прекинот да трае до доцните попладневни часови, по што услугите повторно ќе бидат достапни.
Управата за јавни приходи ги замолува даночните обврзници за разбирање.
Македонија
Владата го усвои предлог Законот за јавно обвинителство
Владата на денешната редовна 140 седница го усвои Законот за јавно обвинителство, како еден од клучните чекори во спроведувањето на реформската агенда од Областа 5 – Фундаментални вредности, со посебен фокус на владеењето на правото.
„Донесувањето на овој закон претставува значаен исчекор во зајакнувањето на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, како столб на правниот систем и гарант за заштита на јавниот интерес. Законот е резултат на сеопфатен процес на анализа, консултации и усогласување со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики“, се наведува во соопштението од Владата.
Од таму појаснуваат дека со новото законско решение се воведуваат измени во постапката за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати. Во законот се вградени релевантните препораки, со цел процесот да биде ослободен од политички влијанија и заснован исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет.
Дополнително, законот предвидува прецизни и обврзувачки рокови за постапките за избор, унапредување и се воведува принцип на категоризација на дисциплинска одговорност на јавните обвинители, што придонесува за поголема правна сигурност, предвидливост и функционалност на системот, а воедно и поголема одговорност на самите јавни обвинители. На овој начин се зајакнува довербата на граѓаните во институциите и се воспоставува појасна одговорност во работењето на обвинителството.
„Владата останува цврсто посветена на реформите во правосудството како приоритет од највисок јавен интерес и како неопходен предуслов за напредокот на државата на европскиот пат. Усвојувањето на Законот за јавно обвинителство е конкретен доказ за определбата да се градат силни, независни и професионални институции, во служба на граѓаните и владеењето на правото“, се наведува во соопштението.
Македонија
Лимани: Нашиот пристап кон развојот на Гостивар е планиран, еднаков и инклузивен
Кандидатот за градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, кажа дека нивниот пристап кон развојот на градот е планиран, еднаков и инклузивен. Тој денеска на прес – конференција презнетираше дел од проектите од неговата изборна кампања.
„Еден од најважните проекти е изградбата на новиот мост над реката Вардар, наречен „Мост на слогата“. Сите административни и правни постапки за овој проект се завршени и напролет започнуваат градежните работи. Мостот ќе има четири сообраќајни ленти, велосипедски патеки и безбедни тротоари за пешаци. Тој ќе ги поврзе градските населби, ќе го олесни сообраќајот и ќе даде реален поттик за економскиот развој на Гостивар“, рече Лимани.
Паралелно, додаде тој, го започнавме и трансформирањето на главниот булевар на градот.
„Тој веќе е завршен до близина на Домот на културата, во должина од 1.657 метри, со четири функционални сообраќајни ленти. Исто така, постигнавме договор со сопственикот на еден од објектите што го попречуваше проширувањето на коловозот, конкретно објектот меѓу општинската зграда и постојниот мост над реката Вардар. Проектот е изготвен и напролет започнува реализацијата на работите за овој дел од Булеварот. Во тек се интензивни разговори и со сопствениците на објектите во другиот дел од Булеварот, од крстосницата на улица ЈНА со крстосницата кон Градската болница. Разговорите се конструктивни, со меѓусебна доверба, и очекуваме договорите да се финализираат во краток рок. Булеварот ќе се претвори во урбано срце на Гостивар, со модерно осветлување, велосипедски патеки и зелени површини за граѓаните. Тој ќе биде функционален и социјален простор, каде што градот се развива заедно со неговите жители. Нашиот пристап кон развојот е планиран, еднаков и инклузивен. Секој граѓанин, во секоја населба и во секое село, ќе биде дел од оваа трансформација. Ви благодарам за вашата доверба. Со визија, работа и одговорност, ќе продолжиме да градиме посилен и помодерен Гостивар – со Гостивар во срцето’, рече Лимани.
На 11 јануари во четири општини: Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа ќе се одржат локални избори, затоа што на изборите што се одржаа во октомври не беше постигнат минималниот процент на излезеност на првиот круг односно помалку од законскиот минимум од 33,33 отсто.

