Македонија
(Видео) Груевски: Телохранителот имал само картичка, не и телефон
На новинарско прашање по информациите во јавноста дека телефонот што на 27 април го користел Н. Н., членот од обезбедувањето на експремиерот Никола Груевски во Службата за општи и заеднички работи на Владата, бил вратен со крупни механички оштетувања, Груевски рече дека таков телефон не постоел. Според него, неговото обезбедување не земало телефонски апарати, туку само картички и апелира до медиумите да не шират шпекулации како што тоа се правело во времето на комунизмот.
„Не знаев, но деновиве се распрашав за лицето што е прозвано за таква работа и ми беше одговрено дека телефонски апарат воопшто не бил земан со нив и не било пракса да се зема, туку било пракса да земе само картичка што ќе се стави во некој од приватните телефонски апарати на обезбедувањето што ме придружувало мене. Имено, тоа се правила од причина што моето обезбедување имало лимит на телефонските сметки до 3.000 денари. Имајќи предвид дека кога се разговара во странство цените се повисоки, тие практикувале при патувања да земат картичка од СОЗР и кога се во странство да ја употребуваат затоа што многу често имаат потреба да разговараат со локалното обезбедување или со протоколот“, рече Груевски.
Па, така, рече тој, ако не земале телефонски апарати, нема логика да кршеле апарат. Тој ги замоли медиумите да не шпекулираат во врска со ова прашање.
„И молам по ова прашање медиумите да ги проверуваат шпекулациите пред да ги објавуваат затоа што станува збор за луѓе што се нападнати и на тој начин се создава мислење дека криеле докази. Позната пракса за време на удбашкиот период во комунизмот беше да се пуштат шпекулации неколку недели за некој дека нешто сторил, дека направил кривично дело и тоа да струи меѓу граѓаните неколку недели, па после, кога ќе го нападнат или уапсат, сите да го правдаат тоа иако такво нешто не постои. Така и во овој случај пет дена пред да го поставите ова прашање се зборува во медиумите дека бил искршен телефонот од страна на лицето што беше посочено за во меѓувреме да се утврди дека таков телефон не бил земен“, рече Груевски.
Во обвинението за настаните од 27 април минатата година беше посочен телефонски број во сопственост на Службата за општи и заеднички работи на Владата, од кој Н. Н., лице од обезбедувањето на Груевски, кој тогаш како претседател на ВМРО-ДПМНЕ бил во Виена, на 27 април 2017 година во 14.30 часот контактирал со обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, кој со дел од другите обвинети го мобилизирал членството од Скопје и други градови за насилен упад во Собранието. Во јавноста беше објавено дека телефонот што го користел Н. Н., членот од неговото обезбедување, бил вратен со крупни механички оштетувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

