Свет
САД бараат да биде отворена истрага за употребата на хемиско оружје во Сирија
САД побараа од Советот за безбедност на Обединетите нации вечерва да гласа по предлогот за воспоставување комисија што ќе ја испитува наводната употреба на хемиско оружје во Сирија, но можно е предлогот да наиде на вето од Русија, соопшти АФП.
Претходно, американскиот претседател, Доналд Трамп, се сретна со воените команданти за можен воен одговор за наводниот хемиски напад во Сирија. Трамп се закани со насилство, а истовремено порача дека Вашингтон е подготвен да дејствува и без дозвола од Обединетите нации.
Рускиот центар за помирување за Сирија соопшти дека руските и сириските воени трупи вчера го истражиле регионот на градот Дума, при што не нашле никакви траги од хемиски агенси, ниту пациенти во локалната болница со знаци од хемиско труење. Според рускиот центар за помирување, објавувањето фотографии од наводниот хемиски напад во Дума е уште еден налет на лажни вести.
Некои медиуми пренесуваат дека руското Министерство за одбрана издало наредба борбената готовност на руската флота во Црното Море да се подигне на највисоко ниво и дека е издадено предупредување за евентуален напад кога било забележано дека воени бородови на коалициските сили за Сирија, предводени од САД, Велика Британија и Франција, тргнале кон Сирија.
Според непотврдени информации, до напад би можело да дојде во следните 24 часа. Како што наведуваат странски медиуми, испраќањето воени бродови кон Сирија е реакција на наводниот напад со хемиско оружје во сирискиот град Дума, во кој загинаа најмалку 70 луѓе. Западните земји за нападот го обвинија сирискиот режим на чело со Башар ал-Асад, кој има поддршка од Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кина ја предупредува Европа да не ги поминува црвените линии
Кина врши притисок врз европските земји да им забранат влез на тајвански политичари, предупредувајќи ги да не ги преминуваат „кинеските црвени линии“, пишува Гардијан.
Според повеќе дипломати, Пекинг испратил демарши до европските амбасади и влади, делумно како реакција на неодамнешните посети на тајвански функционери во Европа, вклучувајќи актуелни и поранешни високи претставници. Кинеските власти се повикале на европските гранични и визни прописи, тврдејќи дека дозволувањето влез на тајвански политичари може да ги наруши односите со Кина.
Во вербални ноти, Кина побарала европските земји да не ги признаваат таканаречените дипломатски пасоши издадени од Тајван и да спречат официјални контакти со тајвански претставници, наведувајќи дека ваквите посети сериозно ги поткопуваат односите меѓу Европска Унија и Кина.
Одделни европски земји, меѓу кои Норвешка, Финска и Обединетото Кралство, соопштија дека визите и влезот се регулираат исклучиво според нивните национални и шенгенски правила. Од друга страна, Тајван оцени дека посетите на негови функционери не се поврзани со Кина и дека Пекинг нема право да се меша, обвинувајќи ја Кина за притисоци и закани што ја загрозуваат регионалната стабилност.
Свет
Медведев: Гренланд би можел да се припои кон Русија ако Трамп не реагира брзо
Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност Дмитриј Медведев изјави дека жителите на Гренланд би можеле да гласаат за припојување кон Русија доколку американскиот претседател Доналд Трамп не реагира брзо, пренесе Ројтерс.
Според Интерфакс, Медведев изјавил дека, според непроверени информации, за неколку дена би можел да се одржи ненадеен референдум на кој 55.000 жители на Гренланд би гласале за припојување кон Русија.
Во меѓувреме, Трамп повторно ја активираше иницијативата САД да преземат контрола врз Гренланд, автономна територија на Данска, наведувајќи дека островот е клучен за американската национална безбедност – потег што наиде на остро противење од Данска и властите на Гренланд.
Иако Русија формално не бара Гренланд, таа внимателно ја следи неговата стратешка улога во Арктикот, особено поради северноатлантските рути.
Фото: Depositphotos
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.

