Македонија
Милевски: Македонија пред клучен прогрес, позитивни најави од Брисел
Претседателот на Либерално-демократската партија, Горан Милевски, во Брисел денес разговараше со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, само на неколку дена пред објавата на извештајот на Европската Унија за напредокот на Република Македонија во процесот за пристапување кон Европската Унија.
„Имавме користен и добар разговор со комесарот Хан. Ја потврдив определбата на ЛДП и на Владата дека навреме ќе ги донесеме реформските закони клучни за добивање чиста препорака од Европската комисија за почеток на пристапни преговори за членство на нашата земја во Европската Унија. Сите наши напори ќе бидат насочени тие закони да бидат не само усвоени, туку и доследно спроведени затоа што на нашите граѓани не им требаат закони и препораки, туку заштита на нивните права, подобрување на нивниот стандард и држава што работи во нивен интерес. За тоа во Македонија мора да има консензус“, изјави претседателот на ЛДП по разговорот.
Комесарот Хан изразил задоволство од новостите што ги добива од Македонија во последните месеци и денови.
„Тој изрази оптимизам дека Македонија ќе успее да ги надмине предизвиците и дека нема да ја пропушти шансата што ѝ се даде за да ги започне преговорите за членство во ЕУ“, соопштија од партијата.
Средбата на претседателот на ЛДП со комесарот Хан се оствари во рамките на конференцијата за Западен Балкан организирана од групата на европските Либерални демократи во Европскиот парламент (АЛДЕ-група).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

