Македонија
(Видео) Почна средбата Димитров-Коѕијас во Охрид

Почна средбата помеѓу министрите за надворешни работи на Грција и Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров.
Денешната средба, која се одржува во Охрид, претставува нова рунда преговори за надминување на проблемот со името. Оваа посета на Коѕијас е во рамките на неговата мини балканска турнеја. Вчера грчкиот министер беше во посета на Белград, а по средбата со Димитров најверојатно ќе отпатува за Приштина.
Двајцата дипломати во пресрет на денешната средба истакнаа дека очекуваат позитивен напредок во разговорите, во насока на натамошно зближување на позициите, но посочија дека сè уште постојат прашања што треба да бидат решени. Атина инсистира на уставни промени за кои Македонија смета дека не се потребни. Последната рунда преговори за спорот за името се одржа на 30 март во австриското МНР во Виена каде што шефовите на дипломатиите на двете држави, Димитров и Коѕијас, одржаа средба со медијаторот Метју Нимиц. По средбата, Димитров изјави дека има условен напредок во преговорите бидејќи со одењето напред доаѓаат потешките прашања.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Карпош и Сарај денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Пелистерска 4-1/8. (општина Карпош)
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од улиците бр. 3 и бр. 5 како и околните објекти во нивна близина во Сарај.(општина Сарај)
Македонија
Без вода дел од Центар

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на улицата Димитрие Чуповски бр.10 без вода ќе останат корисниците од улицата Никола Вапцаров лоцирани на потегот од Министерство за правда до Плоштад Македонија, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 08.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (локално над 60 km/h), а температурата ќе се задржи под просекот за овој период од годината. Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со пораст на дневната температура.