Македонија
Османи: Како што ветивме пред девет месеци – испорачавме

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Брисел оствари средба со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини.
На средбата Османи го презентираше напредокот во имплементацијата на планот 3-6-9, како и напредокот во отстранувањето на другите политички пречки на евроинтегративниот пат на Република Македонија.
„Доаѓам со добри вести од Република Македонија. Онака како што ветивме пред девет месеци, навреме испорачавме реформи во соодветниот период за Извештајот на Комисијата позитивно да го оцени нашиот напредок“, истакна Османи на средбата, посочувајќи притоа на соодветната реализација на планот 3-6-9, чија имплементација завршува заедно со излегувањето на Извештајот на Европската комисија на 17 април.
„Делот три од планот 3-6-9 го крунисавме со одржување фер, слободни и кредибилни избори уште во ноември минатата година, што беше потврдено во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, чии заклучоци беа повторени и од страна на делегацијата на Европската Унија во Македонија“, истакна Османи. Тој додаде дека во изминатиов период Владата изготвила бројни стратегии и суштински реформски закони, кои во транспарентна и инклузивна постапка, со вклучување на мислењата од опозицијата, граѓанскиот сектори и јавноста, во најголем дел се донесени во Собранието на Република Македонија. „И во овој момент, во овие последни денови додека го одржуваме овој состанок, во Собранието на Република Македонија се носат и последните реформски закони за кои е потребна поддршка од две третини од пратениците и за кои во последен момент се обезбеди консензус за нивно изгласување со опозицијата “ – истакна Османи.
Во делот на отстранувањето на политичките пречки, Османи посочи и на донесувањето на Законот за јазиците, како фундаментален, но и последен сегмент од легислативниот дел од Рамковниот договор изразувајќи притоа надеж дека имплементацијата на закон на дело ќе ја демонстрира неговата обединувачка сила во насока на изградба на цврсто, стабилно и просперитетно мултикултурно општество во Република Македонија.
„Остваривме историски напредок и во односите со соседите. Го потпишавме, а потоа и ратификувавме во Парламентот, историскиот Договор за добрососедство со Бугарија, а остваривме и исклучително значаен напредок во комуникацијата со Грција“, истакна Османи додавајќи дека во периодот што претстои, очекува решение и за долгогодишниот спор со Грција, со што ќе се отстранат сите пречки на евроинтегративниот пат на Република Македонија.
Средбата Османи – Могерини се одржува во пресрет на излегувањето на Извештајот на Европската комисија за состојбите и напредокот на Република Македонија, кој излегува за неполна седмица на 17 април. Во рамките на посетата, Османи ќе оствари средби и со други високи претставници на телата на Европската Унија, меѓу кои и со Геновева Руиз Калавера, директорка на одделот за Западен Балкан во рамките на Директоратот за проширување – ДГНЕАР, како со холандскиот европратеник Ханс Ван Баален кој ја предводи групата „Пријатели на Македонија” во Европскиот парламент, како и со Пјотр Серафин, шеф на кабинетот на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Андоновски: Бесплатни WI-FI зони за граѓаните во повеќе од 60 општини низ Македонија

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денес во посета на Ѓорче Петров, заедно со градоначалникот на општината, Александар Стојковски го најави проектот за нови бесплатни WI-FI зони низ државата, со што се става акцент на граѓаните, со тоа што ќе можат да користат бесплатен интернет во овие зони, а првата ваква зона ќе биде токму паркот во Ѓорче Петров.
„Поставуваме бесплатни WI-FI зони за граѓаните, Ѓорче Петров е една од првите општини каде што ова ќе се реализира, со проект поддршка од ЕУ, преку планот за Западен Балкан, односно WI-FI за Западен Балкан. Освен во Ѓорче Петров, имаме апликации во повеќе од 60 општини низ државата“, најави Андоновски.
Овој проект кој е во соработка со ЕУ во интерес на државите од Западен Балкан, како што беше појаснето е од големо значење и поддршка на сите држави кои партиципираат, затоа што ќе се зголеми пристапноста до интернет и ке се подигне дигиталната писменост.
Андоновски најави исто така дека во Скопје ќе има десетина вакви зони, кои како што рече тој, младите ќе бидат најголеми корисници на овој проект.
„Во Скопје ќе имаме повеќе од 10 локации каде што ќе бидат поставени овие WI-FI зони, каде граѓаните, особено младите ќе имаат пристап до бесплатен интернет овозможен од овој проект во соработка со ЕУ”, рече Андоновски.
Градоначалникот Стојковски изрази задоволство од досегашната соработка со Министерството за дигитална трансформација и најави целосно дигитализирање на општинските услуги, бидејќи како што рече дигитализацијата нуди подобри и поефикасни услуги за граѓаните.
Македонија
Злоупотребен профилот на основно училиште во општина Аеродром за политичка кампања, МОН и ДИК да реагираат, бара СДСМ

СДСМ Аеродром реагира на, како што велат, скандалозниот чин во кој основното училиште „Браќа Миладиновци” споделило видео-спот од политичка кампања за локалните избори.
„Ова претставува директно прекршување на законите, принципите на непристрасност и професионалност, и претставува срамно партизирање на јавните институции.
Училиштата се место за образование, воспитување и градење на вредности, а не алатка за партиска промоција.
Злоупотребата на училишните профили и, уште полошо, можната злоупотреба на деца во политичка кампања е крајно недозволива и опасна“.
Бараат итна реакција од Министерството за образование и наука и од Државната изборна комисија.
СДСМ Аеродром, нагласуваат од оваа партија, ќе поднесе соодветна пријава до надлежните институции за да се утврди одговорноста и да се санкционира овој обид за партизирање на образовниот систем.
„Јавните институции се на граѓаните, не на партиите. Ќе се спротивставиме на секој обид децата и училиштата да се користат како средство за политичка пропаганда“.
Македонија
Меџити до Османи: Биди маж и избери време и место за телевизиска дебата и земи ги со себе Груевски и Мијалков

Кандидатот на владејачката коалиција „Вреди“ за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, му одговори на неговиот противкандидат од редовите на НАИ, Бујар Османи, по изјавата дека на дебата, Меџити треба да го земе со себе премиерот Христијан Мицкоски.
Меџити возврати: „Денес слушнав нешто ново, дека сум рекол да дојде на дебата со Али, со Артан и со неговите ПР агенции, за да ги соочиме аргументите, политиките и визиите за Чаир. Тој, пак, ми одговорил дека треба да го земам со себе Мицкоски. Јас Мицкоски ќе го земам како премиер, но тогаш добро би било тој, покрај Али и Артан, со себе да ги земе и Никола Груевски и Сашо Мијалков, и тука да ја затвориме оваа дебата. Нека биде маж и нека закаже термин, нека избере национална телевизија, и од денес му порачувам дека таму ќе ме најде“.