Македонија
Гази Баба со повеќе мерки ќе ги стимулира жителите да придонесат за поздрава животна среднина

Општина Гази Баба во согласност со буџетот за 2018 година ќе распише повеќе јавни повици кои се дел од мерките на општината во делот на енергетската ефикасност, најави на прес-конференција градоначалникот Борис Георгиевски.
„Сакајќи да се стимулираат жителите на општината за примена на почисто гориво за затоплување на домовите, субвенционираме купување печки на пелети. Во буџетот имаме планирано 3 милиони денари за овој проект. Општината ќе надомести 70 отсто од трошоците за набавка на печка на пелети за оние домаќинства што ќе набават печки во рокот што е пропишан во јавниот повик. Околу 5.500.000 денари планираме за доделување 100 отсто финансиска поддршка на куќните совети за реконструкција на покриви на 10 станбени згради, за што исто така ќе биде распишан јавен повик“, најави градоначалникот на Гази Баба.
Георгиевски напомена дека Општината подготвува план со кој ќе го започне процесот за поставување енергетски ефикасни фасади на станбените згради во општината.
„Преку овие мерки за јакнење на енергетската ефикасност создаваме услови за чиста животна средина. Оваа година Општината заедно со ЕЛЕМ ќе започне со подготовка на проектна документација за изведба на топловодна инсталација во новата населба Хиподром 2. Со овој проект им излегуваме во пресрет на граѓаните и планираме да извршиме приклучок на повеќе од 1.000 домаќинства на топлинска енергија во населбите Хиподром 1 и Хиподром 2. Наместо затоплување на дрва, на граѓаните ќе им овозможиме затоплување на топлинска енергија, со што ќе влијае во намалување на загадувањето“, истакна Георгиевски, кој додаде дека се работи и на подготовка на проекти и планови за гасификација на општината.
Градоначалникот потенцира дека ќе биде распишан и јавен повик за реконструкција на лифтовите во станбените згради.
„Со овој проект планираме реконструкција на 5 лифта во станбени згради, како и поставување нови, за што во буџетот имаме 2 милиона денари“.
Георгиевски ги повика сите граѓани и сите куќни совети во општината, кои ги исполнуваат условите предвидени во јавните огласи, да се пријават.
„Искористете ја оваа можност што ја дава Општината преку мерките за енергетска ефикасност. Повеќе детали за роковите, како и условите пропишани во јавните огласи, граѓаните ќе можат да видат на веб-страницата на Општината, како и во два печатени весника“, информира тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МОН: Системски го решивме прашањето со набавка и испорака на учебници, испечатени се и доставени до сите училиштата

Четири министри во Владата на СДСМ раководеа со Министерството за образование и наука во период од седум години и не успеаја да обезбедат учебници ниту за основците, ниту за средношколците. Сега кога ситуацијата е надмината, оваа политичка партија чија слаба страна е образованието, се обидува токму во оваа област да собира политички поени, велат од МОН.
„Не им успева, бидејќи учебници има. Целиот тираж кој беше побаран од училиштата е испечатен и испорачан. Сегашното раководство системски го реши овој предизвик од минатото, со ново законско решение во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, како и со интензивен ангажман на надлежните институции, органи и тела.
Испечатени се сите претходно одобрени учебници по сите предмети. За прв пат по цели седум години, обезбедени се и нови учебници по странските јазици во сите одделенија. Целосно нови учебници има во седмо одделение во основното образование и во прва година во гимназиско образование, поради примената на нови наставни програми од оваа учебна година“.
Најавуваат дека обновата на наставните програми и на учебниците ќе продолжи и во следниот период, затоа што, како што велат, тие се основата на квалитетното образование, заедно со наставниците и инфраструктурните услови.
„Помина времето на негрижа кон образовниот систем, учениците, наставниците и родителите. Промените се случуваат, а ефектот ќе се огледа преку новите генерации кои ќе располагаат со поконкурентни знаења и потребните вештини за успех“.
Македонија
18 проценти од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на штетни честички во воздухот: Европската зелена партија со поддршка за ДОМ

Европската зелена партија испрати јасна порака за поддршка на зелената партија ДОМ, истакнувајќи ја итната потреба од одлучни политики за чист воздух и одржливо управување со отпадот во Македонија, соопшти ДОМ.
Во својата објава, Европската зелена партија посочува дека речиси 18% од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на изложеност на штетни честички во воздухот. Лошото управување со отпадот предизвикува пожари и токсичен чад, што ја зголемува загриженоста кај населението.
„Како одговор, граѓаните излегоа на улица, барајќи чист воздух и безбедно управување со отпадот. Властите и локалните претставници мора да дејствуваат за да ги заштитат своите граѓани“, стои во реакцијата на Европската зелена партија.
Од ДОМ велат дека е нагласена поддршката за барањата на оваа партија за национален план за управување со отпад, современи мерни станици за квалитет на воздухот и итен мораториум на дивите депонии.
„Со оваа поддршка, зелената партија ДОМ ја зацврстува својата улога како автентичен глас за зелена иднина на Македонија и како дел од европското семејство на зелени партии. Во пресрет на локалните избори, зелената партија ДОМ заедно со граѓанските и политичките партнери во „Коалицијата за зелена иднина“ ќе продолжи да се бори за здрав воздух, чиста животна средина и фер управување со јавните ресурси – вредности што се темел на европска Македонија“.
Македонија
Утре со ведро и посвежо утро, преку денот сончево

Утре ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, сончево. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Во наредните денови следува период на сончево време со посвежи утра, а дневната температура ќе биде во постепен пораст. Особено топло ќе биде во деновите од викендот и во почетокот на следната седмица.