Македонија
„Меѓаши“: Сиромаштијата и нискиот степен на образование се главна причина за склучување малолетнички бракови
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ со години вниманието го насочува кон проблемите што се појавуваат од малолетничките бракови и бракови под принуда.
„На 12 Април, кој е светски Ден за заштита на децата од улица, уште еднаш потсетуваме на напорите на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, по однос на заштита на тие деца затоа што оставени на улица се најбрзи потенцијални жртви на насилство, злоупотреба, искористување како работна сила и за малолетнички брачни заедници под присила“, велат од „Меѓаши“.
Оттаму истакнуваат дека оваа појава на малолетнички бракови ја има насекаде во светот, меѓутоа помногубројни се во неразвиените земји бидејќи на Запад државата веднаш ги санкционира со високи казни.
„Според актуелниот закон во Република Македонија, брак може да склучат лица со навршени 18 години, а по исклучок надлежен суд може да дозволи и лице со наполнети 16 години да склучи брак ако утврди дека лицето достигнало телесна и душевна зрелост потребна за вршење на правата и должностите што настануваат во бракот за што треба да се набави мислење од здравствена установа и укажана стручна помош во Центарот за социјална работа. Според Кривичниот законик на РМ, во членот 197, кој се однесува на вонбрачен живот со малолетно лице, јасно стои дека полнолетно лице што живее во вонбрачна заедница со малолетно лице што навршило 14, а не 16 години, ќе се казни со затвор од три месеци до три години. Со истата казна ќе се казни и родителот, посвоителот или старателот, кој на малолетно лице што навршило 14, а не 16 години, ќе му допушти да живее во вонбрачна заедница со друго лице или ќе го наведе на тоа“, стои во соопштението.
Детската амбасада „Меѓаши“ смета дека треба да има измени и дополнувања во законот во Република Македонија дека ниедно дете не треба да склучи брак, односно да биде во брачна или вонбрачна зедница до наполнување 18 години, односно бараат зголемување на минималната граница на години која може да биде предвидена за склучување брак.
Велат дека и Комитетот за правата на детето при ООН во своите завршни забелешки упатени до Владата на Република Македонија искажал загриженост за праксата на рано и присилно стапување во брак на девојчињата од одредени заедници, вклучително и традиционалните бракови, кои не се регистрираат кај надлежните власти, а за пријавените случаи на продажба на деца заради стапување во брак, се забележува дека таквата пракса може да се влоши во време на економски тешкотии.
„Дојавувачите на СОС-телефонот за деца и млади во ’Меѓаши’ најчесто се обраќаат доколку постои насилство во самата заедница, но, за жал, не се јавуваат да пријават малолетнички брак или да се информираат за начините на кои ваквите случувања и бракови може да се санкционираат или да се спречат. Често се случува родителите што се необразовани и се социјално загрозени да инсистираат нивното дете порано да се омажи со цел да го спасат од сиромаштијата. Најчесто тоа е дел од културата што трансгенерациски се пренесува како модел на однесување“, се наведува во соопштението.
Од „Меѓаши“ истакнуваат дека според истражување спроведено од УНИЦЕФ во 2011 година, во Македонија бројот на млади девојки на возраст од 15 до 19 години што стапиле во брак или живеат во заедница на национално ниво е 4 отсто, кај Албанците е 6 отсто, кај Македонците е 2 отсто, а во ромските населби тој изнесува 22 отсто.
„Изминативе години има промена по однос на ова прашање, што се должи на поголемата процентуална образованост на децата Роми, но сепак недоволно за да се каже дека Македонија е на добар пат да го реши овој проблем“, се вели во соопштението.
На проблемот од над 2.000 фантоми во Македонија, со непознат стадиум на образование, Првата детска амбасада „Меѓаши“ укажува постојано.
„Тука е и основата за масовноста на малолетничките бракови. Со завршувањето на задолжителното средно бразование младите не само што ќе го прекинат синџирот на неписменост, сиромаштија и злоупотрба на трудот туку ќе им се даде и сериозна можност со едукација, барем да се намали бројката на малолетничките бракови. Очекуваме во следниот период да се најдат и законски, но и акциски решенија за оваа категорија малолетници што се принудени да влезат во брак, да се преземат соодветни мерки и да се почитува правото на децата да пораснат“, истакнуваат од Првата детска амбасада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

