Култура
„Исцелител“ на Ѓорче Ставрески премиерно во Австрија
Фестивалската промоција на македонскиот филм „Исцелител“ продолжува на 6-тиот меѓународен филмски фестивал во Виена Let’s CEE.
Во официјалната програма „Ветувачки дебитантски филмови“ во која ќе се натпреварува заедно со 13 други филмови „Исцелител“ ќе има три прикажувања, на 16, 17 и 21 април.
Во програмата заедно со „Исцелител“ се добитникот на награда на фестивалот во Карлови Вари, грузискиот „Деде“ на Мариам Катчвани, добитникот на награда на Софискиот филмски фестивал, бугарскиот „Радиограм“ на Рузие Хаснова, добитникот на награда на филмскиот фестивал во Сараево, романскиот „Меда или не така добра страна на работите“ на Емануел Парву и други.
Let’s CEE почнува денес, 13 април и во наредните десет дена ќе се прикажат повеќе од 155 долгометражни, документарни и кратки филмови. Најголемиот број од филмовите премиерно се прикажуваат во Австрија. Во фокусот на фестивалот во Виена се филмови од висококвалитетни продукции од Централна и Источна Европа, Турција и Кавкаскиот Регион. Во склоп на фестивалот ќе се одржат и академија за таленти, денови на филмска индустрија и работилници. Фестивалот претставува ексклузивна и атрактивна сцена за прикажување на најновите филмови.
Оваа година на Let’s CEE во Виена ќе се прикажат вкупно шест македонски филма и два филма во кои Македонија учествува како копродукција. Во програмата на документарни филмови ќе се прикаже Avec L’Amour на Илија Цветковски. А во програмите на кратки филмови ќе се прикажат „Еклер“ на Марко Ѓоковиќ, „Доаѓаат од центарот на светот“ на Дина Дума, „Види ја ти неа“ на Горан Столевски и „Ќе дојдат децата“ на Ана Јакимска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.