Македонија
Активисти на ДУИ претепале професори во гостиварската гимназија, тврди „Алијансата за Албанците“
Од „Алијансата за Албанците“ обвинуваат дека активисти на ДУИ на најбрутален начин влегле во гостиварската гимназија и, како што објаснуваат од коалицијата, на класичен бандитски начин физички нападнале професори на своето работно место. Двајцата професори, според информациите, поради повредите, се хоспитализирани во Клиничкиот центар во Скопје.
„Разгранокот на ’Алијансата за Албанците’ во Гостивар беше тој што реагира навреме во врска со можните последици како резултат на политичката одлука на Владата на господинот Заев за одземањето на ингеренциите на градоначалникот во сферата на образованието. На протестот организиран во Гостивар на 20 март оваа година поставивме јавно прашање зошто се земаат ингеренциите само во Гостивар, а не, на пример, и во Струга? Му се обративме и на премиерот укажувајќи дека ние немаме никаква надеж во луѓето на ДУИ бидејќи нив ги интересираат само личниот интерес и личните придобивки, а не општите интереси на граѓаните“, велат од партијата.
Еден од напаѓачите на професорите, како што тврдат од „Алијансата за Албанците“, е синот на принудно назначениот директор од Владата, Џези Камбери, а другиот е телохранителот на поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта.
Партијата го повика членството да не потклекнува под притисоците и на никој начин да не одговара на ваквите провокации, а од МВР бара да го расчисти случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Голем е интересот за вакцинацијата против сезонски грип, од Здравство велат пријавени се повеќе од 70.000 граѓани
Министерството за здравство информира дека интересот за вакцинација против сезонски грип континуирано расте. Досега се пријавени над 70 илјади граѓани, а вакцинирани се повеќе од 22 илјади лица низ државата.
Вакцинацијата се спроведува на 35 вакцинални пункта, од кои пет се во Скопје. Сите заинтересирани граѓани можат да се пријават преку апликацијата vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население, меѓу кои: лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца од 6 месеци до 5 години, лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи.
Во организација на Министерството, превентивни тимови од здравствени установи низ државата продолжуваат со теренска вакцинација и во домашни услови за повозрасни и неподвижни лица, како и за лица со попреченост.
Македонија
Мицкоски: Енергетиката е поставена високо на државната агенда, не како техничко прашање, туку како национален приоритет
Енергетиката е поставена високо на државната агенда, не како техничко прашање, туку како национален приоритети државна стратегија, рече премиерот, Христијан Мицкоски, на отворање на 14-ти Меѓународен форум за енергетика и одржлив развој што од денеска до 30 октомври се одржува во Скопје.
„Фактот што денес овде во Скопје се води оваа глобална дискусија, покажува дека регионалната енергетска иднина може – и треба – да се гради токму тука во нашата земја. Ова е нашата прилика да покажеме дека земја со мала површина може да има големо влијание – кога има јасна визија, решителност и лидерство. Сакам да ја истакнам улогата и визионерството на министерката за енергетика која е решена да ги придвижи работите за кратко време, да ги забрза процесите и да не дозволи Македонија да заостанува во трката со времето. Како човек кој самиот доаѓа од енергетскиот сектор, добро знам колку е важно тоа чувство на постојано движење, на промена и на одговорност. Затоа енергетиката е поставена високо на државната агенда – не како техничко прашање, туку како национален приоритет и државна стратегија“, рече Мицкоски.
Според Мицкоски, енергетската стабилност не е веќе само економско, туку и безбедносно прашање. Тој вели дека глобалните турбуленции нè потсетуваат дека енергетската независност е услов за економска слобода.
„А без слобода — нема развој, нема стабилност, нема ниту достоинство. Нашата Влада стои цврсто зад реформите што ги спроведува Министерството за енергетика, но уште поважно – ја гради врската меѓу политиката и визијата. Нашата визија е јасна: да ја подготвиме за иднината државата – за климатските предизвици, за технолошките промени и за глобалните ризици“, рече Мицкоски.
Премиерот рече дека од Скопје денес испраќаме порака дека одржливата енергија не е политички избор, туку морална обврска кон идните генерации.
Македонија
Богдановиќ објави видео од метежот во Центар: За 4 години издадени се 400 одобренија, има над 150 активни градилишта
За 4 години издадени се 400 одобренија за градба, има над 150 активни градилишта во Центар, вели поранешниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ. Тој објави видео на социјалните мрежи од метежот во Центар велејќи дека ова е денешната слика: луѓе доцнат на работа, ученици доцнат на училиште, а децата доцна се носат во градинки.
„7:52 наутро улица Васил Ѓоргов, населба Капиштец.
Кога се ревидираа плановите се дисциплнираа градбите и во најголем дел во соработка со граѓаните се усогласувавме каде има простор да се гради а каде не се со цел подобрување на условите за живот на секој центарец. За 4 години се кажува дека се издадени (податок од дебатите за локални избори) скоро до 400 одобренина (не се сите за згради има и за реконструкции, кровови итн) но, факт е дека има над 150 активни градилишта. Многу одобренија се издадени за кратко време а притоа се сменети само 3 плана и никаде не се сменила инфраструктурата. Ревидирањето на плановите (вкупно 9 се ревидираа) донесе да се намалат скоро 14.000 м2 за градба и да многу објекти кои беа на државно земјиште да се пренаменат во: градинка (како градинката во Пролет) паркови и игралишта (како паркот за велосипеди пред Олимписки базен) да се прошират зелени површини и површини за игралишта школи и градинки.
Денес го имаме ова. Луѓе доцнат на работа, ученици доцнат на училиште а децата доцна се носат во градинки“, напиша Богдановиќ.

