Економија
ЕЛЕМ: Условите во тендерот се сменети заради поголема конкуренција, за да не се повтори Трансмет
Условите во тендерот за ископ на јаглен во РЕК Битола гласат ,,Економскиот оператор во последните 3 години да има извршено ископ на најмалку 900 илјади тони јаглен или 1 милион м3 јаловина (земјени или карпести маси) или руда”, било каков вид. Ваква реакција упати ЕЛЕМ, по барањето на опозицијата да се поништи тендерот за ископ на јаглен во РЕК Битола.
Од ЕЛЕМ велат дека условите во тендерот се проширени за да овозможат што поголема конкуренција, но од друга страна, конкуренција само на сериозни фирми кои се способни да извршат задача како што е копање јаглен во рудниците на РЕК Битола, а од чиј навремен и квалитетен ископ зависи производството на електрична енергија за Р. Македонија.
„Целта е да не се повтори случајот со ТРАНСМЕТ, кој доби тендер за ископ, а по три месеци се откажа бидејќи не беше технички способен да го врши ископот. АД ЕЛЕМ одлучи да ги прошири условите во текот на тендерот, иако Државната комисија за жалби по јавни набавки сметаше дека нема потреба од тоа. Имено, Комисијата ја одби жалбата на една фирма која имаше забелешка на условите и донесе решение дека жалбата е неоснована.
Меѓутоа, АД ЕЛЕМ сепак ги прошири условите, но тие и натаму се доволно ригорозни и спречуваат пријавување на фирми кои не се технички и кадровски способни за извршување ископ од таков вид и обем, а од што зависи стабилноста на производството на електрична енергија за потребите на Р.Македонија“, се вели во реакцијата на ЕЛЕМ.
Акционерското друштво нагласува дека јагленот во РЕК Битола во следниот период ќе се откопува во услови на јагленова серија – од 4 слоја со меѓуслојна јаловија и сложени морфолошки услови. ЕЛЕМ додава дека ископот ќе бара спроведување на посебна технологија, и несоодветниот ископ може да создаде ризик од губење на квалитетот на јагленот, може да се предизвика намалување на неговата калорична вредност поради помешување со јаловината (земја), или да не се исполни предвидената динамика за ископ на јаглен, односно да не се обезбеди навремено доволно јаглен за потребите на производството на електрична енергија за потребите во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Трговците со помалку од 10 вработени немаат обврска да ги објавуваат цените онлајн

Од четврток, 18 април, сите трговци (мали, средни или големи) ќе треба да ги објават цените на секој производ што го нудат во малопродажба. Тука влегуваат и маркетите што продаваат основни прехранбени производи, овошје и зеленчук и трговците што продаваат средства за хигена, трговци на мало со бела техника, со играчки, техстилни производи, градежни материјали, алати и електрични апарати, буквално сите трговци што вршат трговија на мало. Исклучени се само микротрговци, односно оние што вработуваат до 10 лица, информира министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Ова произлегува од Правилникот за начинот на објавување на цените на стоките и податоците што треба да се објавуваат од страна на мал, среден и голем трговец, кој врши дејност трговија на мало.
„Во согласност со Правилникот на Министерството за економија и труд, малиот, средниот и големиот трговец, кој врши дејност трговија на мало, има обврска да ги објавува цените на стоките што ги пласира на пазарот на својата веб-страница на јасен и достапен начин преку посебен дел на веб-страницата на трговецот посветен на цените, односно ценовник. Објавените цени треба да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна најава. Ценовникот треба да содржи: назив на стока – производ (трговска марка, модел и слично), продажна цена со ДДВ, единечна цена за килограм, литар, метар, опис на стоката, достапност во продажен објект, редовна цена со ДДВ и промотивна или цена со попуст, која треба да содржи цена со попуст изразен во проценти, вид промоција, дали е тоа промотивна понуда, пакет за лојалност или сезонски попуст, како и времетраење на промоцијата или попустот“, појасни министерот.
Трговците треба да ги ажурираат цените на стоките на дневна основа, односно секој работен ден до 10 часот.
Во случај на ненамерна техничка грешка во ажурирањето на цените на стоките трговецот треба да ја коригира грешката во рок од 24 часа.
„Граѓаните сега ќе може да изберат каде ќе ги трошат своите пари бидејќи самите ќе може да видат и да споредат во кој маркет има најниски цени. Ќе бидат подобро информирани за тоа кој производ колку чини кај кој трговец. Нашите очекувања се дека со оваа мерка во наредниот период дополнително ќе има намалување на цените“, рече Дурмиши.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Грантови од 10 илјади евра за младите земјоделци, субвенции за млекопроизводителите

„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ секојдневно докажува дека работи за иднината и за младите да останат во својата татковина и да го поминат својот живот тука во земјата во која се родени и растени. Ако изминативе 7 години, земјоделството беше заборавено од страна на минатата власт на СДС и ДУИ, сега тоа е спротивно“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Се вложува во секоја пора на општеството. Се вложува многу и во земјоделството. Покрај помошта која што сточарите, оризопроизводителите, лозарите ја добија, сега и млекопроизводителите го добија заслуженото.
4574 млекопроизводители беа исплатени од државата со вкупен износ од 292.614.813,00 денари.
Се изврши исплата по основ на произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година за периодот јули-декември 2024 година.
Во однос на младите, се оформи повик за млади земјоделци кои ќе добијат грантови од 10 илјади евра за започнување на производство на квалитетна и органска храна. На овој начин ќе се стимулираат младите да се насочат кон земјоделието и ќе ја обезбедиме иднината на македонското земјоделство.
Иднината е во младите. Владата помага преку проекти и субвенции за оваа гранка од општеството. Што повеќе задоволни земјоделци, толку повеќе квалитетна македонска храна на трпезите.
Земјоделците нема да бидат заборавени, како што биле во минатото. Тие ја имаат безрезервната поддршка на Владата и тоа ќе продолжи во иднина!“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
Исплатени речиси 4,7 милиони евра субвенции за млекарите

Во текот на вчерашниот ден се исплатија 4.574 млекопроизводители со вкупен износ од 292.614.813 денари, информира Министерството за земјоделство.
„Извршената исплата е по основ на произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година за периодот јули-декември 2024 година. Висината на директните плаќања изнесува 5 денари по литар за кравјо млеко и 6 денари по литар за овчо и козјо млеко“, се наведува во соопштението.
Со ова, велат од МЗШВ, субвенциите по основ на произведено и предадено млеко за 2024 година се целосно исплатени.