Свет
Париз не можел повеќе да трпи, Лондон бил приморан да употреби сила

Во свои обраќања попаднево во Советот за безбедност на Обединетите Нации, амбасадорите на Франција и Велика Британија оценија дека синоќешните напади врз цели во Сирија биле неопходни.
„Режимот во Дамаск со години го кршеше меѓународното право. Париз и нашите сојузници повеќе тоа не можеа да го толерираат“, изјави францускиот амбасадор при Обединетите Нации, Франсоа Делтар.
Тој додаде дека повелбата на Обединетите Нации не смее да служи за заштита на криминалците.
Британската амбасадорка во ОН, Крис Пирс, во обраќањето беше децидна дека употребата на сила била неизбежна.
„Мораше да се употреби сила за да се спасат животи“, нагласи таа и додаде дека Сирија не го уништила хемиското оружје на што била обврзана.
Москва до Советот за безбедност предложи нацрт резолуција каде се осудува, како што вели, агресијата на САД и нејзините сојузници на Сирија и кршење на меѓународното право од повелбите на Обединетите Нации. За усвојување на резолуцијата потребни се најмалку девет гласови, како и ниту една од петте постојани членки на телото – Русија, Кина, Франција, Британија и САД да не стават вето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.