Економија
На охридскиот аеродром слета првиот авион од Истанбул на „Онур Ер“
Со воден мост во форма на виножито, локум, разнобојни колачиња и сечење торта, ТАВ Македонија ги пречека првите 180 патници кои попладнево пристигнаа на охридскиот аеродром Свети Апостол Павле од Истанбул, во авион од типот Ербас А320 на авиокомпанијата Онур Ер, во организација на тур-операторот Татилбудур.ком
Новите сезонски летови Истанбул-Охрид-Истанбул ќе функционираат секоја недела, во периодот од 15-ти април до 21-ви октомври, со време на полетување од аеродромот Ататурк во Истанбул кон Охрид во 13 часот и 30 минути, додека од Охрид кон Истанбул ќе полетуваат во 15:00 часот.

„Ова ќе биде значителен придонес за порастот на вкупниот број турски туристи овде, како и за развојот на туризмот на Охридското Езеро воопшто. Иако се организирани како туристички пакети, овие летови не се само туристички тури, туку и добра врска помеѓу двата града како за бизнис, така и за посети на роднини и пријатели. Покрај резервирањето на патувања преку Tatilbudur.com, патниците исто така, можат да купат авионски билети и индивидуално, директно на www.onurair.com“, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

„Се надеваме дека ќе постигнеме успех во Охрид, заокружувајќи широк спектар на нашето културно наследство. Летовите треба да ги привлечат не само патниците кои живеат во Македонија, туку и оние кои живеат во соседната држава Албанија, а авио-картите можат да се купат преку нашата веб-страница, како и преку авторизираните агенции за продажба“, изјави Теоман Тосун, Генерален директор на Онур ер.

ТАВ Македонија очекува фрекфентна летна сезона на аеродромот во Охрид. Покрај Истанбул, најавено е дека ќе бидат отворени уште 3 нови сезонски дестинации –Варшава, Талин и Ајндховен, покрај постоечките сезонски летови од Амстердам, Брисел, Тел Авив, Катовице, во периодот од април до октомври.

Полскиот тур-оператор Рего бис, кој почна сезонски летови од Катовице до Охрид во 2017 година, објави дека ќе воведе уште една дестинација – Варшава; естонската авиокомпанија Нордика ќе отпочне сезонски летови од Талин до Охрид; холандскиот тур-оператор ТУИ, кој веќе лета од Амстердам, ќе ги прошири своите операции во Охрид, воведувајќи го Ајндховен како нова дестинација.

Почнувајќи од ноември 2018 година пак, Виз Ер ќе воведе нова редовна линија од Охрид до Виена, која ќе биде оперативна во текот на целата година. Во моментов, на охридскиот аеродром има три редовни линии, до: Базел, Цирих и Лондон, кои сообраќаат преку целата година.
Вкупно 448.729 патници патувале преку македонските аеродроми – Меѓународниот Аеродром Скопје и охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, во првите три месеци од 2018 година, што е пораст од 22% споредено со истиот период лани. Во исто време, на двата аеродроми се реализирале вкупно 4.018 летови, што е 19 % повеќе од првиот квартал во 2017 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.
Економија
Електродистрибуција го имплементира најновиот систем SIEMENS SCADA за дигитално управување со мрежа – Скопје
Во финална фаза на имплементација е најновиот SIEMENS SCADA систем за дигитално управување со среднонапонска и високонапонска мрежа, со што значително ќе се унапреди дигиталната трансформација и системите за далечинско управување и мониторинг, соопштија од компанијата.
Со помош на најновиот SCADA систем, како што е појаснето, ќе се оствари меѓусебно поврзување на диспечерските центри на ЕВН и МЕПСО со цел поквалитетно водење на целата електроенергетска мрежа во државата.
„Со инвестиција од еден милион евра, најсовремениот SCADA систем овозможува повисоко ниво на автоматизација, сигурност и оперативна контрола, што претставува клучен предуслов за ефикасна енергетска транзиција и поголема диверзификација на изворите на електрична енергија во земјата. Системот има особено значење во периоди кога сѐ поголем број фотонапонски централи се приклучуваат на дистрибутивната мрежа. Досега се регистрирани 2.963 нови приклучоци од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 860 MW, што во одредени ситуации може да претставува предизвик за стабилноста на енергетскиот систем. Со ваквите инвестиции во дигитализација на клучните процеси, Електродистрибуција обезбедува поквалитетни, доверливи и поефикасни услуги за своите корисници и ја зацврстува сигурноста и ефикасноста на мрежата, потврдувајќи ја својата заложба за модерна, транспарентна и дигитална енергетска инфраструктура“.

