Економија
Мицкоски до Миновски: Испратете јавно извинување или ќе ве тужам
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку својот профил на „Фејсбук“ се огласи по прес-конференцијата на генералниот директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски.
Според Мицкоски, прес-конференцијата на Миновски била наменета за одвлекување на вниманието по скандалите и коруптивите бизниси. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги опиша обвинувањата како лаги, клевети и измислени тези.
„Миноски призна дека помалку произведуваат од истиот период минатата година и тоа за 10%, имаат прелив и притоа губат значителни количини електрична енергија и немаат развојна политика. Миноски со лаги, клевети и измислени тези упатени кон мене сака да ја покрие вистината за тоа како најпрво поништуваат тендери, и наместо вториот најповолен понудувач со веќе објавена цена се избира иситата таа фирма но овој пат со далеку повисока цена, и во договор во 4 очи, како се прави оглас за милионски тендери со услови кои може да ги исполни само една компанија, и како тие услови преку ноќ се менуваат само за да се покрие скандалот и ред други неправилности кои повлекуваат сомнежи за сериозен криминал“,напиша Мицкоски.
Тој побара од актуелниот директор на ЕЛЕМ јавно извинување, или во спротивно, како што му порача, изнесеното ќе мора да го докаже низ судска постапка.
„За раководството на ЕЛЕМ и Владата, важни се клеветите и измислените информации упатени кон мене на денешната прес конференција. Затоа колега Миноски ќе имате период од 48 часа да испратите јавно извинување за сите клевети и навреди што ги изнесовте денес, а притоа му нанесовте штета на мојот углед и чест или во спротивно се што изнесовте денес ќе мора да го докажувате низ судска постапка. Одите во погрешен правец и ве советувам пола од енергијата која ја трошите да ме извалкате со невешто читање на напишани соопштенија да сработите нешто за доброто на татковината, за граѓаните за ЕЛЕМ. За сите злоупотреби кои ги исполнувате за вашите нарачатели ќе одговарате и ќе одговарате многу скоро“, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,26% во однос на одлуката од 24.11.2025 година.
Од 28.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,865 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,370%, кај дизелот за 6,738%, кај екстра лесното масло за 6,741% и кај мазутот намалувањето за 3,944%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4085%
Економија
Државниот пазарен инспекторат на терен по најавените продажни акции: трговците да обезбедат фер пазарни услови и да ги почитуваат законските обврски
Државниот пазарен инспекторат по повод најавените продажни поттикнувања “Black Friday” акции, ќе врши засилени вонредни инспекциски надзори кај сите трговци на целата територија на државата.
Целта е, како што е соопштено, да се обезбеди заштита на потрошувачите од нечесни трговски практики како и почитување на законските обврски од страна на трговците кои нудат попусти.
„Апелираме до сите трговци да обезбедат фер пазарни услови и да ги почитуваат законските обврски.
Секоја неправилност, доведување во заблуда на потрошувачите и измамнички дејствија ќе резултира со соодветни мерки од страна на Државниот пазарен инспекторат во согласност со законите.
Ги повикуваме граѓаните секоја нерегуларност да ја пријават во Државниот пазарен инспекторат на 191 или на www.dpi.gov.mk“.
Економија
Трипуновски: Опозицијата манипулира, ИПАРД 3-програмата не е загрозена, активностите течат според планираното
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања изјави дека борбата против корупцијата и криминалот мора да биде бескомпромисна и без исклучоци.
„Борбата со корупција и криминал не познава граници. Ние како Влада и како Министерство тоа го покажавме на дело. Независно дали некој извршува политичка или државна функција, доколку го прекршил Законот, треба да одговара. Сомнежите што постојат мора да се истражат и сите инволвирани да одговараат“, истакна Трипуновски.
Тој потсети дека претходната власт и покрај притисоците од јавноста, укажувањата и документите од свиркачи, не постапувала по наводите за сериозен криминал особено во Министерството за земјоделство додека со него раководел поранешниот министер Николовски.
Министерот објасни дека веднаш по сознанијата за злоупотреби од страна на директорот и други лица, бил активиран Националниот механизам, по што националниот координатор презел мерки за брза реакција и привремено стопирање на работата на Платежната агенција со цел да се утврди што точно се случувало.
„Тоа не значи блокада на средствата од Брисел, како што тврдеше опозицијата. Обидите да се манипулира јавноста дека ќе изгубиме 130 милиони евра грантови и дека земјоделците ќе останат без поддршка се невистини“, нагласи Трипуновски, додавајќи дека реакцијата на државата била оценета позитивно токму од Брисел.
Посочи дека тековните активности во Агенцијата се одвиваат согласно планираната динамика, а ИПАРД апликациите се во фаза на евалуација.
„Во ИПАРД 3 Програмата (2021–2027) вкупниот буџет изнесува 128 милиони евра од кои 97 милиони се европски средства, а 31 милион евра национално кофинансирање. Од 453 склучени договори, 289 се веќе исплатени, 111 корисници немаат поднесено барања за исплата, а 53 договори се во фаза на чекање. Паѓаат во вода обвинувањата на опозицијата дека илјадници договори ќе останат без средства и дека земјоделството ќе колабира“, истакна министерот.
Трипуновски додаде дека опозицијата се обидува со невистини да добие политички поени.

