Македонија
Граѓаните на Ѓорче Петров денеска на нови протести

Жителите на Ѓорче Петров за денеска во 18 часот најавија нови протести поради вчерашниот инцидент во кој автомобил удри десетгодишно дете. Според информациите, момчето имало внатрешно крвавење, напукнат череп и исчанчување на едното рамо.
Очевидци за „Макфакс“ изјавија дека во возилото имало маж и жена, кои веднаш по ударот, момчето го однеле на Ургентниот центар.
Непосредно по несреќата, стотина граѓани излегоа на протести пред Основното училиште „Мирче Ацев“. Тие велат дека повеќепати барале да бидат поставени светлосна сигнализација и легнати полицајци, но наишле на отпор од надлежните. Жителите се заканија дека ако се случи уште еден ваков инцидент, ќе го запалат цело Ѓорче.
Очевидци за „Макфакс“ рекоа дека момчето ја минувало улицата на пешачки премин, а возилото се движело во споритвна насока за да ги избегне дупките на патот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од населбата Драчево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе остане дел од населбата Драчево.
Од 08:30 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Маркова Река во населба Драчево, општина Кисела Вода, ќе останат без струја.
Македонија
Сончево и ветровито време, температури до 38 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Во следните денови следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток и за време на викендот кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне до 40°C.