Македонија
„О2 коалиција“ со повик до уставните судии да одлучат по спорните ДУП-ови за Карпош
Од „О2 коалиција“, која се бори за почист воздух во главниот град, денеска во соопштение нагласуваат дека и по еден месец од нивната јавна реакција, со која како граѓани го повикале претседателот на Уставниот суд да преземе одговорност и да ја утврди причината за одолжувањето и да побара одлучување по поднесените граѓански иницијативи во врска со ДУП З 06, З 04, З 05 и СЗ 19 во општина Карпош, Уставниот суд сè уште ги игнорира изразените основани сомнежи и продолжува да не го штити уставното начело на владеење на правото.
„Овие претставки се израз на повеќегодишни заложби на жителите во оваа скопска општина да стават крај на непланираното уредување и дехуманизација на просторот, уништување и деградирање на животната средина и на природата, сите нарушени и загрозени уставни темелни врдности и права“, се наведува во соопштението.

Како што истакнуваат од „О2 коалиција“ во писмото од 30 март, од претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски побарале да ги утврди причините за непостапување по предметите примени од Уставниот суд на 6 септември и на 18 октомври минатата година и да побара брзо одлучување по нив.
„Поразително за нас како граѓани на оваа држава и жители на урбанистички загрозената општина е што Уставниот суд, кој треба да го штити начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, сè уште не носи решение за поведување постапка по предметите за ДУП З 04, З 05 и СЗ 19. Истовремено, предметот за ДУП З 06 не е вратен за одлучување по неговото тргање од дневен ред од седницата на 31 јануари годинава. Следната седница на Уставен суд е закажана за 18 април и ниту еден од предметите не е на дневен ред“, велат од „О2 коалиција“.
Оттаму додаваат дека исклучително симптоматично е што додека одлучувањето по овие спорни четири предмети се одложува, судот одлучува по предмети што се примени подоцна.
„Свесното непостапување по предметите е срам за судиите, за Уставниот суд, за оваа држава. Бараме од уставните судии што ги имаат овие предмети да престанат со манипулација на своите надлежности, да не работат според нечии други бизнис-интереси и да постапат стриктно онака како налагаат правдата и Уставот. Повикуваме и апелираме за најитно решавање на овие предмети. Јавно ќе ги повикуваме судиите сè додека Уставниот суд не донесе конечни одлуки по четирите предмети“, стои во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана
Премиерот, Христијан Мицкоски, утре, петок, ќе присуствува на Самитот на лидери „Нашиот план до ЕУ“ кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.
Предвидено е на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ да се обрати премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски во Тирана на отворање на новите канцеларии на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“
Денеска во Тирана во присуство на голем број Македонци од Албанија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, на покана на Македонско здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ присуствуваа на отворање на новата канцеларија на ова здружение.
Мицкоски во обраќањето пред присутните ја нагласи и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија.
„Македонците во Пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат, во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, посочи Мицкоски.
„Мене ми е драго што на сите овдека ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва“, додаде тој.

