Македонија
Власта и опозицијата постигнаа договор за реформите во судството
Работните групи на власта и опозицијата ги усогласија ставовите во врска со реформските закони за судовите и за Судскиот совет.
Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на седницата ги разгледуваше амандманите што се носат без дискусија.
За првата точка, за предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, беа поднесени 14 амандмани, од кои седум беа прифатени.
Несогласувањата на владејачкото мнозинство и на опозицијата беа во однос на дисциплинската постапка за судиите.
Еден од клучните амандмани предвидува зголемување на основите за разрешување на судиите и тоа доколку не ги применуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права и ако открива доверливи информации од процесите што ги работи.
Втората точка на дневен ред беше и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на РМ. По оваа точка беа поднесени осум амандмани и сите осум беа усвоени.
Овие два закона се дел од реформскиот пакет-закони што беше планирано да бидат донесени пред објавувањето на извештајот на ЕК за напредокот на Македонија.
На седницата присуствуваше и заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски.
Како точки на дневен ред на денешната Комисија не се најдоа законите за кривичната постапка и јавно обвинителство бидејќи, како што дознава „Макфакс“, за овие закони власта и опозицијата не се усогласиле.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изнервирана затоа што бебето плачело го удирала со раце и тупаници по устата и носот: Обвинителството покрена истрага против мајката
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 23-годишна жена со престојувалиште во Ржаничино, која е осомничена за – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик.
На 9 ноември во вечерните часови, таа грубо ја запоставила својата мајчинска должност за грижа и воспитување, го запуштила и малтретирала својот 6-месечен син. Изнервирана затоа што бебето плачело, почнала да го удира со раце и тупаници по устата и носот, нанесувајќи му повреди со крварење.
Повредите кај детето ги забележал сопственикот на домот каде престојувала осомничената и уште една пријателка кои го однеле детето на лекарски преглед.
На Клиничкиот центар на детето му биле констатирани повеќе нови повреди – контузии и хематоми, но и постари подливи од претходни повреди. Во исто време, констатирано е дека осомничената од раѓање не го однела детето ниту на лекарски преглед, ниту на вакцинација, меѓу другото со цел да прикрие дека физички го удира бебето.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничената, пред се поради опасноста од бегство. Детето-жртва за кое не е познат другиот родител е згрижено преку Центарот за социјални работи.
Македонија
(Видео) Мицкоски побарал да се стопираат исплатите од ИПАРД за да се види до каде одела злоупотребата: Ќе одговараат сите, од прв до последен
Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска беше во посета на фабриката „Костал“ во Охрид, негираше дека средствата од ИПАРД се блокирани по апсењата за корупција во Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој.
На прашањето дали се блокирани средствата од ИПАРД, Мицкоски одговори дека тоа не е точно, туку напротив дека е поздравена позитивната акција од страна на луѓето од Европската комисија.
Тој додаде дека побарал да се стопираат исплатите на парите од ИПАРД за да се види до каде одат злоупотребите.
„Мораме да видиме до каде одат злоупотребите. Првичните информации говорат дека тоа не е од сега туку години наназад тоа е правено, така што се ќе истражиме и секој кој што мисли дека така ќе помине се лаже. Има да одговараат сите од прв до последен. Кој сака нека биде“, одговори Мицкоски на новинарското прашање.
Македонија
(Видео) Мицкоски со најава за нови инвестиции и вработувања на „Костал“
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски при посетата на фабриката КОСТАЛ Македонија, истакна дека е задоволен што „Костал“ верува во Охрид, верува во Македонија, верува во својот бизнис тука и продолжува да го зголемува своето производно портфолио.
„Сепак, станува збор за компанија којашто генерално е семеен бизнис со голема традиција. Моментално ако ја анализираме нивната состојба во 2024 година, доаѓаме до обрт од околу 3,5 милијарди евра што е значајна работа.
Нивните цели овде во Македонија се импресивни, да обезбедиме нови 200 работни места, да дојдеме до обрт којшто би бил поголем од 300 милиони евра и ние како Влада апсолутно сме тука да помогнеме во реализирањето на овие цели, бидејќи тоа за нас како држава значи многу“, кажа Мицкоски.

