Македонија
Заев: Нема да има лидерска средба за името
Нема да има лидерска средба за прашањето за името поради тоа што немаше некој посебен исчекор во Охрид на средбата меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, изјави премиерот Зоран Заев. Тој рече дека најверојатно ќе има само меѓусебно информирање меѓу него, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, претседателот на државата и на шефот на опозицијата.
„Нема да има лидерска средба поради тоа што тие заклучуваат дека навистина нема нешто толку значајно што би било основа за лидерска средба. Ние го почитуваме тоа, за нас е важно да бидат сите информирани и секако да ги споделиме идеите за следните стратешки чекори. Ред е не само да се информираме туку и заемно да се консултираме за стратегиите и чекорите што ќе ги преземеме за конечно да очекуваме национално единство и консензус во државата по вака важни прашања“, рече Заев.
Во врска со пишувањата во грчките медиуми кои веќе ги пренесуваат ставовите на грчката опозиција и власт, Заев вели дека граѓаните треба да знаат дека, како што рече, Македонија и Грција водат грижа меѓусебно и дека е точно дека постојат разлики од самиот почеток.
„Разликите постоеле 27 години, но исто така е точно дека имаме и исчекор во преговарачкиот процес. Секако не се решени работите до крај, но добро е што граѓаните на двете земји се прилично упатени, второ е добро што навистина никогаш не постоеле подобри услови за преговарачкиот процес, ниту, пак, поголема извесност за пронаоѓање решение на овој горлив проблем. Јас само испраќам порака дека треба да продолжиме навистина со заемна грижа за позициите од другата страна на преговорите, буквално ние да водиме грижа за грчката страна, а и тие за нашата страна за да можеме до крај да се обидеме да направиме сè, со целата памет што ја имаме, со целата креативност, двете страни да бидат задоволни од конечното решение и подеднакво незадоволни“, рече Заев.
Тој вели дека воопшто не размислува дека нема да се постигне компромис меѓу двете земји.
„Ако не се постигне, веројатно ќе продолжиме со разговорите, реформите ќе продолжат во државата, економијата ќе продолжи. Оваа е важна лента по која се движи Македонија, но и неколку други ленти се исто така отворени. Знам дека и да не најдеме решение на проблемот со Грција мораме да градиме пријателство. Јас ќе продолжам да градам пријателство, ќе подадам рака и ќе се обидувам за два месеци, за пет месеци, за година дена да се изнајде решение“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

