Регион
„Катимерини“: Грчкото знаме е причина за нови тензии меѓу Атина и Анкара
Надежите дека тензиите помеѓу Атина и Анкара можеби ќе стивнат по телефонскиот разговор помеѓу грчкиот премиер Алексис Ципрас и неговиот турски колега, Бинали Јилдирим, беа целосно скршени кога Турција се обиде повторно да го стави во прашање грчкиот суверенитетот во делови од Егејското Море, коментира грчкиот весник „Катимерини“.
Вчера, Јилдирим изјави дека турската крајбрежна стража отстранила грчко знаме од ненаселен остров во Егејското Море, чија припадност е спорна.
Јилдирим рече дека инцидентот е сличен на оној од 1996 година кога двата НАТО-сојузника завојувале поради ненаселениот остров Имија, т.е. Кардак на турски – за кого и Турција и Грција велат дека е нивен.
„Нашиот совет за Грција е да се воздржи од провокации и вознемирувања. Решени сме да дадеме соодветен одговор“, изјави Јилдирим.
Портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, сепак истакна дека нема докази за нарушувања и ги опиша тврдењата на Јилдирим како провокативни. Тој рече дека Грција никогаш нема да ја прифати територијата како неутрална зона ниту, пак, ќе остане настрана кога некој ќе го стави под сомнеж нејзиниот територијален суверенитет.
„Јилдирим треба да биде повнимателен. Ја повикуваме Турција да се врати на патот на меѓународното право“, истакна Цанакипулос додавајќи дека турските власти треба да преземант иницијатива за намалување на тензиите.
Истовремено, портпаролот на грчката влада увери дека тие ќе продолжат да го истражуваат случајот со знамето на мирен и сериозен начин.
Грчките медиуми напишаа дека три деца за време на велигденските празници пристигнале на островот и го поставиле грчкото знаме.
Турскиот весник „Хуриет“ напиша дека властите во Атина биле навреме известени дека тројца млади луѓе подигнале грчко знаме и имале доволно време за да реагираат. „Хуриет“ додава дека знамето било подигнато во петокот. Властите во Атина биле известени во саботата, но кога не презеле мерки, турските крајбрежни стражари биле испратени на местото за да го отстранат знамето.
Во 1996 година спорот за суверенитетот на островот Имија ги доведе двете страни на работ на војна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

