Македонија
(Видео) Зафировска: Пораката од Тито на старата железничка станица е извадена поради идеолошки причини
Првично, буквите од Тито што беа поставени на старата железничка станица во знак на ужасниот земјотрес што се случи во Скопје беа отстранети во 2000 или 2001 година по иницијатива на тогашниот министер за култура од идеолошки причини. Стиропорните букви беа лепени со квалитетно лепило кое може да издржи секакви временски услови и немаше никаква причина да бидат тргнати, вели в.д. директорката на Музејот на град Скопје, Фросина Зафировска.
Во тој период на власт во Република Македонија беше ВМРО-ДПМНЕ на чело со премиерот Љубчо Георгиевски. Владата беше избрана на изборите во 1998 година, но до 2000 година составот претрпе неколку измени. Првично, министер за култура во оваа влада беше Димитар Димитров, но во наредните две години тој е сменет по што на чело на Министерството за култура застана Ганка Самоиловска-Цветанова, која ја повела иницијативата за отстранување на буквите на Тито од старата железничка станица.
– Буквите беа направени од стиропор во осумдесеттите години, на заднина од иверка. Стиропорните букви беа лепени со квалитетно лепило што може да издржи секакви временски услови. Немаше никаква потреба да се вадат, извадени се од идеолошки причини – вели Зафировска.
Но, и покрај отстранувањето на буквите, граѓаните можеле да го прочитаат натписот поради лепилото што останало на таблите кои се тргнати седум години подоцна.
Како замена за отстранетите букви направена е табла како спомен-обележје на кое е ставен текстот од изјавата на Тито по стравотниот земјотрес. Таблата е во многу помал формат од првичните букви кои се отстранети и е поставена на влезот од Музејот на град Скопје.
Зафировска вели дека засега нема никаква одлука што да се прави со местото на кое порано беа поставени буквите по што додаде дека за каква било промена треба се разговара со Град Скопје.
Пред неколку дена група граѓани доставија барање до Град Скопје и Министерството за култура, со што започнаа иницијатива за повторно поставување на пораката од Тито на Музејот.
– Во колективната меморија на граѓаните на град Скопје испишаната порака на Јосип Броз Тито дадена по земјотресот од 26 јули 1963 имаше важно место и представуваше репер во постоењето и негувањето човечки релации во трагичните моменти на живеењето на еден град. Поттикнати од ехото на таа порака и потребата на нејзиното постоење за идните генерации, ние група граѓани поведуваме иницијатива за нејзино враќање на местото каде што била старата железничка станица, а денешен Музеј на град Скопје – велат од иницијативата.
Оттаму исто така велат дека во наредниот период очекуваат придружување на голем број граѓани, како и поддршка од одговорните институции и субјекти, дизајнери, архитекти и градежници и со тој гест да се одбележи 55-годишнината од земјотресот и Денот на солидарноста.
В.д. директорката Зафировска вели дека размислува за креирање поставка во Музејот, каде што би стоела пораката од Тито, како и други експонати поврзани со немилиот настан, но тоа вели дека не зависи само од неа.
– Треба да се слушнат и мислењата од Градот, Министерството за култура и Управата за заштита дали ние имаме право да направиме нешто такво на истото место – вели Зафировска.
Директорката на Музејот тврди дека истите букви не може да бидат вратени бидејќи не постојат. Според неа, потребно е ново решение, односно нови букви, кои ќе бидат изведени од професионалци.
– Можеби треба да се третира како спомен-обележје, а тогаш се знае по закон како оди таа постапка, но во секој случај јас сум за тоа да биде дизајнирано современо. И да се стават повторно буквите, тие не би биле од стиропор, туку од друг посовремен материјал. Јас лично немам против – вели Зафировска.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мисајловски: Со освоени 54 општини и градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие локални избори
Со освоени 54 општини и градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие локални избори. А владината коалиција, на овие избори, докажа дека е повеќе од стабилна и легитимна, со вкупно освоени 66 општини од вкупно 81, изјави Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа голема победа е и голема одговорност и обврска за работа и испорачување на резултати. Благодариме на секој граѓанин кој го даде гласот за ВМРО-ДПМНЕ и нашата коалиција. Ветуваме дека нема да ве разочараме и обезличиме. Нашиот образ мора да биде чист, а тоа ќе го направиме со работа и со проекти. Историска победа и обединувањето на народот на Кичево поради што падна и Фатмир Дехари и ДУИ е благодарност до секој еден Албанец, Ром, Турчин, Влав, Србин, Бошњак, и сите останати кои го дадоа гласот за Александар Јовановски. Обединувањето во Кичево е пример како ќе се гради Македонија“, рече тој.
Мисајловски рече дека има огромна победа во Брвеница на Јовица и покрај, како што кажа, сите дејствија кои ги презема неговиот противкандидат.
„И во Брвеница, Албанците, Ромите, Турците, Србите, Бошњаците, и сите останати, покажаа дека националните и етничките приказни на одредени структури, паѓаат во вода. Сотир Лукровски е новиот градоначалник на општина Карпош. Огромна и важна победа во Карпош. Исто така, победа издвојувавме и во градот Скопје, каде Орце Ѓорѓиевски е новиот градоначалник на градот Скопје. И тука имаме навистина многу работа. Граѓаните одбраа и промени во Валандово, во Дојран, во Дебарца, во Демир Капија, во Крушево, во Пробиштип, во Росоман, во Чучер Сандево, таму локалната власт ќе биде раководена од нови кадри, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Победивме и во Аеродром, Виница, Конче, Неготино, Лозово, Македонски Брод, Могила, Ранковце, Чешиново-Облешево“, рече Мисајловски.
Според него, опозицијата на овие избори е длабоко поразена. Тој смета дека СДСМ и ДУИ мора да се реформираат.
„Нивните политики граѓаните ги имаат прочитано и повеќе не поминуваат. На Македонија и е потребна конструктивна опозиција, која ќе дава аргументирана критика и поддршка на реформите. Кадровските промени на неколку луѓе во СДС, не е реформата која им е потребна. Проблемот во СДСМ е Филипче, затоа што е продолжена рака на Заев и се додека е така, СДСМ ќе тоне. Ги слушаме и граѓаните кои не излегоа на изборите и оние кои излегоа и ги направија своите гласачки ливчиња неважечки. Ние ќе работиме да го промениме нивното мислење со работа и со проекти“, изјави Мисајловски.
Македонија
Во вториот круг 19.287 неважечки ливчиња, само во Скопје над 10.000
Во вториот круг од локалните избори, што се одржа вчера во 33 општини, се евидентирани вкупно 19.287 неважечки гласачки ливчиња или околу 5,6 отсто од сите употребени ливчиња.
Само во град Скопје се евидентирани 10.528 неважечки ливчиња. За градоначалник на главниот град гласале 167.575 гласачи. Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња е 157.047.
Одѕивот во Скопје во вториот круг изнесуваше 35,33 проценти, а на ниво на сите општини во кои имаше втор круг таа беше 47,16 проценти.
Македонија
Временска најава: од попладне дожд, грмежи и северен ветер
Под влијание на влажна воздушна маса денес попладне, во текот на ноќта и утре ќе има повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни (над 15л/м2) и ќе има услови за појава на ретки грмежи, информира УХМР.
Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер (над 60 км/ч), а дневната температура утре ќе опадне за неколку степени.
В среда и в четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а нови локални врнежи од дожд повторно се очекуваат в петок и во деновите од викендот.
Во Скопје, кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта, ќе има врнежи од дожд, кои повремено ќе бидат пообилни. Во текот на ноќта и утре ќе дува засилен северен ветер.

