Македонија
Димитров на средба со делегација од Чешка: Безусловната препорака е победа за сите граѓани
Деновиве во официјална работна посета на Република Македонија престојува заменик-претседателот на Сенатот на Република Чешка, Јири Шестак, придружуван и од претседавачот со Комисијата за надворешни работи, одбрана и безбедност, Франтишек Бублан, претседавачот со Комисијата за европски работи, Вацлав Хампл, и шестмина други сенатори и двајца секретари.
Во рамки на програмата, денес тие беа примени и од министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Фокусот на разговорите беше ставен на блиската билатерална соработка меѓу Република Македонија и Република Чешка, со акцент на поддршката на Чешка кон евро-атлантскиот пат на нашата земја и најскоро отпочнување на пристапните преговори со ЕУ. Воедно, беше укажано на можностите за натамошно интензивирање на соработката во повеќе области од заемен интерес.
„Ова е прекрасен ден за средби со европски пријатели, особено како Република Чешка, која е силен поддржувач на европските и евро-атлантските интеграции на Република Македонија и регионот. Безусловната препорака од ЕК е голема победа за сите Европејци – граѓани на Република Македонија – кои дигнаа глас и успеаја да ја вратат државата на вистинскиот пат. Среќен сум што и формално ја имаме потврдата за тоа. Благодарни сме на Република Чешка за поддршката на нашите европски и евро-атлантски интеграции“, изјави министерот Димитров.
Во контекст на парламентарната соработка, и двете страни ја потврдиле активната соработка меѓу двете земји, како и можностите за нејзиното интензивирање и продлабочување во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Укината забраната за камиони на планинскиот премин Стража и на крак Маврово – Дебар
Во 08:00 часот се укинати забраните за тешките товарни возила на планинскиот премин Стража и на крак Маврово – Дебар, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.

