Македонија
Лекарската комора остро го осуди нападот на докторка во Кочани
Лекарската комора на Македонија најостро го осуди вчерашниот инцидент во општата болница во Кочани кога докторка во интерното одделение била физички нападната од страна на 54-годишен маж.
Од Комората бараат целосно расветлување на случајот и адекватно санкционирање на напаѓачот на докторката на нејзиното работно место.
„Со оглед на зачестеноста на појавите на вербални и физички напади на докторите на нивните работни места, Комората апелира здравствените власти и раководителите на здравствените установи да преземат дополнителни мерки и активности, посебно за дежурните служби и во ноќните часови, со кои на докторите ќе им се обезбеди соодветна заштита и услови за нормална работа“, се вели во соопштението.
Комората смета дека насилството над докторите не смее да се толерира, а во таа насока минатата година започнала и кампањата „Стоп за насилството во здравството“ која се реализира во соработка со Министерството за здравство.
„Плановите за спречување насилство врз докторите на медицина и стоматологија, фармацевтите, медицинските сестри, техничари, акушерки и другите здравствени работници мора да се изработуваат на национално ниво, но и во здравствени установи, додека инцидентите на насилство мора да бидат документирани преку систем кој ќе биде обезбеден од страна на владата и здравствените установи“, велат од Комората.
Како што истакнуваат, нивната заложба е јасна и транспарентна акција која нема никаква толеранција за насилство насочено против лицата кои даваат здравствени услуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Кејот на Вардар ќе добие нов лик
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера вечер, преку социјалните мрежи порача дека кејот на Вардар ќе добие нов лик.
Тој заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, изврши обиколка на кејот на реката Вардар.
„Од утре официјално започнуваме со реконструкција на спортските терени, со што овој простор ќе прерасне во современ спортско-рекреативен центар отворен за сите генерации.
Кејот ќе добие нови и целосно реконструирани терени за фудбал, одбојка и баскет, нова урбана опрема, како и модерни фитнес зони на отворено, достапни за секој граѓанин.
Со проектот се опфатени и спортските терени во Маџир Маало, кои исто така ќе бидат унапредени и ставени во функција на заедницата“, напиша Ѓорѓиевски.
Македонија
Претпладне претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта врнежи од дожд и снег
Претпладне претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголеми и најпрвин во западните делови, а потоа насекаде ќе има врнежи од дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од слаб снег. Во петок и недела ќе преовладува претежно облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а во сабота и понеделник ќе биде променливо облачно.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф 80 мм на улицата Мирослав Крлежа бр.54, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Мирослав Крлежа во општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.

