Македонија
(Видео) Намалување на цените на роамингот и дигитално поврзување на земјите од Западен Балкан, главни теми на Дигиталниот самит
Република Македонија денеска и утре е домаќин на Првиот дигитален самит на земјите од Западен Балкан. Ова е првиот од серијата настани од овој тип што ќе бидат организирани на годишно ниво, а на кој присуствуваат премиери, владни претставници, бизнисмени, претставници на ЕУ, регионални оранизации и академската заедницата.
Во текот на двата дена ќе се разговара за намалување на цените на роамингот, сајбер-безбедноста, зголемување на дигиталните вештини на граѓаните и меѓусебно дигитално поврзување на земјите од регионот. Дигиталниот самит на Западен Балкан е дел од берлинскиот процес и има цел регионална координација и приближување на регионот до европските земји.
Самитот официјално го отвори премиерот Зоран Заев, кој порача дека овој собир ќе придонесе за земјите од регионот уште посило да се поврзат со новата технологија и да ја искористат за уште подобра и поцврста соработка.
„Дигитализацијата е можност што не теба да се пропушти ако сакаме да обезбедиме иднина. Регионалната соработка има клучно значење во поврзувањето на граѓаните и државите на Западен Балкан. Таа регионална соработка доби суштина со берлинскиот процес, а особено со усвојувањето на планот во Трст“, рече премиерот Заев.
Самитот ги поврзува на едно место претставниците на владите, бизнисите, регионалните организации, граѓанското општество, академската заедница и младите со заедничка цел – размена на идеи и предлози за заедничко делување. Една од иницијативите што треба да произлезат е заедничкото барање до Европската комисија за меѓусебно признавање на дигиталните сертификати, што значи дигиталните потписи и печати.
На Самитот присуствуваат и еврокомесарите Јоханес Хан и Марија Габриел, претставници на ЕК и Советот за економска соработка, претставници на ИТ-индустриите и бизнис-секторот, како и академската заедница.
Парлалелно со Самитот, денеска ќе биде отворен и „Експо саем“, во кој компаниите од дигититалната сфера ќе ја презентираат својата работа, а ќе се одржи и камп за стартап-компании, како и конференција посветена на лажните вести.
Предвидено е високата преставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, која попладне доаѓа во Скопје, надвор од организацијата на Самитот да одржи вечера со владините преставници на земјите од Западен Балкан. На Самитот учествуваат претставници од Австрија, Англија, Франција, Италија, Германија, Словенија и од Хрватска.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

