Македонија
Иванов до Могерини: Датумот за преговори со Унијата ќе влијае позитивно врз реформите
Претседателот Ѓорге Иванов денеска ја прими високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини. Од кабинетот на Иванов соопштија дека на средбата биле разменети мислења за актуелната политичка состојба во земјава, за процесот на европска интеграција, како и за клучните предизвици со кои се соочуваат регионот и Европската Унија.
„Иванов ја поздрави обновената препорака на Европската комисија за отворање пристапни преговори со Македонија, истакнувајќи дека деблокирањето на интегративните процеси преку одредувањето датум за почеток на пристапните преговори, позитивно ќе влијае врз реформските процеси и врз целата општествено-политичка состојба во Република Македонија. Двајцата соговорници констатираа дека доследното и заедничко придонесување во исполнувањето на реформските процеси, од страна на сите чинители во државата, ќе придонесе за европската иднина на Македонија“, соопшти кабинетот на Иванов.
Претседателот порачал дека позитивната препорака за отворање пристапни преговори за Македонија и Албанија, има охрабрувачко влијание за кредибилноста на ЕУ и перспективата на целиот регион.
Имајќи ја предвид позитивната реторика од страна на лидерите од земјите од регионот за напредокот на секоја од другите земји од Западен Балкан, Могерини истакнала дека за првпат овој процес на проширување се фокусира на оригиналната идеја на Европската Унија, а тоа е мирот.
На средбата претседателот Иванов и Могерини размениле мислења и во однос на тековните разговори за прашањето за разликата околу името, соопшти претседателскиот кабинет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заедно со народот до уште една историска победа, изборниот процес помина мирно и демократски
„На крајот од овој значаен изборен ден, можеме со гордост да кажеме дека Македонија уште еднаш покажа зрелост, достоинство и демократска свест. Денес, нашата држава помина низ мирни, фер и демократски избори кои се гордост за секој наш граѓанин“, кажа Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој упати огромна благодарност на сите граѓани кои излегоа на гласање и ја покажаа својата одлучност и доверба.
„Сите извештаи говорат дека изборниот ден помина во мирна и достоинствена атмосфера. Тоа е доказ дека Македонија знае да спроведе демократски избори по највисоки стандарди.
Ние како ВМРО-ДПМНЕ очекуваме одличен изборен резултат. Во првиот круг граѓаните го направија вистинскиот избор, а сега во вториот, очекуваме разликата да се зголеми во наш прилог. Очекуваме голема победа!
Знаеме дека граѓаните очекуваат резултати, решенија и нова енергија. Ние таа доверба нема да ја изневериме. Од утре, продолжуваме со работа, со уште поголема посветеност и одговорност.
Во текот на вечерта, на следните прес-конференции ќе почнеме и со објавување на првите неофицијални резултати од гласањето“, извести Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференцијата.
Македонија
Обвинителство: Доставено само едно известување на подрачјето на Шуто Оризари за фотографирање на гласачко ливче
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење на евентуални кривични дела поврзани со изборниот процес во текот на денешниот ден го следеше вториот круг од гласањето на локалните избори, а во јавните обвинителства беа организирани вонредни дежурства со цел навремена координација и давање насоки за постапување на надлежните органи.
Изборниот ден помина без поголеми нарушувања на изборниот процес, а до јавното обвинителство во текот на денешниот ден е доставено само едно известување на подрачјето на Шуто Оризари за фотографирање на гласачко ливче. Итно се дадени насоки за документирање на настанот кој претставува прекршок, извести Обвинителството.
И покрај мирниот изборен ден, Комисијата на Јавното обвинителство останува активна до целосно завршување на изборниот процес, а сите што евентуално имаат сомненија за кривично дело поврзано со изборниот процес тоа можат да го направат во сите јавни обвинителства во државава или на посебната електронска адреса [email protected]
По сите пријави за кривични дела поврзани со изборите јавните обвинителства постапуваат со приоритет, соопшти Обвинителството.
Македонија
(Видео) „Влен“: Нашите кандидати добија широка поддршка во сите општини каде што настапуваат
„Процесот на гласање во вториот круг од локалните избори во целина се одвиваше во мирна и демократска атмосфера во сите општини во кои денес се одржа гласањето, вклучително и во општините каде што учествуваше коалицијата ВЛЕН“, кажа портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани.
„Според информациите од теренот, процесот на гласање се одвиваше без некои неправилности и во духот на граѓанска одговорност.
ВЛЕН изразува благодарност до сите граѓани кои денес го остварија своето избирачко право мирно и достоинствено, покажувајќи на тој начин висока демократска култура.
Истовремено, очекуваме од Државната изборна комисија фазата на затворање и броење на гласовите да се спроведе како и во првиот круг со целосна транспарентност, точност и професионализам, во согласност со законот и со волјата на граѓаните.
Според нашите информации од теренот, кандидатите на коалицијата ВЛЕН добија широка поддршка во сите општини каде што настапуваат и очекуваме резултати кои ќе ја потврдат таа доверба.
ВЛЕН ќе продолжи внимателно да го следи процесот до објавувањето на конечните резултати и останува посветен на фер избори, почитување на секој глас и зајакнување на довербата во демократските процеси“, изјави портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани.

