Економија
Од панелот „Дигитални разговори“: Дигитализацијата е патување, а не дестинација
На крајот од првиот ден, во завршницата на дел од Дигиталниот самит на земјите од Западен Балкан, на кој учествуваат членови на Владите на земјите од Западен Балкан, претставници на Европската комисија, Советот за регионална соработка, претставници на ИТ-индустријата и бизнис-секторот, како и претставници на академската заедница и младите, беа организирани и дополнителни настани, како панелот „Дигитални разговори“ како отворена сесија за разни теми од областа на дигитализацијата за сите заинтересирани учесници.
Учесниците на овој панел разговараа за потребата од следење на најновите трендови и тактики во дигитализацијата бидејќи сè повеќе социјални интеракции, однесувања, одлуки, мислења и трансакции се дигитализирани и посредувани од онлајн-платформи.
Една третина од вештините потребни денеска веќе нема да бидат корисни за неколку години и дигиталното учење ќе стане дигитално живеење во иднината, истакна Ана Алибегова, директор за развој на програмите на „Младиинформ интернешнл“, и нагласи дека дигиталните алатки константно се користат да ги трансформираат животите на младите.
Стефана Каревска, сениор-менаџер за советодавни услуги од Германија, во своето обраќање на темата посебен акцент стави на на 3Д-печатењето и истакна дека оваа технологија дава целосна слобода во дизајнирањето продукти, како и во самото производство. Оваа технологија има апликација во индустриската продукција, но сè повеќе и во медицината.
Таа констатира дека земјите мора да почнат да ги користат придобивките од широкиот спектар на дигиталните можности и вештини. Потенцира дека најголемо внимание треба да му се посвети на образовниот систем.
На потребата од ефикасни образовни програми за интернет, дигитални технологии и комуникации се задржа и Никола Јовановиќ од Србија, кој работи како консултант за личен, тимски и организациски развој. Тој своето излагање го фокусира на фактот дека во моментот образовниот систем се насочен исклучиво на процедури, а не на децата, и дека наставните програми се бавни и застарени. Заклучи дека образовните програми мора да се апдетјтираат со корисни, реални дигитални вештини.
Во текот на дебатата на овој панел, Линда Шомо, основач и извршен директор на EasyPay, истакна дека балканските земји треба да имплементираат стратешки решенија на високо ниво со цел да создадат ефективни дигитални финансиски и банкарски сервиси и дека дигитализацијата е патување, а не дестинација.
На оваа тема во потрага по одговори на прашањата што се важни за лицата со нови перспективи и идеи за управување за разбирање на дигиталната економија и за нејзиното влијание врз современите општества разговараа и Артиона Бого од Албанија, менаџерка за развој на бизнисот за Blockchain во САП, Горјан Јовановски, кој работи како лидер за развој во Booking.com, и Нина Ангеловска, коосновач и извршна директорка на Grouper.mk и коосновачот на Digitalizuj.me.
Артиона Бого се осврна на блокчејн-технологијата и истакна дека оваа технологија е тука да помогне во демократизација на општеството и во дистрибуирањето на моќта на повеќе корисници, без централна контрола.
Во продолжение Горјан Јовановски, креаторот на апликацијата „Мој воздух“, откри дека огромни количини дигитални податоци се собираат секојдневно. Тој констатира дека доколку овие податоци почнат масовно да се користат, тие може да се трансформираат во корисни информации, кои понатаму би можеле да ги подобруваат животите на граѓаните.
Конечно, Нина Ангеловска, која е коосновач и извршна директорка на Grouper.mk, потенцира дека развивањето на е-трговијата во Република Македонија е бавно и проследено со доста предизвици, но социјалните мрежи се клучот за зголемување на електронската трговија и зголемување на купувањата од страна на потрошувачите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

