Македонија
Фејзи Азири ќе биде вратен во затвор

Фејзи Азири, обвинет во случајот „Монструм“, ќе биде вратен во затвор за издржување затворска казна за нелегално поседување оружје. Кривичниот суд му ја одбил жалбата на Азири на решението со кое му се прекина издржувањето на затворската казна.
„Kривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по жалба на осудениот Ф.А., изјавенa против решение на судија, со кое се одбива молбата за продолжување на прекинот од издржување казната затвор, советот донесе решение со кое жалбата на обвинетиот се одбива како неоснована“, соопшти кривичниот суд.
Неделава во медиумите беше обелоденето дека Азири речиси два месеца бил во бегство од штипскиот затвор. Тој бил пуштен на отсуство, но кога му прекинало, тој не се вратил во затворот.
Азири во вторникот беше пронајден и уапсен со правосилна судска пресуда за издржување шест години затворска казна поради нелегално поседување оружје. Тој вечерта ја поминал на Клиниката за пулмологија, но сè уште не се знае колку е тешка неговата здравствена состојба. Претходниот ден, пак, неговата одбрана за време на рочиштето за „Монструм“ со документација го оправда отсуството по што тоа беше одложено. Судењето за „Монструм“ почна од почеток откако Врховниот суд ги укина пресудите. Случајот го презеде СЈО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.
Македонија
Ѓорче Петров и Сопиште денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од ул. 103 – Волково во близина на кружниот тек во Волково, во општина Ѓорче Петров;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, дел од корисниците од ул. 100 и 21 во село Волково, во општина Ѓорче Петров;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од село Сопиште (ул. 14 и ул. 16 кај Св. Мина) во општина Сопиште.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во работна посета на високо ниво на Велика Британија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од попладнево е во дводневна работна посета на Обединетото Кралство, каде ќе оствари работнa средбa со Герет Томас, министер за бизниси, извоз и услуги, средба со министерот за Европа, Стефан Доти, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Велика Британија за Западен Балкан. Исто така предвидени се средби и со претставници од бизнис заедницата во Лондон.
Тема на работните средби е зацврстување на стратешката соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.
Предвидено е на средбите да се разговара за економската и трговска соработка со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурниот сектор.
Покрај економските теми, ќе се потврдат и добрите политички односи меѓу двете земји.
Обединетото Кралство е стратешки партнер на Република Македонија во НАТО Алијансата и земја на второ место со која остваруваме најголем обем на трговска размена.