Македонија
Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ: Kоруптивното работење на криминалниот клан во власта мора да биде сопрено

На последниот редовен состанок на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој се одржа во текот на вчерашниот ден, била анализирана актуелната економска, политичка и општествена состојба во државата, информираат од партијата.
Притоа, извршниот комитет констатирал дека економската состојба се влошува.
„Просечната плата повторно падна, а трошоците за живот се во постојан раст и го намалуваат стандардот на живеење на граѓаните. Покрај граѓаните, со проблеми се соочуваат и стопанствениците, особено градежништвото, кое е во слободен пад благодарение на катастрофалната реализација на капитални проекти од страна на владата на СДСМ. Катастрофални се и состојбите во земјоделието и наместо да добијат гарантиран откуп на земјоделските производи, земјоделците едвај врзуваат крај со крај и се соочуваат со најниските цени во последниве години“, било констатирано на состанокот.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ заклучил и дека владата предводена од СДСМ нема стратегија за подобрување на економската состојба во државата.
„Основно барање на граѓаните останува вработувањето, но невработеноста стагнира последните 11 месеци, делумно поради влошената економска состојба, а делумно и поради немањето стратегија за привлекување странски инвеститори на владата на СДСМ“, констатирале во опозициската партија.
На состанокот било разговарано и за низата, како што се вели, скандали кои ја тресат владата на СДСМ изминативе неколку месеци, при што било заклучено дека доколку не сопре коруптивното работење на криминалниот клан во власта, Македонија ќе ги надмине и најкриминалните држави од африканскиот континент.
Се разговарало и за неажурноста на обвинителството, кое иако по допрен глас е должно да почне истрага за сомнителните тендерски процедури спроведени од власта, истрага сè уште нема.
Повторени биле и ставовите дека во Македонија има отсуство на демократија, а владата нема демократски капацитет, белег кој го потврди повеќепати изминатите 11 месеци.
Покрај разговорите за состојбите во државата биле разгледани и донесени и кадровски одлуки и беа финализирани постапките за избор на повеќе претседатели на општински комитети ширум Македонија.
За претседатели на општински комитети се избрани:
Куманово – Бране Петрушевски;
Сопиште – Јане Мицевски;
Гостивар – Лоран Сарашевски;
Чучер Сандево – Зоран Бајовски;
Велес – Игор Здравковски;
Чаир – Ѓоко Велковски;
Кичево – Ѓорѓија Сајкоски;
Кавадарци – Зоран Јованчев;
Неготино – Златко Пенков;
Валандово – Дејан Бошков;
Босилово – Тони Граждабнлиев;
Василево – Живко Атанасов;
Ново Село – Николче Стоилков;
Гевгелија – Андон Сарамандов;
Богданци – Кристијан Тодоров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска Давкова објави дека се фотографираше со Доналд и Меланија Трамп

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на својот Фејсбук-профил објави дека ѝ претставувало чест да присуствува на приемот што го приредија претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и неговата сопруга Меланија Трамп, по повод 80. Генерално собрание на Обединетите нации.
Во објавата таа истакна дека во овие турбулентни времиња е важно да не се отстапува од демократските вредности и да се работи заеднички на зачувување на глобалниот мир и безбедност, додавајќи дека САД остануваат искрен сојузник на Македонија.
„Благодарност за гостопримството!“, напиша Сиљановска Давкова.
Македонија
Филипче: Ѓубрето во Скопје е исклучиво одговорност на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Сoцијалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарски прашања поврзани со најновите анкети кои се појавија во јавноста, а кои наводно укажуваат на слаб резултат на СДСМ, остро ги отфрли ваквите наративи, оценувајќи ги како намерен обид да се искриви реалната слика во општеството.
„Прво, анкетите сметам дека се обид да се искриви вистинската слика во секојдневниот живот и реалноста, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ според наши анализи губи огромен број на гласови. Сакаат да створат некаква перцепција дека се победници, меѓутоа вистината е дека граѓаните воопшто не се задоволни од начинот како тие ги раководат општините“, рече Филипче.
Во одговорот, Филипче посочи дека токму локалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе четири години е најсилниот аргумент против нив, особено во главниот град.
„Еве, 90% од општините во Скопје, вклучувајќи и градот Скопје, се раководени од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 4 години. Па гледајте во каков град, какви општини живееме. Така што сметам дека е тоа само еден таков обид“, рече Филипче.
На новинарско прашање за хаосот со ѓубрето, запуштените улици и урбаната запоставеност на градот, Филипче директно ја посочи одговорноста кон ВМРО ДПМНЕ.
„Исклучиво и ексклузивно вината е во ВМРО-ДПМНЕ, во блокадите на Советот во Град Скопје, во рамките на раководењето на нивните општини. Еве, видете како е несредено, неискосено, неисчистено и во Аеродром, и во Кисела Вода. И сега тие луѓе повторно претендираат да бидат градоначалници“, рече Филипче.
Тој додаде дека оваа очајна слика е резултат на неработење и неодговорност на ВМРО ДПМНЕ, а дека пуштањето на анкети со однапред нарачани резултати е обид за одбрана од вистината.
„И во една таква ситуација, кога луѓето се свесни дека тие луѓе немале никаков перформанс, и сега се повторно кандидати, сè што можат во овој предизборен период е да пуштат такви лажни анкети“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Пожарите стивнаа, остана само еден активен

На територијата на државата денеска до 18:00 часот има два пожари на отворен простор, од кои еден пожар е активен и еден е изгаснат, информираат до ЦУК.
Активен е пожарот во Општина Демир Капија, кај м.в. Јаворица каде гори нискостеблеста деградирана шума.
Изгаснат е пожарот во село Дедели, во Општина Валандово, каде гореше депонија.