Македонија
(Видео) Собранието ги прифати препораките на омбудсманот за начинот на приведување на лицата со имунитет

На денешната 32. седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците заменик-народниот правобранител, Васка Мустафа, пред пратениците го презентира извештајот за работата на омбудсманот за изминатата година по кој Собранието одлучи да прифати 71 препорака од 20 области.
Меѓу препораките што ги прифати Собранието се и оние за регулирање на постапката за приведување и лишување од слобода лица што уживаат имунитет. Во таа насока ова прашање Собранието треба да го уреди со јасен и прецизен начин во Законот за кривичната постапка.
Во областа на полициските овластувања Собранието прифати уште неколку препораки од народниот правобранител, меѓу кои и почитување и применување на начелото на пресумција на невиност, унапредување на капацитетите, стручноста и независноста за спроведување целосни и квалитетни истраги.
Во областа правосудство Собранието прифати седум препораки од омбудсманот, и тоа Владата да преземе мерки за ефикасно остварување на правната заштита на граѓаните, како и измени во Законот за управните спорови, со цел воведување императивни одредби за задолжително одржување јавни расправи.
Меѓу другото, народниот правобранител посочува на потребата од преиспитување на постапките по кои постапува Јавното обвинителство, причините за недонесување одлуки и неефективните истраги за предмети против полициските службеници.
Омбудсманот побара и остварување на надлежноста на народниот правобранител да дејствува како пријател на судот со право да учествува на рочиштата давајќи предлози и мислења во согласност со утврденото во Законот за народниот правобранител. Оваа забелешка исто така беше прифатена од страна на Собранието.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Бројот на вработени намален за 17.000 – погубни економски политики на ВМРО-ДПМНЕ

Фрапатни се податоците кои покажуваат дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2024 година во земјава има над 17.000 помалку вработени, обвини СДСМ.
Според партијата, тоа е директен резултат на погубните економски политики, хаосот и несигурноста, како и напуштање на политиките кои ги востастави СДСМ за стабилна и одржлива економија.
„Со оваа неспособна Влада: пазарот на труд се стеснува, продуктивното население е разочарано и заминува, Фондот за пензиско осигурување е под притисок, бидејќи денес 1,63 вработени обезбедуваат една пензија, наместо 1,74 како што беше пред само една година. Владата нема стратегија, нема визија, нема мерки за задржување и отворање на нови работни места“, велат од СДСМ.
Од таму обвинија дека ова се последици од владеењето на Мицкоски и дека се зголемува несигурноста за младите, пензискиот систем се доведува во ризик, а приватниот сектор е оставен сам да се снаоѓа.
Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.