Македонија
Нова заедничка волонтерска екоакција за чистење на кејот на Вардар
Во организација на „Пивара Скопје“, Амбасадата на Кралството Холандија и компанијата „Пакомак“ годинава повторно се исчистени патеките и бреговите од двете страни на реката Вардар во централното градско подрачје на Скопје. Целта на оваа најнова екоакција, во која на волонтерска основа учествуваа вработените во „Пивара Скопје“, беше да се собере целокупниот сув отпад на двете страни од кејот на Вардар, кој понатаму ќе биде соодветно рециклиран.

Кон новата екоакција, која годинава се одвиваше под мотото Clean Up, Tweet Up, се приклучи и британскиот амабасадор Чарлс Герет, како и амбасадорот на САД, Џес Л. Бејли, со своите тимови. Благодарение на комуникацијата преку социјалната мрежа „Твитер“, во акцијата имаа можност да се вклучат и граѓаните.

„Заштитата и унапредувањето на животната средина е меѓу најзначајните области на кои сме посветени како компанија, но и како поединци кои на волонтерска основа одвојуваат дел од своето работно време за да дадат свој придонес во успехот на ваквите екоакции“, изјави Ламбро Патче, менаџер за односи со јавност и комуникации во „Пивара Скопје“. „Пивара Скопје“ како еден од основачите на „Пакомак“ континуирано вложува сериозни финансиски средства со кои се обезбедува ефикасно функционирање на системот за управување со отпадот од пакување. Како компанија постојано работиме на остварување и надминување на нашите, но и на националните еколошки таргети за собирање и рециклирање на амбалажниот отпад. Истовремено, преку ваквите екоакции сакаме да испратиме порака и апел кон другите компании и целото општество дека сите треба да го преземат својот дел од одговорноста и повеќе да се ангажираат во решавањето на проблемот со загадувањето, со што ќе создадеме одржлива иднина за нас и за следните генерации“, нагласи Патче.

Ова е трета по ред волонтерска екоакција што ја организираат „Пивара Скопје“, „Пакомак“ и Амбасадата на Холандија. Во претходните две акции беа исчистени брегот и водите на езерото Матка, како и кејот на реката Вардар, на кој и годинава се собираше целокупниот сув отпад. Годинешната акција е воедно и дел од активностите за одбележување на Денот на кралот – националниот празник на Холандија.
„Се радувам што оваа година имавме можност да го одбележиме нашиот голем национален празник и со ваква акција. Го споивме убавото со корисното и уште еднаш се обидовме да го дадеме својот придонес за намалување на загадувањето кое е голем проблем за луѓето и природата. Единствен ефикасен начин за трајно надминување на овој проблем е повеќе работа, посветеност и соработка меѓу јавниот сектор, компаниите и граѓаните. Со нашиот денешен ангажман сакаме да покажеме дека секој од нас може да даде личен пример за другите и да го поттикне решавањето на кој било проблем“, истакна амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп.

Целокупната логистичка поддршка за соодветен транспорт, селектирање и рециклирање на собраниот отпад ја обезбеди „Пакомак“ – специјализирана компанија чија основна дејност е управување со отпад од пакување заради минимизирање на несаканите ефекти од него врз животната средина.
„Седма година по ред „Пакомак“, со редовната поддршка и финансиите што ги добиваме од нашите компании основачи и другите членки на системот, успеваме да ги надминеме годишните национални еколошки цели кои ни ги одредува државата за собирање и правилен третман на отпадот од пакување. Но, постојат субјекти што пуштаат отпад на пазарот, а не учествуваат во финансирањето на системите за негово собирање и рециклирање, ниту ѝ плаќаат на државата за тоа, со што директно го оштетуваат буџетот и животната средина. Тоа е јасен показател каде треба да се бараат решенијата. Товарот и одговорноста за решавање на проблемите мора да го понесат сите“, изјави Филип Ивановски, извршен директор на „Пакомак“.

Сведување на минимум на влијанието врз животната средина е стратешка цел на „Пивара Скопје“. Следејќи го глобалното лидерство на Групацијата Кока-Кола НБЦ во доменот на одржливиот развој, како и практиките за одржливост на „Хајнекен“, „Пивара Скопје“, континуирано вложува во оваа област и спроведува конкретни активности со кои придонесува за почиста животна средина. Тие активности се насочени кон правилно управување со отпадот од амбалажа, како и намалување на потрошувачката на енергија и заштеда на вода. Како еден од основачите на „Пакомак“, „Пивара Скопје“ постојано вложува и во ефикасноста на системот за собирање и рециклирање на целокупниот отпад од пакување во земјата.
За своите досегашни заложби за одржливост и евидентните резултати во заштита на животната средина, „Пивара Скопје“, заедно со другите членки на Групацијата Кока-Кола ХБЦ, четири години едноподруго е рангирана на првото место во индустријата за пијалаци во светот според престижното глобално рангирање кое го прави „Дау Џонс индекси за одржливост“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

