Македонија
Средба Џафери-Грабар-Китаровиќ: Македонија има искрен и силен пријател во Хрватска
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со хрватската преседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, која престојува во официјална посета на земјава. На средбата присуствуваа и Даниела Рангелова, претседател на пратеничката група на Собранието за соработка со хрватскиот парламент, и членовите на групата, пратеничките Бети Рабаџиевска-Наумовска, Шпреса Хадри и Теута Биљали.
Џафери изрази задоволство од извонредните и пријателски односи меѓу Македонија и Хрватска. Истакна дека особено се цени фактот што Хрватска силно ја поддржува нашата земја во евро-атлантските интеграции, кои очекуваме да ги финализираме со полноправно членство во НАТО на претстојниот самит на алијансата.
Тој ја запозна својата соговорничка дека, покрај реформските процеси во евро-атлантските интеграции, особено по позитивниот извештај од Европската комисија, кој ја содржи безусловната препорака за почеток на преговорите, Собранието посветено работи и на планот на балансиран дијалог меѓу власта и опозицијата во донесувањето на стратешки важните закони.
Џафери ја потенцира важноста од натамошна заемна поддршка во мултулатералните и регионалните организации бидејќи потребна е континуирана посветеност во негувањето на добрите билатерални односи со конкретни дејства. Во однос на економската соработка, Џафери истакна дека таа треба и натаму да се унапредува, особено во делот на туристичката соработка, која е традиционална меѓу населението во двете држави.
Грабар-Китаровиќ се заблагодари на средбата и изрази задоволство што изминатава година е постигнат огромен напредок во демократскиот развој на земјата. Во однос на севкупната евроинтеграција на земјата ги сподели хрватските искуства на тој план и особено го истакна значењето на парламентот во процесот на претпристапните преговори, како и важноста на конструктивен пристап кон процесот и од страна на опозицијата. Ја истакна улогата на НАТО и ЕУ во градењето стабилна држава, во која странските инвеститори секогаш ќе имаат интерес да вложуваат, што натаму ќе доведе до развој на целата држава во целина. Особено го изрази задоволството од високиот процент на жени пратеници, што во споредба со Хрватска е речиси двојно поголем.
Грабар-Китаровиќ истакна дека Македонија има искрен и силен пријател во Хрватска, која и понатаму ќе ја поддржува во нејзините напори што побргу да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО.
Претседателот и членовите на групата за соработка ја запознаа хрватската претседателка со своите активности на планот на промовирањето на што поголемо учество на жените во политиката, со акцент за натамошно зголемување на бројот на жените во извршната и локалната власт. Истакнаа дека, без разлика на политичката идеологија, заедно и посветено работат на реформската агенда на евроинтеграција на земјата и ја изразија подготвеноста за натамошна поинтензивна соработка со своите колеги во хрватскиот Сабор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изнервирана затоа што бебето плачело го удирала со раце и тупаници по устата и носот: Обвинителството покрена истрага против мајката
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 23-годишна жена со престојувалиште во Ржаничино, која е осомничена за – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик.
На 9 ноември во вечерните часови, таа грубо ја запоставила својата мајчинска должност за грижа и воспитување, го запуштила и малтретирала својот 6-месечен син. Изнервирана затоа што бебето плачело, почнала да го удира со раце и тупаници по устата и носот, нанесувајќи му повреди со крварење.
Повредите кај детето ги забележал сопственикот на домот каде престојувала осомничената и уште една пријателка кои го однеле детето на лекарски преглед.
На Клиничкиот центар на детето му биле констатирани повеќе нови повреди – контузии и хематоми, но и постари подливи од претходни повреди. Во исто време, констатирано е дека осомничената од раѓање не го однела детето ниту на лекарски преглед, ниту на вакцинација, меѓу другото со цел да прикрие дека физички го удира бебето.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничената, пред се поради опасноста од бегство. Детето-жртва за кое не е познат другиот родител е згрижено преку Центарот за социјални работи.
Македонија
(Видео) Мицкоски побарал да се стопираат исплатите од ИПАРД за да се види до каде одела злоупотребата: Ќе одговараат сите, од прв до последен
Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска беше во посета на фабриката „Костал“ во Охрид, негираше дека средствата од ИПАРД се блокирани по апсењата за корупција во Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој.
На прашањето дали се блокирани средствата од ИПАРД, Мицкоски одговори дека тоа не е точно, туку напротив дека е поздравена позитивната акција од страна на луѓето од Европската комисија.
Тој додаде дека побарал да се стопираат исплатите на парите од ИПАРД за да се види до каде одат злоупотребите.
„Мораме да видиме до каде одат злоупотребите. Првичните информации говорат дека тоа не е од сега туку години наназад тоа е правено, така што се ќе истражиме и секој кој што мисли дека така ќе помине се лаже. Има да одговараат сите од прв до последен. Кој сака нека биде“, одговори Мицкоски на новинарското прашање.
Македонија
(Видео) Мицкоски со најава за нови инвестиции и вработувања на „Костал“
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски при посетата на фабриката КОСТАЛ Македонија, истакна дека е задоволен што „Костал“ верува во Охрид, верува во Македонија, верува во својот бизнис тука и продолжува да го зголемува своето производно портфолио.
„Сепак, станува збор за компанија којашто генерално е семеен бизнис со голема традиција. Моментално ако ја анализираме нивната состојба во 2024 година, доаѓаме до обрт од околу 3,5 милијарди евра што е значајна работа.
Нивните цели овде во Македонија се импресивни, да обезбедиме нови 200 работни места, да дојдеме до обрт којшто би бил поголем од 300 милиони евра и ние како Влада апсолутно сме тука да помогнеме во реализирањето на овие цели, бидејќи тоа за нас како држава значи многу“, кажа Мицкоски.

