Македонија
Работна вечера на премиерот Заев со хрватската претседателка Грабар Китаровиќ
Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерката задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, имаше работна вечера со хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, придружувана од хрватска делегација и хрватската амбасадорка во земјава, Данијела Баришиќ.
Хрватската претседателка пренесе порака на силна поддршка за интегративните процеси на Република Македонија. Таа рече дека Република Хрватска се радува на постигнатите успеси на Република Македонија, на внатрешен и надворешен план, дека е подготвена да продолжи да дава уште поактивна политичка и техничка поддршка за сè што ѝ е потребно на Македонија во делот на евроинтеграциите, како и во рамки на демократските процеси. Пораката на хрватската претседателка Грабар Китаровиќ е Македонија да учи од искуството на Хрватска и со квалитетни домашни реформи да ги затвора поглавјата од пристапните преговори, затоа што се тие потоа значајни и за квалитетот на живот на граѓаните, и за државата.
„Мотивирано работиме на реформите, заедно со сите политички и општествени чинители во државата, посебно по чистата неусловена препорака што ја добивме од ЕК и пораките што ги испраќа ЕУ кон Источна Европа, дека местото на овој регион е во Унијата. Многу ни значат искреното пријателство и големата поддршка што Хрватска ги даваше и ги дава на Македонија, а ние ќе продолжиме да даваме причини да ги олесниме тие заложби за интегративна иднина на нашата држава. Успеавме да изградиме и пријателство со соседите, има уште едно прашање коешто треба да го решиме, за коешто е потребна креативност во пристапот и не е неможно да се реши. Нашата цел е да добиеме датум за почеток на преговорите на нашата држава со ЕУ во јуни од Советот на ЕУ, што ќе биде силно охрабрување за граѓаните и институциите за перспективите на Република Македонија, но тоа ќе придонесе и кон стабилност и безбедност на цела Европа“, рече Заев. На средбата е договорено интензивирање и на економската соработка и зголемување на трговската размена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.
Македонија
(Видео) СДСМ бара оставка од директорката на ГАК по смртта на новороденчето: „Има сомнежи за лекарска грешка“
СДСМ бара оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство по смртта на новороденчето.
„Денеска со огорченост стоиме пред оваа Клиника, ГАК, и бараме одговорност за последниот скандал со смртта на бебе. Овде не умрело само едно бебе кое го имало целиот живот пред себе, овде умрела, вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста. А директорката се обидела да го сокрие случајот. Новородено бебе, со реална шанса за живот, починало на интензивна нега. На родителите им било кажано дека смртта била неизбежна. Дека ништо не можело да се направи“, вели Елена Радеска, од Комисијата за здравство СДСМ.
Според неа, документите од самата Клиника говорат поинаку.
„Внатрешни пријави, изјави на лекари и официјални записници велат дека има сомнежи за лекарска грешка. Началничката на интензивна нега, писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето. Според таа пријава, реинтубацијата траела дури 20 минути. Не секунди. Дваесет минути. Во тие 20 минути, на бебето му биле нанесени повреди по што настанала и смрт. Ништо од ова не им било кажано на родителите. Ниту дека постои сомнеж за сериозна лекарска грешка. За тоа дознале од новинари. Од свиркачи. Не од Клиниката. Не од институциите“, рече Радеска.
Според неа, клучното прашање зошто директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, иако била формално известена за сомнежите и за смрт со можни пропусти во лекувањето, два месеца не известила никого.
„Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството. Бараме итна оставка на директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев. Каква е таа докторка за која Хипократова заклетва е само на хартија? Бараме целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани – без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата“, рече Радеска.
Македонија
Вонреден надзор на Гинекологија по смртта на новороденче
Министерството за здравство нареди вонреден надзор по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и изрази сочувство до родителите.
„Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницира вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат по што ќе следува и стручен надзор. Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со Инспекторатот ќе постапи професионално, стручно и транспарентно со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, велат од Министерството.
Од таму велат дека во овие тешки моменти за семејството замолуваат да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивањето на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Министерството.
Ваквото соопштение доаѓа по веста дека на ГАК на 1 октомври починало новороденче.

