Македонија
Шекеринска во Вашингтон: Македонското членство во НАТО ќе создаде нова надеж за Балканот

Министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, ја почна официјалната посета на Соединетите Американски Држави со учество на тркалезна маса организирана од американскиот Атлантски совет на тема „Балканот и членството во НАТО низ призмата на Македонија: Високи влогови во однос на глобалната безбедност и судбината на демократијата во една мала земја“.
Како што информираат од Министерството за одбрана, на тркалезната маса Шекеринска зборувала за Балканот и предизвиците со кои овој регион се соочувал во минатото, за политичката криза во Македонија и новите реформски процеси, како и враќањето на земјата на патот кон евро-атлантските интеграции.
„Овие 10 месеци сериозно се фокусиравме на домашните реформи и на подобрување на добрососедските односи. Се насочивме на прашања кои беа во сржта на евро-атлантската интеграција – слободни медиуми, владеење на правото, меѓуетнички односи, отпорност на институции“, рекла министерката.
Навраќајќи се на настаните во Собранието кои се случија на денешен ден минатата година, Шекеринска рекла дека лани на 27 април Македонија го допрела дното. Сепак, како пример за новата реалност и демократските промени по само една година, министерката го споменала медиумскиот пејзаж и видливите подобрувања во таа област.
„Ние сме новата ѕвезда на последниот извештај на ‘Фридом хаус’, кој вели дека Македонија ја има најголемата шанса за демократски пресврт во Европа. За првпат по 2010 година ние гледаме подобрување во секој од критериумите. Медиумите се слободни да изберат кого ќе критикуваат, вклучувајќи ја и Владата, но ова е како демократијата треба да изгледа“, рече министерката.
Шекеринска посочила дека Владата вложува многу во односите со соседите, споменувајќи го договорот за добрососедство со Бугарија кој се потпиша за помалку од два месеца по изборот на Владата. Таа се осврнала и на реформските процеси во одбраната и Армијата.
„Оваа влада покажа дека е одлучна да ги смени тенденциите – оваа година го зголемивме нашиот одбранбен буџет за 15 посто, ги зголемивме платите за целиот воен персонал за 10 проценти, донесовме одлука од 2019 година да го зголемуваме буџетот годишно за 0,2 процентни поени и го зголемивме нашето учество во Авганистан за 20 проценти“, истакнала министерката во обраќањето.
Инаку, Атлантскиот совет е една од највлијателните тинк-тенк организации во САД и важен форум за дискусии поврзани со економските и политички промени кои го дефинираат 21 век, кој има свое влијание врз креаторите на политики и одлуки во САД. Тркалезната маса ja организира Иницијативата за трансатлантска безбедност, како дел од Атлантскиот совет, а ја модерираше нејзиниот претседател, Магнус Норденман.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Левица застана зад независниот Зоран Николовски во Битола

Партијата Левица денеска објави дека на престојните локални избори ќе застане зад независниот кандидат за градоначалник на Битола, архитектот Зоран Николовски.
„Чест ни е да ја најавиме широката и победничка платформа за Битола со која Левица ќе настапи на престојните локални избори. И официјално ја информираме јавноста дека Левица ќе го поддржи најдобриот избор за кандидат за градоначалник на Битола – архитектот Зоран Николовски, како докажан професионалец и човек кој може да се пофали со проектите во својот роден град“, стои во соопштението од партијата.
Од Левица потенцираат дека Битола, како бастион на нивната партија, заслужува силен кандидат кој ќе донесе свежи идеи и промени.
„Веруваме дека поддршката за кандидатот Зоран Николовски претставува авангардна комбинација која ќе донесе нови решенија и развој за Битола“, нагласуваат од таму.
Платформата, според Левица, ќе биде составена од интелектуалци и професионалци кои целото свое знаење ќе го стават во служба на градот.
„На овие избори настапуваме со јасна визија за нашата Битола, во која ги обединуваме прогресивните и компетентни потенцијали. Создаваме платформа на интелектуалци и професионалци кои ќе работат за една идеја – Битола. За една света идеја – Битола“, порачаа од Левица.
Македонија
Големи гужви на Богородица, Табановце и на Меџитлија поради продолжениот викенд

Зголемени гужви се забележуваат на граничните премини во Македонија, каде што возачите се соочуваат со подолго чекање поради продолжениот викенд и летните патувања. Најголем застој има на Богородица, Табановце и Меџитлија, каде колоните од возила растат од час во час.
На граничниот премин Богородица чекањето за излез од државата е околу половина час, додека на Табановце задржувањата за влез и излез се движат од 40 минути до еден час. Слична состојба има и на Меџитлија, каде возачите известуваат за долги колони и нервозни реакции. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања.
И покрај гужвите на границите, од Авто-мото сојузот информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, со зголемен интензитет надвор од градските средини. Поради летниот бран патувања, се бележи голема фреквенција на возила, а на некои делници е можен и краткотраен застој.
АМСМ апелира возачите да ја приспособат брзината, да ја почитуваат поставената сигнализација и да управуваат внимателно со возилата. Особено се посочуваат делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои ризик од појава на одрони. Најризични делници се Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Борова шума гори во Берово, депонии во Прилеп и во Долнени во пламен, чади и во Вардариште

Македонија денеска се соочува со сериозна слика на теренот – до 12 часот регистрирани се вкупно седум пожари на отворен простор. Од нив, три сè уште се активни, еден е ставен под контрола, додека три се целосно изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи.
Најсериозната состојба е во Берово, каде над туристичката населба Абланица огнот зафатил висококвалитетна борова шума. Силниот пламен и густата вегетација го отежнуваат гаснењето, а екипите се на терен и се борат за да го спречат огнот да се прошири кон населбата.
Во општина Долнени, депонијата во селото Дебреште е зафатена од пламен, што предизвикува дополнителни проблеми со густ чад и непријатен мирис кој се шири кон околните села. Слична е ситуацијата и во Прилеп, каде пожар избувна во фабриката „Изофас“, каде што огнот се проширил на ниска вегетација. Таму пожарникарите дејствуваат за да спречат ширење кон индустрискиот дел.
Во Скопје, на територија на општина Гази Баба, огнот зафати ѓубриште во Вардариште. Благодарение на брзата реакција, овој пожар е ставен под контрола и не претставува закана за пошироката околина.
Добра вест е што три пожари веќе се изгаснати. Во Гевгелија, кај селото Конско, пламенот кој зафатил ниска вегетација и дива депонија е локализиран. Исто така, изгаснат е и пожарот на депонијата во селото Банско кај Струмица, како и оној во Дебар, каде што огнот се проширил на плевна во близина на градските гробишта.
Од ЦУК апелираат на внимателност, бидејќи високите температури и сувото време создаваат услови за брзо ширење на пожарите. Граѓаните се предупредуваат да бидат претпазливи и веднаш да пријават секое забележано жариште.