Македонија
Светски ден на слободата на медиумите – новинарите во земјата слабо платени и незаштитени
По повод Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 Мај, ССНМ укажува на неопходноста од итна промена на приоритетите и фокусирање на работните и професионални права на новинарите и медиумските работници како место од кое почнува, но и во кое може да заврши искривоколчувањето на професијата.
„Не случајно веќе неколку години по ред во извештаите за слободата на медиумите во Македонија, вклучително и последниот на ‘Репортери без граници’, констатираат дека тие се слабо платени и работат во несигурни услови. Впрочем, податоците говорат сами за себе: платите во медиумите се под 300 евра, што е далеку под нивото на просечната плата во Македонија, но и под регионалниот просек. Дополнително, повеќе од половината или околу 54 проценти од медиумските работници и новинари не се вработени постојано, односно немаат договори на неопределено време, а ситуацијата е особено драматична во дигиталната сфера, каде што неминовно се сели до неодамна традиционалното печатено новинарство“, укажува новинарскиот синдикат.
Според ССНМ, колективните договори се мислена именка, за нив малку знаат и работниците и работодавците, а станува збор за документ што ги уредува сите витални прашања за функционирањето на медиумите. Условите во кои работат новинарите, но и медиумските работници, директно се рефлектираат на квалитетот на медиумската содржина. Новинарството е професија што се бори за уставното право на секој граѓанин да располага со факти на кои може да им верува, да добие потребни информации во извештаи што се напишани со внимание и прецизност.
„Кредибилни медиуми што инвестираат во идните генерации и кои му служат на јавниот интерес не се флоскула или некаков хир на новинарите, туку суштинска потреба на секоја земја која сака да се нарекува демократска. А тие не се можни доколку во нив работат економско уценети и исплашени луѓе. Оттаму, крајно време е прашањето за работните и професионални услови на новинарите и медиумските работници да го ставиме во центарот на дебатата за тоа какви медиуми сакаме во Македонија. Заканата од лажни вести пред која е исправено квалитетното новинарство во нашата земја, која стана синоним за лажни вести, не може да биде победена со слабо платена и недоволно обучена работна сила, која не е заштитена со колективен договор.
Сè додека нашите колеги се со ниски плати, сè додека се соочуваат со растечки тренд на хонорарни или привремени вработувања, со следење ризични настани без какво и да е осигурување, со родова нееднаквост и кршење на авторските права, тие нема да можат соодветно да одговорат на инвазијата од пропагандистички центри поради што довербата во професијата, но и демократскиот амбиент во земјата, ќе продолжи по надолна линија“, велат од Синдикатот на новинарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Заладување и снег низ цела Македонија
Времето денеска ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд и снег во пониските предели, додека на повисоките места и на планините ќе врне снег. Поради продор на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите на целата територија ќе преминат во снег.
Пообилни снежни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата, каде снежната покривка на планините ќе се зголеми за околу 20 сантиметри, додека во останатите места се очекува снежна покривка од 5 до 10 сантиметри. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 3 до 8 степени Целзиусови.
Во Скопје, претпладне ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе преминат во снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Температурата ќе се движи од минимални -2 до максимални 4 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, утре се очекуваат локални снежни врнежи и засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица, утринските температури на одделни места ќе се спуштат и под -10 степени Целзиусови, додека дневните ќе останат под нулата.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.
Македонија
Штетите од поплавите сѐ уште се санираат, ЦУК објави најнови информации
Центарот за управување со кризи објави најнови податоци за состојбата по обилните врнежи од дожд.
Пелагониски регион
Битола
Во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја.
Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација на коритото на Жабјанска река.
Во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, а нивото на водата е во опаѓање.
Ресен
Ангажирани се служби на Општина Ресен, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен, кои вршат обиколка и санација на поплавените подрачја. Состојбата е стабилизирана.
Крушево
ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево, општинските служби и надлежните институции интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки и го следат водостојот на Црна Река.
Демир Хисар
Надлежните општински служби го затворија локалниот пат кон село Мренога поради оштетен мост.
Долнени
Градежна механизација интервенира во селата Лажани и Пешталево на расчистување на одводните канали.
Југозападен регион
Охрид
ТППЕ Охрид и комуналните служби вршат испумпување на водата од поплавените подруми.
Општинските служби, Црвен крст, Итна медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.
Скопски регион
Скопје – Зелениково
Општинските служби ја следат состојбата на реката Вардар и критичните точки.
Полошки регион
Тетово / Желино
СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче.
Во село Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на реката Вардар.
Источен регион
Кочани
ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци.
Кратово
Општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките, без потреба од интервенции.
Југоисточен регион
Струмица
Нема интервенции – состојбата е стабилна.
Североисточен регион
Куманово и регион
ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата.
Во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.

