Македонија
Османи: Слободата на известувањето ја претставува слободата на општеството
По повод одбележувањето на Светскиот ден за слобода на медиумите, Секретаријатот за европски прашања во Клубот на пратенците организира неформален брифинг и појадок со претставниците на медиумите во рамките на кој преку отворен и искрен разговор се дискутира на мноштво теми од општествен интерес. Прашањата поврзани со медиумите и транспарентноста на политичкиот процес, независноста во информирањето, одговорноста на државата и институциите кон јавноста, како и современите предизвици, како што се лажните вести и манипулациите, се секогаш интересни за разговор.
„Денес е Светскиот ден на слободата на известувањето, што секако претставува еден од темелните, можеби и најважен сегмент, на кој почива изградбата на едно современо демократско општество“, истакна Османи во своето кусо воведно обраќање пред почетокот на неформалниот брифинг со претставниците на медиумите.
Тој потенцира дека медиумската сфера не претставува изолиран систем, туку слободата на медиумите се гради преку изградбата на стабилни институции, владеењето на правото, транспарентноста на Владата и државните институции, конкурентност, почитување на правилата и дека затоа слободата на медиумите претставува јасна слика за состојбата во општеството, за степенот на демократскиот развој, воопшто за степенот на цивилизациски развој.
„Се надевам дека ова дружење ќе може да прерасне и во традиција, со што секоја година ќе го одбележуваме овој важен ден како потсетник дека медиумската слобода треба постојано да се негува, а нејзината придобивка соодветно да се одбележи“, заклучи Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Сарај и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците од село Буковиќ, горниот дел (општина Сарај);
во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на улицата Струшка (општина Карпош).
Македонија
Апасиев: Следната недела ќе закажам посебна седница за трагедијата во „Пулс“
„Како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на РМ, следната недела планирам да ја закажам посебната комисиска седница на која ќе се разгледува добиената Претставка од „Здружението 16 Март“ на родителите од Кочани, на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани страшната трагедија во дискотеката „Пулс“. На седницата официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите“, напиша на социјалните мережи пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев.

За време на саботниот „Марш на ангелите“ во Скопје, семејствата на загинатите во „Пулс“ побараа пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 13 до 18 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд, во делови од котлината повремено пообилни. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија влажни воздушни бранови до крајот на седмицата следува период на променливо облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и ретки грмежи. Во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m2). Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.

