Свет
Според ОН, во нападот во Авганистан настрадале и 30 деца
Мисијата на Обединетите нации во Авганистан соопшти дека меѓу жртвите при минатомесечниот воздушен напад на авганистанската авијација имало и 30 деца. Во извештајот на ОН објавен денеска се наведува дека во нападот на 2 април загинале 36 лица, како и дека имало верска церемонија во провинцијата Кундуз, на која присуствувале стотици мажи и момчиња.
Исто така, се наведува дека тогаш биле повредени 71 лице, меѓу кои 51 дете. ОН наведуваат дека не можат да потврдат дали жртвите биле цивили, ниту дали талибанците биле присутни. На денот на нападот портпаролот на Министерството за одбрана рече дека во бомбардирањето биле убиени 30 талибански борци, кои учествувале на воена парада и дека цивили не биле присутни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ројтерс: Поддржувачите на Трамп повикуваат на немири и насилство по пресудата
Поддржувачите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп повикуваат на немири, револуција и насилна одмазда на социјалните мрежи откако поротата во Њујорк го прогласи Трамп за виновен за фалсификување деловни документи за да ги прикрие плаќањата на порно ѕвездата Сторми Даниелс пред изборите во 2016 година, пренесува Ројтерс.
Агенцијата наведува дека по пресудата, поддржувачите на Трамп одговориле со објави на веб-страниците поврзани со поранешниот претседател – „TruthSocial“, „Patriots.Win“ и „Gateway Pundit“, повикувајќи на насилство. Како што се додава, некои од поддржувачите на Трамп повикале на напади врз поротниците, егзекуција на судијата Хуан Меркан или директна граѓанска војна и вооружен бунт.
Агенцијата вели дека сите објави што ги видела повикуваат на насилство или бунт, но дека повеќето од нив не ги исполнуваат законските стандарди за криминална закана. Портпаролот на Трамповата TruthSocial мрежа рече, во врска со написот на Ројтерс за објавите на поддржувачите на Трамп, дека станува збор за „манипулативен, лажен, клеветнички и транспарентно глупав напис“ и дека е објавен „чисто од политички инает“.
Поротата на Окружниот суд на Менхетен го прогласи поранешниот американски претседател Доналд Трамп за виновен за фалсификување деловни документи за да ги прикрие плаќањата на порно ѕвездата Сторми Даниелс пред изборите во 2016 година.
Тој ја обвини актуелната администрација за пресудата и изјави дека тоа е направено со цел претседателот Џозеф Бајден „да го повреди политичкиот противник“. Доналд Трамп е првиот претседател во историјата на САД кој е осуден за кривично дело, пренесува медиумот.
Свет
Германија и одобри на Украина да го користи испорачаното оружје за напади на територијата на Русија
По САД, Германија и дозволи на Украина да го користи испорачаното оружје против руски цели.
Владиниот портпарол рече дека тоа е во согласност со меѓународното право.
„Заедно сме убедени дека Украина има право да се брани од овие напади според меѓународното право“, се наведува во соопштението.
„За таа цел може да го користи и оружјето што е испорачано, исто така од Германија, во согласност со нејзините меѓународни правни обврски. Украина е под воен притисок, особено во регионот Харков“, пишува ДВ.
Претходно, САД одобрија употреба на американско оружје за цели во Русија во ограничен обем. Ова се однесува само на контра удари во одбраната на градот Харков на истокот на Украина, објавија меѓу другото „Политико“ и „Си-Ен-Ен“.
Свет
Медведев: Украина и нејзините сојузници во НАТО ќе добијат разорен одговор
Украина и нејзините сојузници ќе добијат разорен одговор на потенцијалната употреба на западно оружје со долг дострел на руска територија, што би довело до вмешување на НАТО во конфликтот, предупреди заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев.
– Украина и нејзините сојузници од Алијансата ќе добијат одговор со таква разорна сила што НАТО едноставно нема да може да одолее да биде вовлечена во конфликтот – напиша Медведев на „Телеграм“.
Тој изјави дека воениот конфликт со Западот се развива во согласност со најлошото сценарио и дека има постојана ескалација кога се работи за моќта на применливото оружје на НАТО и затоа никој не може да ја исклучи можноста за конфликт со Западот влегува во финалната фаза, пренесе РИА.
– Западните земји кои наводно ја „одобруваат“ употребата на нивното оружје со долг дострел на руска територија – без разлика дали станува збор за стари или нови делови на нашата земја – мора јасно да го разберат следново: целата нивна воена опрема ќе бидат уништени и на територијата на поранешна Украина и други земји доколку од таму се извршат напади на руска територија – нагласи Медведев.
Тој додаде дека „индивидуалната“ помош на членките на Алијансата за Киев, која е насочена против Русија, претставува сериозна ескалација на конфликтот.