Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ќе инсистираме на сериозна истрага за сомнежите за криминал на Заеви

СДСМ ги потврди информациите соопштени во скандалот каде што Зоран Заев продава земјиште на кое денес Вице Заев гради зграда, велат денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ како реакција на соопштението на СДСМ, кое се однесуваше на денешното видеообраќање на Христијан Мицкоски.
„Тоа што во минатото не било поведено обвинение, не значи дека тоа треба да биде амнестирано и не значи дека во иднина нема да се истражи случајот и да биде утврдена одговорност за ваквите сомнежи за криминал. Одговорност ќе има. Ова е уште една потврда како криминалниот картел предводен од Зоран Заев, кој како тогашен градоначалник на Струмица, користејќи ја својата функција, продава државно земјиште, при што, по повеќе постапки, завршува во рацете на неговиот брат Вице Заев“, стои во партиското соопштение.
Како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните заслужуваат да знаат како братот и братучедот на Зоран Заев добиле дозвола да градат на тоа место.
„Исто така, јавноста заслужува да знае дали Зоран Заев како тогашен градоначалник ја злоупотребил својата позиција сè со цел да се оствари ова“, сметаат од партијата.
Оттаму уште еднаш го повикуваат Јавното обвинителство да ги испита тврдењата дали однапред се знаел добитникот на парцелата и под кои услови е отстапено правото на градење. Исто така, од опозициската партија бараат да се испита потеклото на парите на Сашко Брндевски за 700 илјади евра, кои се уплатени на сметката на Општината.
„Ова е класичен случај каде што со искористување на функцијата градоначалник може многу јасно да се види како се прави бизнис во Струмица. Ваквото енормно богатење на кланот на Заеви ниту е во интерес на општина Струмица ниту на економијата“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.
Македонија
Културен дом „Есма Реџепова“ на местото на старото матично во Шутка вети Орце Ѓорѓиевски: Вака ќе и оддадеме посебна почит

Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПНЕ Орце Ѓорѓиевски денес на жителите на Шуто Оризари им вети низа инвестиции што ќе создадат подобра локална инфраструктура, повеќе јавен простор и нови можности за спорт, култура, и социјална поврзаност пред се. Нов фудбалски стадион и нов културен дом кој ќе го носи името Есма Реџепова се главните проекти за Шутка.
„Во Шуто Оризари планираме изградба на нов културен дом ’Есма Реџепова’ на местото на старото матично. Ќе вложиме во културата како темел на заедништвото и локалниот идентитет овде. Домот ќе биде простор за театар, концерти, изложби, кино проекции и младински активности, но и симбол на достоинство, традиција и културна енергија на Шуто Оризари. Со тоа ќе оддадеме и посебна почит кон големата Есма Реџепова амбасадорка на ромската култура која со својот глас го претставуваше не само Шуто Оризари туку, Скопје и цела Македонија во целиот свет“, рече Ѓорѓиевски.
Со изградбата на нов фудбалски стадион во Шутка, Ѓорѓиевски очекува да се создаде современ спортски комплекс со терен за голем фудбал, трибини, соблекувални, осветлување и пристапна инфраструктура. Заедно со изградбата на новиот фудбалски стадион, Ѓорѓиевски предвидува и обнова на спортскиот центар Шуто Оризари, со целосна реконструкција на терените, засадување нови дрвја, зелени површини и нова урбана опрема.

И на жителите на Шутка Ѓорѓиевски им вети расчистување на депониите во првите 72 часа од преземањето на власта
На жителите на Шутка Ѓорѓиевски денес им го претстави проектот „Скопје, град кој се грижи за сите“ кој предвидува пакет социјални мерки со кои ќе се обезбеди системски одржлива и праведна поддршка за граѓаните во социјален ризик.
„Планираме градот да обезбедува поддршка за социјално загрозените семејства и поединци преку финансиска помош, хуманитарни пакети, психо-социјална поддршка и програми за образование и преквалификација“, рече Ѓорѓиевски.
Вложувањата во Шутка, Ѓорѓиевски ги претстави како дел неговата визија за Скопје како град кој расте рамномерно и создава можности за сите бидејќи, како што рече, Скопје е силно само кога сите негови општини се силни.
И на жителите на Шутка им вети расчистување на депониите во првите 72 часа од преземањето на власта заедно со Општината, граѓаните и општествено одговорни компании. Шуто Оризари е обиколено со големи диви депонии, а мини депонии има и на речиси сите места каде што се поставени контејнери и канти за отпад.