Економија
Владата предлага Собранието да го укине временското ограничување за продажба на алкохол
Министрите во Владата на денешната 67. седница го прифатија предлогот за измени и дополнувања на Законот за трговијата, чија цел е укинување на ограничувањата на времето на продажба на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и во малопродажните објекти.
Основните решенија на предлог-законот што ќе биде доставен на усвојување во Собранието на РМ предвидуваат продажбата на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и понатаму да се врши во лиценцирани продажни објекти, но притоа нема да се бараат посебни услови во продажниот објект за продажба на алкохолни пијалаци, ниту ќе се ограничуваат малопродажните објекти во кои таа ќе се врши, односно ќе се дозволи нивна продажба и во киосците.
Исто така, со предлог-законот не се ограничува времето за продажба на алкохолни пијалаци во малопродажните објекти во трговијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонија во фокусот на Microbalkans 2024: Никола Јошевски за улогата на финтек иновациите
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, од вчера учествува на престижната конференција Microbalkans 2024, што се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина. Како клучен панелист на темата дигитализација во микрофинансискиот сектор, Јошевски зборуваше за улогата на финтек решенијата во модернизацијата на финансиските услуги, нагласувајќи дека „технологијата драстично го менува нашиот секојдневен живот и овозможува микрофинансиските институции да нудат поефикасни, поудобни и безбедни услуги на корисниците преку дигитални платформи.“
Во своето обраќање, Јошевски ја истакна важноста на законските регулативи, кои, според него, ја зајакнуваат стабилноста и транспарентноста на македонскиот финансиски сектор. „По сите дискусии и панели, сите се едногласни дека Македонија има една од најдобрите законски рамки за градење на здрав и квалитетен финансиски екосистем,“ посочи Јошевски, додавајќи дека ваквата регулаторна поддршка создава поконкурентна средина за финтек индустријата и микрофинансиските компании.
Македонската делегација на конференцијата ја сочинуваат и други претставници на финансиските друштва, како и претставници на Министерството за финансии кои ќе дискутираат за ESG практиките и инклузијата во финансискиот сектор. Конференцијата, организирана од Асоцијацијата на микрокредитни организации на БиХ (AMFI) со поддршка од Европската унија, ги привлекува водечките имиња од регионот и пошироко. Меѓу реномираните говорници се Елма Зукиќ, претседателка на AMFI, Јасмина Селимовиќ, гувернерка на Централната банка на БиХ, и Ричард Хатавеј, потпретседател на Habitat for Humanity за ЕМЕА регионот.
Јошевски посебно го истакна успехот на Mint Fintech Group во развојот на финтек услугите и важноста на соработката со банки и глобални партнери, наведувајќи: „Горди сме на нашето партнерство со банка во Македонија и со VISA, со што креиравме наша прва VISA картичка и овозможивме средствата од нашите кредити да станат подостапни за клиентите.“ Mint е исто така една од ретките микро-кредитни организации во Македонија која нуди заеми и за поединци и за мали и средни претпријатија, со што 30% од портфолиото е насочено кон корпоративни заеми.
Конференцијата Microbalkans 2024 ја истакнува улогата на Македонија во микрофинансискиот сектор на Балканот и ја зацврстува позицијата на Mint Fintech Group како
лидер во финтек иновациите, промовирајќи ги новите можности за раст и развој преку дигитализација и засилена соработка во регионот.
(ПР)
Економија
Средби на Ангеловска-Бежоска со Бериган и Андреоли: Напредува процесот на оценување на земјата за пристапување кон СЕПА
Напредува процесот на оценување на земјава за пристапување во Единствената област за плаќањa во евра (СЕПА). За таа цел, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска одржа средби во Брисел со генералниот директор на Директорaтот за финансиска стабилност, финансиски услуги и унија на пазарите на капитал при Европската комисија, Џон Бериган, како и со Џорџо Андреоли, генералниот директор на Европскиот совет за плаќања, институцијата којашто ја носи конечната одлука за членството на земјите во СЕПА.
На средбите се зборуваше за барањето на земјава за членство во СЕПА, коешто беше официјално поднесено во јули оваа година, по обемната измена на законската и подзаконската регулатива во сферата на платежните услуги, банкарскиот систем и спречувањето перење пари, заради усогласување со европската правна рамка. Официјалното барање, на почетокот на октомври, беше дополнето и со најновите измени на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, со што се оценува дека се направени сите неопходни измени на законската и подзконската правна рамка. Во моментов се оценува нашето барање. Имајќи го предвид високиот степен на усогласеност на правната рамка, се очекува позитивна оцена со што нашата земја ќе може наскоро да пристапи во СЕПА. По добивањето позитивна оцена, деловните банки ќе треба оперативно да се приклучат кон европскиот платежен систем, за што е потребна претходна подготовка.
Членството во СЕПА е една од приоритетните активности поддржани со Планот за раст на Европската комисија од 2023 година, чијашто цел е забрзана економска интеграција на регионот во единствениот пазар на ЕУ. СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и целокупната економија, преку обезбедување побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА, поедноставување на процедурите, поголема транспарентност и засилена заштита на потрошувачите. Граѓаните ќе можат поевтино, побргу и поедноставно да примаат и да испраќаат парични средства во евра во земјите од СЕПА. Фирмите ќе можат полесно да се вклучат во прекуграничната трговија со стоки и услуги во земјите од областа на СЕПА, да го прошират својот бизнис и да ја зголемат конкурентноста. Пристапувањето за нив подразбира и пониски надоместоци, како и подобрено управување со паричните текови, имајќи предвид дека трансферите на СЕПА вообичаено се обработуваат во рок од еден работен ден, а кај инстант плаќањата, преносот на паричните средства ќе се извршува за 10 секунди најмногу, во кое било време во текот на денот.
Економија
ОКТА ги објави финансиските резултати за првите девет месеци од 2024 година
Финансиски резултати за третиот квартал/првите девет месеци од 2024
ЕБИТДА во првите девет месеци од 2024 година достигна 336 милиони денари при пад на цените на нафтата и зголемени трошоци
ОКТА ги објави финансиските резултати за првите девет месеци од 2024 година со ЕБИТДА која изнесува 336 милиони денари и добивка пред оданочување од 151 милион денари. Иако извозната продажба се зголеми за 12%, пониските меѓународни цени на нафтата и зголемените оперативни трошоци влијаеја на резултатите.
Приходите од продажба достигнаа 34.359 милиони денари, што е намалување од 36.136 милиони денари остварени во истиот период претходната година. Бруто маржата се намали за 30% споредено со истиот период минатата година и изнесува 637 милиони денари, пред сè поради падот на цените на нафтата.
Во третиот квартал од 2024 година, обемот на продажба се зголеми за 2% споредено со истиот период минатата година изнесувајќи 332.000 м³, поттикнат од зголемената продажба на домашниот пазар за 6%. Меѓутоа, падот на цените на нафтата влијаеше негативно на вреднувањето на залихите, намалувајќи ја бруто маржата за 64% и ЕБИТДА-та за 78% споредено со истиот период минатата година. Прилагодената ЕБИТДА ги надмина минатогодишните нивоа за 43%, поддржана од зголемената продажба на домашен пазар, чисти маржи (без ефект од вреднувањето на залихите) и пониските оперативни трошоци.
Во третиот квартал од 2024 година, компанијата изврши откуп на 10% од сопствените акции, покажувајќи доверба во нивната долгорочна вредност и посветеноста на своите акционери.
ОКТА во истиот период инвестираше 44 милиони денари во проекти за обновлива енергија, како фотоволтаичната централа од 12 мегавати која треба да почне со работа до крајот на годината. Ваквите инвестиции ја потврдуваат посветеноста на ОКТА на обновливите извори на енергија, намалувањето на емисиите и одржливиот економски раст.
ОКТА ја покажа својата непоколеблива посветеност на заедницата преку поддршка во време на вонредни ситуации. Компанијата обезбеди специјална опрема за гаснење пожари на непристапни терени за Територијалната противпожарна единица во Свети Николе во екот на беснеењето на еден од најголемите и најактивните пожари во земјата ова лето. Покрај тоа, ОКТА потпиша и Меморандум за соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата за спроведување на едукативни работилници за безбедност во сообраќајот во основните училишта, како и за отпочнување на онлајн кампањата „Каде брзаш?“ со цел да се подигне јавната свест за подобрување на сообраќајната култура.
Дополнително, ОКТА инвестираше во дигитализација на единствените мотори во државата за тестирање на цетанските и октанските броеви кои што се наоѓаат во лабораторијата на компанијата, воедно прва акредитирана лабораторија за тестирања од ваков вид во земјата. Оваа дигитализација ја подобрува прецизноста и анализата на квалитетот на горивата во реално време. Преку оваа инвестиција, ОКТА ја потврди својата посветеност на одржувањето на највисоките стандарди за квалитет на горивата, како на домашниот, така и на извозниот пазар.
Раководството на ОКТА ги приоретизира здравјето и безбедноста на своите вработени и потрошувачи, истовремено обезбедувајќи континуирано и непречено снабдување со најквалитетни нафтени деривати во земјата.
(ПР)