Македонија
Прилеп доби нов објект за згрижување 100 деца од предучилишна возраст

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовка, го посети новиот наменски адаптиран простор за детска градинка во ООУ „Рампо Левката“ подрачно училиште во општина Прилеп. МТСП во рамките на својот буџет обезбеди средства во износ од 1.642.176,00 денари за опремување на овој простор.
Во општина Прилеп континуирано се забележува недостиг на капацитети за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст. За таа цел, Министерството за труд и социјална политика во соработка со Општината заеднички пристапија кон решавање на оваа ситуација со адаптирање простор во кој ќе се згрижуваат до 100 деца од предучилишна возраст.
Се работи за објект од 331 м2, со посебен влез, 4 занимални, дистрибутивна кујна, 4 санитарни простории за деца, санитарна просторија за возрасни, кујна, ходник, просторија за вработени, соба за изолација и пацио/внатрешен двор.
„Главната задача која ја имаме наследувајќи еден разрушен систем е да ги зголемиме капацитетите преку изградба и адаптација на објекти. Многу ме радува што се интензивира отворањето нови капацитети за згрижување деца, што значи дека ги гледаме резултатите од нашата посветеност за остварување на програмска цел на оваа Влада – да се зголеми офатот на деца во предучилишно образование за 50% до крајот на мандатот“, изјави Царовска.
Градоначалникот Илија Јованоски дополни дека капацитетите ќе се зголемуваат и во наредниот период. ,,Во постапка е изработка на проектна документација за изградба на градинка во населбата „Точила“. Се надевам дека до крајот на оваа година документацијата ќе биде комплетно изработена и дека следната година ќе ја изградиме градинката. Сакам да напоменам и дека две компании од нашиот град бараат дозвола и законска можност, заедно со Општината да изградат детски градинки за потребите на нивните вработени’’, изјави тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ја поддржуваме одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Во врска со објавите на социјалните мрежи, за директорот на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува одлуката да биде разрешен од функцијата. Немаме сомневање дека јасно и недвосмислено институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Извршувањето на јавна функција носи конкретни обврски и одговорности.
Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво и управувањето на институциите мора да биде во согласност со вредносниот систем на одговорност за кој се залагаме и ќе продолжиме да се бориме“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.