Македонија
Османи: Потребни се храбри одлуки дома, кај соседите, но и кај земјите на ЕУ
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во просториите на Секретаријатот за европски прашања oствари средба со германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот.
Вицепремиерот најнапред изрази голема благодарност за континуираната поддршка и посветеноста на Германија за европските интеграции на земјите од Западен Балкан, најсилно истакната преку иницијативата „Берлинскиот процес“, како и за директната билатерална поддршка што Македонија ја добива од Германија. Османи изрази надеж дека во одлучувачките денови и недели кои претстојат Германија ќе продолжи со засилено темпо да го предводи процесот на проширување на ЕУ истакнувајќи ја тука и поддршката за евроинтегративниот процес на Македонија.
Во оваа насока тој посочи на позитивното расположение кое се создаде во текот на минатата година околу иднината на земјите од Западен Балкан, чиј напредок беше валоризиран и со Стратегијата за проширување на Комисијата, како и подоцна со извештаите за земјите од Западен Балкан.
„Сите овие настани, целиот овој контекст, создава нова позитивна атмосфера во регионот и претставува охрабрување и поттик за понатамошни реформи што ќе го приближат Западен Балкан кон ЕУ, процес кој се надевам ќе биде крунисан со позитивни заклучоци на претстојниот Самит во Софија, со што ќе се забетонира евро-атлантската ориентација на регионот“, истакна Османи и додаде дека годинава е клучна година за напредокот на земјата, но и за севкупните европски перспективи на Западниот Балкан.
„Ова е година кога и ние, нашите соседи, но и земјите на Унијата треба да донесат храбри и вистински одлуки“ – истакна Османи. Во таа насока тој посочи дека Македонија успешно ги адресираше предизвиците кои стојат на патот на нејзините европски интеграции, што очекува да резултира и со одлука на јунскиот состанок на Европскиот совет, за почеток на преговори, a за чија успешност, секако се надева и на поддршката од страна на Германија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

