Македонија
(Видео) Поповски повика на организиран фронт за борба против лажните вести
Mинистерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, денеска се обрати на отворањето на Петтата конференција за медиуми на Југоисточна Европа која денеска и утре (11-12 мај) се одржува во Струга, во организација на Канцеларијата на претставникот за слобода на медиумите на ОБСЕ, Арлем Дезир, со поддршка на теренските операции на ОБСЕ во Југоисточна Европа.
Целта на конференцијата, на која учествуваат меѓународни и локални експерти и членови на медиуми од Југоисточна Европа, е да се обезбеди платформа која преку отворањето дискусии за низа прашања, како што се безбедноста на новинарите, условите за работа на новинарите и медиумските работници, зајакнувањето на јавните сервисни радиодифузери, медиумската саморегулација и почитувањето на професионалните стандарди и лажните вести, ќе создаде услови за подобрување на медиумскиот простор во регионот, вклучително и преку презентирање на најдобрите практики.
Поповски говорејќи за значењето на слободата на изразувањето, вклучувајќи ја тука како што рече и слободата на медиумите како четврта власт во демократските општества, ги означи како едни од универзалните човекови права, признати и заштитени со соодветни документи од највисоките меѓународни организации.
„Кога Република Македонија беше обележана како ‘заробена држава’ беше така квалификувана и поради крајно загрижувачките извештаи за состојбата со слободата на медиумите и на изразувањето во државата. Посебен акцент беше ставен на лошата ситуација во која се наоѓаат медиумите во однос на нивната основна функција, слободно и без притисоци да ја информираат јавноста за сите релевантни прашања во општеството”, рече Поповски, и нагласи дека важен фактор за слободата на медиумите и изразувањето е овозможувањето услови и средина во која ќе се практикува слободното информирање без притисоци.
Toj потенцираше дека актуелната Влада по крајот на политичката криза демонстрираше силна политичка волја за спроведување на медиумските реформи на најтранспарентен начин, заложувајќи се за подобрување на условите за работење на медиумите во соработка со медиумските претставници.
„Во согласност со своите темелни принципи за транспарентност и инклузивност, најавивме и покажавме дека при донесувањето на законите и законските измени, целта на Владата е да се чуе гласот на медиумските професионалци, тие да бидат моторот на медиумските реформи, а ние подоцна да помагаме со механизми за нивна имплементација”, оцени Поповски.
Осврнувајќи се на предложените измени во медиумската легислатива, кои се во последната фаза од донесувањето во Собранието, Поповски ја повтори заложбата на Владата за целосна независност во медиумската сфера, преку професионализирање и департизирање на националниот сервис и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
„Целта ни беше што е можно повеќе да ја намалиме улогата на Владата и затоа покрај суштинските консултации со сите субјекти во медиумската сфера, во носењето на законските измени, побаравме поддршка и од опозицијата, за да создадеме целосно независен јавен сервис и да создадеме услови за целосна независност и ослободување од какви било можности за влијанија врз регулаторот, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги”, порача Поповски.
Според него, по прашањето за јавниот радиодифузен сервис особено е значајно да дојде до израз и почитувањето на концептот на едно општество за сите, за да може Македонската радиотелевизија (МРТВ), растоварена од политичкото или кое било друго влијание, да се издигне во вистински репрезент на културните и политичките различности.
Министерот Поповски во својот говор се осврна и на неодамна презентираните податоци по повод Светскиот ден за слободата на медиумите, според кои, статистички најризична професија во изминатата година била новинарската професија, која ги вклучува и сите други медиумски работници. Тој оцени дека тие тажни факти опоменуваат дека не смее да има застој во борбата за заштита на новинарите и во борбата за создавање услови за нивно непречено извршување на професионалните обврски.
„Оттаму, за Владата што ја претставувам на оваа конференција не постои никаква толеранција за никакви притисоци, закани, уцени врз новинарите и медиумските работници. Нула толеранција зак аков било обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето“, нагласи Поповски.
Тој повтори дека Владата, отворено осудувајќи ги сите напади што се случија во изминатиот период кон новинарите и медиумските работници, инсистира на правна разрешница на сите случаи на закани и додаде дека принципот на нула толеранција се однесува и на неказнивоста во однос на насилниците врз слободата на медиумите и врз слободата на изразувањето на медиумските работници.
Истакнувајќи ја заложбата за силна поддршка за истражувачкото новинарство, министерот Поповски потсети на мерките и чекорите кои ги презеде актуелната влада за полесен пристап до информациите во сопственост на владините институции, во согласност со политиките на транспарентност и отчетност.
„Суштината на медиумскиот бизнис лежи во информациите, т.е. испорачување на вистина преку објективно и целосно информирање на јавноста и сето тоа сторено со почитување на етичките правила. На тој начин, со саморегулацијата се штитат и универзалните човекови права – слобода на изразување и право на информирање, и слободните и професионални медиуми”, рече Поповски надоврзувајќи се дека само регулацијата е концептот од кој ќе произлезе и алатката за борба против модерниот, глобален тренд – лажните вести.
„Градот Велес стана синоним на лажните вести, но јас денеска уште еднаш ве повикувам сите вас – да направиме да биде синоним на борбата против нив. Вистината е оружјето, а проверката на фактите алатка”, оцени министерот Поповски, кој истакна дека е застапник на организиран фронт за борба против лажните вести, следејќи го принципот дека секоја Влада заедно со новинарите, медиумите и граѓаните, треба да бидат на чело на тој фронт против лажните вести.
Претставникот на ОБСЕ, Дезир, подвлече дека медиумите се општо добро, како воздух и вода, и служат на интересите на секој сектор на општеството, кога тоа е здраво, слободно и заштитено. Во своето уводно излагање, тој ја истакна силната потреба новинарите да дејствуваат заедно во духот на солидарноста и подвлече дека медиумите се најдобри кога новинарите можат да работат заедно, да ги изложуваат прашањата во општеството, како што е корупцијата, за да ги нагласат фактите и да ги објавуваат различни мислења за нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Подготвени сме за избори кога и да се одржат
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека партијата е подготвена да настапи на парламентарни избори кога и да се одржат – годинава, следната година, па дури и на редовните избори во 2028 година.
Филипче посочи дека работа е на премиерот да каже што мисли, но оцени дека, поради, како што рече, катастрофалното водење на државата, убеден е оти ќе има предвремени парламентарни избори.
Според него, не е важно дали изборите би се одржале на пролет, на есен или кон крајот на годината, бидејќи СДСМ е подготвена за изборен процес во секое време.
Македонија
Филипче: Нема услови за укинување на техничката влада
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека укинувањето на техничката влада треба да се случи дури кога општеството ќе биде зрело за тоа.
Филипче истакна дека слободната волја на граѓаните и фер изборите не смеат да бидат предмет на политички пазар, нагласувајќи дека се неопходни суштински реформи по европски стандарди, особено во областа на правосудството.
Според него, дури кога реформските закони ќе бидат донесени, целосно имплементирани и ќе почнат да се применуваат во судството, обвинителството и полицијата, ќе се создадат услови за укинување на техничката влада.
Филипче нагласи дека СДСМ ќе поддржи исклучиво реформи што ја движат државата кон европските стандарди.
„ВМРО и ДУИ нека договараат што сакаат, нивната соработка ни е позната. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Не сме на пазар. Наша обврска е да ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, истакна Филипче, додавајќи дека во овој момент не постојат услови за укинување на техничката влада.
Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со лидерите на политичките партии изјави дека постигнале согласност за укинувањето на техничката влада.
„Се согласивме за техничката влада дека треба да замине во минатото. Имаше предлог од еден од лидерите да се консултира меѓународниот фактор. Од една страна сакаме да бидеме дел од европското семејство, а од друга страна сакаме да имаме техничка влада. Во ред, еве нека има техничка влада и на наредни избори како што сака СДСМ, но од тие натаму да нема“, рече Мицкоски.
На лидерската средба во Клубот на пратеници присуствуваа и генералниот секретар на ЗНАМ Горан Минчев, лидерот на Вреди Билал Касами, како и лидерите на опозиционите ДУИ и Левица, Али Ахмети и Димитар Апасиев. Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче не присуствуваше.
Македонија
ДУИ за една изборна единица со праг од 5 проценти, за укинувањето на техничката влада предложи консултација со ЕУ и САД
Претседателот на Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по лидерската средба изјави дека партијата се залага за една изборна единица со изборен праг од пет проценти и со отворени листи.
Во однос на иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за укинување на техничката, односно Пржинската влада, Ахмети рече дека е потребна дополнителна консултација со Европска унија и Соединети Американски Држави, како коавтори на моделот.
Во врска со измените на Изборниот законик, Ахмети посочи дека ДУИ ги презентирала своите предлози и дека прашањето останува отворено за понатамошни дискусии.
Околу изборот на Народен правобранител, Ахмети изјави дека побарал дополнителни консултации, нагласувајќи дека не бил обезбеден потребниот консензус. За законите за „Сејф сити“, за кои е потребно Бадентерово мнозинство, Ахмети рече дека координаторите на пратеничките групи треба да изнајдат решение.
За останатите прашања, како што наведе, било договорено тој дополнително да се сретне со премиерот Мицкоски.

