Економија
(Видео) Македонија со активности за воведување 5Г-технологија
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска се обратија на јавната расправа за мерките и активностите потребни за воведување 5Г-технологија во Македонија.
Министерот Манчевски се осврна на придобивките од воведување 5Г и неопходноста од вклучување на сите засегнати страни при креирање на политиките за обезбедување на условите.
„Ако зборуваме за дигитализацијата како за четврта револуција, за 5Г-мрежата се смета дека ќе го смени начинот на кој ќе функционира општеството, многу повеќе од начинот на кој влијаела појавата на електричната енергија. 5Г-технологијата не само што ќе обезбеди побрз пренос на податоци туку ќе донесе нови функционалности и апликации со висока општествена и економска вредност. Од особена важност е да се истакне дека 5Г-технологијата може да биде инструмент за трансформација, односно дигитализација на традиционалните индустрии“, посочи министерот Манчевски.
Како што истакна тој, МИОА уште на почеток на 2018 година формира работна група за утврдување мерки неопходни за воведување 5Г, во која учествуваат претставници од јавниот сектор, регулаторни тела, индустријата, операторите, универзитетите итн. Нивните предлози, анализи и коментари се поставувани на порталот на МИОА за секој да може да се вклучи во дебатата.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, зборуваше за инфраструктурниот аспект за воведување 5Г-технологија.
„Министерството за транспорт и врски изготвува нацрт-закон за просторно и урбанистичко планирање, закон што точно ќе ги утврди постапките за изработка на урбанистичките планови за подрачја и објекти од државно значење. Од аспект на инфраструктурата, ова е прв чекор во олеснување на постапките и процедурите за воведување 5Г-технологијата. Во однос на прашањата поврзани со изградба на инфраструктурата, сакам да спомнам дека во фаза се измени на Законот за градењето, кој дополнително ќе ги олесни постапките за изградба на базните станици. Ова конкретно се однесува на забрзување и олеснување на постапките за издавање на одобренијата за градење“, информира министерот Сугарески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

