Македонија
Сиромаштијата и социјалната исклученост им го отежнуваат пристапот на Ромите до здравствените услуги
Нееднаквиот третман од страна на здравствените работници, неможност да ги набават пропишаните лекови и да платат за болничките трошоци, немањето доволно матични лекари и гинеколози во близина на местото на живеење, висока стапка на смртност на новороденчињата, се дел од проблемите на Ромите во системот на јавното здравство. Главните причини за тоа лежат во етничката дискриминација, социјалното исклучување и сиромаштијата на ромската заедница и иако институциите прават напори да ја подобрат состојбата со различни мерки, и неопходни се уште позасилени мерки на креаторите на здравствените политики со кои Ромите ќе добијат еднаква и квалитетна здравствена заштита како и сите други граѓани на земјава.
Ова беа главните поенти на конференцијата „Здравјето на Ромите: Пристап, предизвици и можности за подобрување“ што вчера (10 мај) се одржа во Музејот на современа уметност во Скопје во организација на Фондацијата „Отворено општество – Македонија (ФООМ)“ како дел од програмата за одбележување на 25-годишнината од основањето на Фондацијата. Претставници на ФООМ, Министерството за здравство, ромските невладини организации и експерти, на конференцијата ги изнесоа проблемите на Ромите поврзани со здравствениот систем, но и понудија пристапи за нивно надминување.
Конференцијата ја отвори Маја Бојаџиевска, претседателка на Управниот одбор на ФООМ, која истакна дека Ромите се есенцијалната слика на човештвото во 21 век онака како што Евреите беа есенцијалната слика на 20 век.
„Споредбата не е претерана имајќи го предвид жестокиот притисок на општествената неодговорност кој резултира со попречување до пристапот на правата на луѓето. Резултира со ужасно осиромашување, со нарушување на елементарниот дигнитет примерен на секое човечко суштество. Затоа денес, разговарајќи за здравјето на Ромите, не разговараме за друго, туку за самите нас, за тоа колку сме и колку можеме да бидеме луѓе. Пристапот до здравје и основните човекови права е клучот до човековиот гол живот“, рече Бојаџиевска на отворањето на конференцијата.
Министерот за здравство, Венко Филипче, се осврна на мерките за Ромите кои се спроведуваат според превентивните редовни програми на ресорното министерство. Во таа насока Филипче истакна дека Министерството овозможило бесплатни прегледи за време на бременост, бесплатни лабораториски испитувања за тие што немаат здравствено осигурување, бесплатно породување, како и грижа за родилките по породувањето од страна на патронажните сервиси. Министерот нагласи дека работат во насока на зајакнување на капацитетот на целиот здравствен систем, со што ќе се подобри пристапот до здравствена заштита на Ромите, но и ќе се обезбеди квалитетна здравствена заштита за сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

