Свет
САД се извинија откако аеродромските служби во Детроит принудиле канадски министер да го тргне турбанот
Официјални лица од администрацијата на Трамп објавија извинување откако обезбедувањето на аеродромот во Детроит побарало од канадскиот министер за иновации, наука и економски развој, Навдип Бејнс, да го тргне својот турбан, изјави министерот за „Ла прес“, пренесува „Гардијан“.
Бејнс се враќал во Торонто по средбите со државните лидери на Мичиген во април 2017 година и веќе ги поминал редовните безбедносни проверки, но бидејќи носел турбан, агент од безбедносната служба му рекол дека ќе мора да помине дополнителни проверки. САД ја изменија својата политика за патувања во 2007 година, дозволувајќи им на Сиките да ги задржат турбаните додека минуваат низ безбедносна проверка.
„Агентот ми рече да го тргнам турбанот. Го прашав зошто да го правам тоа кога детекторот за метал функционира правилно. Тоа беше непријатно искуство “, рече министерот.
Бејнс одбил да го тргне турбанот.
„Верував дека тоа е упад во мојот приватен живот “, рече тој. Агентот на крајот попуштил.
Бејнс вели дека кога патува, ретко го открива својот идентитет како министер на владата за подобро да ги разбере патувачките искуства – и фрустрациите – на луѓето кои немаат привилегии. Но кога и на втората безбедносна точка наишол на истиот проблем и било побарано од него да се идентификува, Бејнс неволну му го дал на агентот својот дипломатски пасош. Тоа биле миговите што следеле најмногу го вознемириле канадскиот министер.
„Останав без зборови … На чекор пред да се качам во авионот инсистираа да го тргнам турбанот. Но, откако го дознаа мојот дипломатски статус, ми рекоа дека сè е во ред. Тоа не е задоволителен одговор”.
Канадската министерка за надворешни работи, Кристија Фриленд, изразила разочарување кон нејзините колеги од САД поради инцидентоит, по што потсекретарите на САД за домашна безбедноснт и за транспортни се извинија за инцидентот.
Канада има повеќе министри од Сиките од која било друга земја во светот. На изборите во 2015 година, 20 Сики беа избрани за пратеници, а четворица – Бенс, Харџит Саџан, Амарџит Сохи и Бардиш Чагер – беа назначени за федерални министри.
„За жал, вакви инциденти се случуваат од време на време, особено на малцинствата. Но, тоа никогаш не треба да стане норма. Ќе продолжам да ја промовирам различноста и инклузијата низ целата земја како што направи нашата влада откако ја презедовме власта. Токму затоа се кандидирв за функцијата”, рече Бенс во изјавата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Свет
Франција го одложува самитот на Г7 поради UFC борба на роденденот на Трамп
Франција ќе го одложи овогодинешниот самит на Г7 за да избегне преклопување со големиот спектакл на борби планиран во Белата куќа на 80-тиот роденден на американскиот претседател Доналд Трамп, на 14 јуни, објавува „Политико“, повикувајќи се на двајца функционери запознаени со планирањето.
Собирот на лидерите на најмоќните економии во светот првично беше закажан за 14-16 јуни во Евиан-ле-Бен, Франција, на брегот на Женевското езеро. Сепак, бидејќи датумот се совпадна не само со роденденот на Трамп, туку и со Денот на знамето во САД, самитот беше поместен и сега ќе се одржи од 15-17 јуни.
Причината за одложувањето е настан што Трамп го најави уште во октомври – „голема борба во UFC“ на тревникот на Белата куќа. Извршната директорка на „Ultimate Fighting Championship“, Дана Вајт, вчера за „CBS News“ потврди дека логистичките детали се финализирани и дека се очекуваат до 5.000 гледачи на Јужниот тревник на Белата куќа.
Канцеларијата на францускиот претседател Емануел Макрон не сакаше директно да потврди дали промената на датумот, која сега е официјално објавена на веб-страницата на Г7, е поврзана со настанот на UFC. Тие само рекоа дека новиот распоред е „резултат на консултации со партнерите на Г7“.
Американската амбасада во Париз не одговори веднаш на барањето за коментар, а можноста за одложување на самитот поради роденденот на Трамп првпат ја објави локалниот медиум „LeMessager“.
фото/депозитфотос
Свет
Велика Британија, Франција и Германија: Употребата на „Орешник“ од страна на Русија е ескалација
Лидерите на Велика Британија, Франција и Германија ја опишаа употребата на балистичката ракета со среден дострел „Орешник“ од страна на Русија во западна Украина како „ескалирачка и неприфатлива“, според резимето од нивниот повик објавено од канцеларијата на британскиот премиер, Кир Стармер.
Стармер разговараше за ситуацијата во Украина со германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон.
Русија употреби ракета со среден дострел „Орешник“ во напад врз западна Украина, објави денеска новинската агенција ТАСС, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана. Ова е втор напад врз Украина во кој е употребено ова оружје.
Според руското Министерство за одбрана, нападот е извршен како одговор на „терористичкиот напад“ од страна на Киев врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин на 29 декември 2025 година. Украина го негираше нападот врз резиденцијата на Путин и ја обвини Москва за лажни тврдења за да ги оправда нападите врз владини згради во Киев.
Денови по самитот на кој европските земји ветија дека ќе понудат војници на Украина во случај на прекин на огнот, додека Вашингтон поддржа давање безбедносни гаранции за Киев, Европската унија соопшти дека Москва се обидува да ги заплаши сојузниците на Украина.
„Извештајот за употребата на ракетата „Орешник“ од страна на Русија е јасна ескалација против Украина и е наменет како предупредување до Европа и САД“, напиша шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, на X. Таа додаде дека е потребно да се зајакне противвоздушната одбрана и „да се зголеми цената на оваа војна за Москва, вклучително и построги санкции“.
Русија прво испали ракета „Орешник“ кон украинскиот индустриски град Днепар во ноември 2024 година. Путин тврди дека западните системи за воздушна одбрана не се способни да го пресретнат „Орешник“ и рече дека може да погоди цели и во Западна Европа.
Западните воени аналитичари предупредуваат дека „Орешник“ е способен да носи нуклеарна боева глава.
фото/епа

